Македонија
Доделени наградите „13 Ноември“
Во Националната опера и балет, синоќа, по повод одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, градоначалникот Петре Шилегов свечено им ги додели наградите на годинешните добитници, нашите сограѓани, кои со својот труд и творештвото дале свој придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок.
Од областа на науката наградата ја доби проф. д-р Христина Спасевска – професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје за остварувања во науката, техниката и стопанството од областа обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
Од областа на хуманитарната активност наградата ѝ беше врачена на д-р Жикица Ѓорѓиевски, по професија стоматолог, за континуирана поддршка на лицата од социјален ризик.
Д-р Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија, ја доби наградата од областа на културата за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на град Скопје.
Наградата од областа на уметноста ја добија Фросина Зафировска, кустос советник во пензија, за значајни достигнувања во областа на музејската дејност, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот и Бисера Чадловска, диригент, за континуирано успешно творештво во областа на музичката уметност.
Од областа на публицистиката наградата ја добија Ерина Богоева, фотограф, за изработка и издавање на монографијата со фотографии „Скопје – архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ и Александар Трајковски, музички педагог, истражувач и публицист за значаен придонес во областа на културата, уметноста и литературата со објавувањето на книгата „Музиката во македонскиот игран филм од Фросина до Лазар“.
Од областа на спортот наградата му беше врачена на карате-клубот „Работнички“ од Скопје за 50 години постоење и постигнати врвни спортски резултати на домашен и меѓународен план.
За истата област награда доби и Алили Бесир за освоено прво место на Европското првенство во борење за кадети.
Награда им беше врачена и на учениците Ана Марија Атанасовска и Стефан Стојковиќ од СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин “ за постигнати резултати во воннаставни активности и за успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот.
Во рамките на свеченоста по повод Денот на ослободувањето на Скопје во фоајето на Националната опера и балет беше отворена и изложба на ликовните дела што беа насликани на меѓународната ликовна колонија „Скопје 2019“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

