Регион
Рекордни бранови во Хрватска, експертите велат ова е само почеток
Највисоко ниво на морето измерено од 1955 година во близина на Сплит, бран со рекордна висина во близина на Дубровник, поплави по должината на целото хрватско крајбрежје – тоа се само делови од целосното сценарио, кои се навестување за она што во следните години и децении ќе станува сè почеста појава, пишуваат хрватските медиуми.
Со климатските промени ќе се зајакнат сите метеоролошки феномени што резултираат во вакви временски непогоди, пренесува хрватскиот портал „Индекс“.
Геофизичарот Мирко Орлиќ, специјализиран за цунами, вели дека кај Дубровник во вторникот, 12 ноември, е измерен највисокиот бран со висина од 10,87 метри.
Ветерот и брановите се само дел од приказната за поплавите какви што малкумина во Хрватска паметат. Другиот дел е високото ниво на морето.
„Арктичкиот мраз годинава кон крајот на октомври беше на рекордно ниско ниво, најнизок досега, а сега е изедначен со претходното најниско ниво од 2012 година. Тоа е поврзано со глобалното затоплување, кое не е униформирано и еднакво во целиот свет, туку е поголемо кај половите, а помалку изразено на екваторот“, нагласува Орлиќ.
Тој вели дека тековните настани на Јадранот се еден вид поглед кон иднината.
Во последните триесет години нивото на морето во Јадранот е зголемено речиси седум сантиметри. Најпрвин се развивало побавно на целиот Медитеран, но во последните години нивото е изедначено со порастот на океаните во целиот свет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
МОЛ го презема српскиот НИС
Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави дека е постигнат договор меѓу руската и унгарската страна, што треба да доведе до поволен исход во процесот на трансформација на Нафтената индустрија на Србија (НИС).
„МОЛ и ‘Гаспромнефт’ се согласија за основните одредби од идниот договор за продажба на НИС, кој ќе биде испратен до американската администрација за одлука, а Србија успеа да го зголеми својот удел во сопственост за пет проценти во преговорите“, рече министерката.
Изјавата доаѓа по неколку месеци интензивни разговори и неизвесност за иднината на NIS, дополнително интензивирани од геополитичките притисоци, санкциите против руските енергетски компании и растечкиот интерес на Европската Унија за структурата на сопственост и управување со стратешките енергетски системи во регионот.
Ѓедовиќ Хандановиќ потврди дека МОЛ и „Гаспромнефт“ се согласиле за основните одредби од идниот договор за продажба.
„Тоа беше барање на американската администрација и како такво ќе биде испратено до американската администрација за одлука. Важно е што во овие преговори Србија успеа да ја подобри својата позиција во споредба со 2008 година, кога останавме под 30 проценти сопственост. Беше договорено дека во иднина ќе го зголемиме нашиот удел во српската нафтена индустрија за пет проценти и ќе го достигнеме бројот на акции што ќе ни овозможи поголеми права за донесување одлуки во Собранието на акционери“, рече министерката.
фото/епа
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА

