Свет
Од Лондон до Сиднеј за 19 часа: се реализира најдолгиот лет во историјата

Водечката австралиска авиокомпанија „Кантас“ по еден месец од рекордно долгиот лет меѓу Њујорк и Сиднеј, планира пробен 19-часовен непрекинат лет од Лондон до Сиднеј.
Летот QF 7879 тргна од лондонскиот аеродром „Хитроу“ во 6 часот наутро и се очекува да слета 19 и пол часа подоцна на аеродромот „Кингсфорд Смит“ во Сиднеј.
Патот долг 17.800 километри е најдолгиот лет на „Кантас“ како дел од научни истражувања за намалување на влијанието на менувањето на временските зони врз патниците, односно истражувања на опциите за подобрување на здравјето на екипажот.
„Кантас“ за оваа потреба го преуреди новиот „боинг 787-9 дримлајнер“ за да добие максимална количина гориво и го ограничи бројот на патници и багаж.
Во авионот ќе има 50-ина патници и членови на екипажот.
Втор пат во историјата комерцијален лет ја прелетува ваквата оддалеченост. „Кантас“ во 1989 година со „боинг 747-400“ го прелета растојанието меѓу двата града за повеќе од 20 часа.
„Кантас“ почнал да лета меѓу Лондон и Сиднеј во 1947 година и за таа траса биле потребни вкупно пет дена, со шест попатни слетувања.
Минатата година компанијата ја воведе линијата Перт – Лондон, единствената директна врска меѓу Австралија и Европа за која се потребни 17 часа летање.
Минатиот месец „Кантас“ успешно го изведе најдолгиот непрекинат комерцијален авионски лет во светот – од Њујорк до Сиднеј.
Пробниот лет од 16.200 километри траеше 19 часа и 16 минути. Иако летот од Лондон до Сиднеј е 1.500 километри подолг од оној меѓу Њујорк и Сиднеј, се очекува да трае исто толку долго како резултат на воздушните струи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Трамп: Грета е луда, треба да оди на лекар

Американскиот претседател Доналд Трамп беше прашан од новинарите во Овалната соба за депортацијата на Грета Тунберг и други пропалестински активисти кои се обидоа да ја пробијат поморската блокада на Газа.
„Таа е само проблем“, рече Трамп, осврнувајќи се на шведската активистка. „Значи, таа повеќе не се грижи за животната средина, сега го прави ова?“ додаде тој.
„Таа е проблем, има проблем со управувањето со гневот, мислам дека треба да посети лекар“, продолжи Трамп.
„Ако некогаш сте ја гледале, таа е како… Млада личност и е толку лута, толку е луда“, рече американскиот претседател за Грета Тунберг.
.@POTUS on Greta Thunberg: "She has an anger management problem. I think she should see a doctor. If you ever watch her, for a young person, she's so angry. She's so crazy. You can have her." 🤣🤣 pic.twitter.com/a7Mqhu1kpO
— Rapid Response 47 (@RapidResponse47) October 6, 2025
Шведската активистка пристигна во Грција во понеделник, каде ја дочека воодушевената пропалестинска толпа откако израелските власти ја депортираа заедно со стотици други активисти. Тие беа уапсени на отворено море додека се обидуваа да достават хуманитарна помош во Газа, објави Ројтерс. Израел потврди дека во понеделник протера 171 активист, вклучувајќи ја и Тунберг, со што вкупниот број на депортирани лица се искачи на 341.
Според соопштението на грчкото Министерство за надворешни работи, 161 активист, вклучувајќи ја и 22-годишната Тунберг, слетаа во Атина во понеделник. Групата вклучуваше 27 грчки државјани, како и активисти од речиси 20 други земји.
GRETA THUNBERG FULL SPEECH IN GREECE AFTER BEING ABDUCTED BY ISRAEL
“Thank you to all of you who are keeping an eye on the flotilla & sharing our content” pic.twitter.com/ldS6ZJsL8Y
— Global Sumud Flotilla (@GlobalSumud) October 6, 2025
„Да бидам многу јасна. Пред нашите очи се случува геноцид“, изјави Тунберг пред толпата на аеродромот во Атина, осврнувајќи се на воените операции на Израел во Газа. „Никој нема право да каже дека не знаеме што се случува. Никој во иднина нема да може да каже дека не сме знаеле“, рече таа, додавајќи дека државите имаат обврска според меѓународното право да реагираат за да спречат геноцид.
фото: принтскрин
Свет
Калас: Крајот на човечкото страдање во Газа е наш апсолутен приоритет

Крајот на човечкото страдање во Газа е наш апсолутен приоритет, овој циклус на смрт мора да се запре, изјави денес високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
На состанокот меѓу ЕУ и Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив, што се одржа во Кувајт, Калас рече дека мора да се искористи политичкиот моментум од Њујорк, објави Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
„Ги поддржуваме тековните напори за постигнување прекин на огнот, ослободување на заложниците и воспоставување политичка рамка за мир. Европската Унија е подготвена да придонесе за овој план со сите расположливи средства“, рече Калас.
Според неа, ЕУ е најголемиот хуманитарен донатор во Газа, основа нова Група на донатори за Палестина и останува најголем финансиски поддржувач на Палестинската самоуправа со 1,6 милијарди евра наменети за периодот 2025-2027 година.
ЕУ се обидува да добие улога во преодната влада на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа, изјави Калас пред новинарите на маргините на состанокот. „Да, сметаме дека Европа има важна улога и дека и ние треба да бидеме вклучени во тоа“, рече таа, одговарајќи на прашањето дали ЕУ сака да учествува во Комитетот за мир на Трамп.
„Европската унија е еден од главните донатори на помош за Палестинците и има врски и со Палестинската самоуправа и со Израел, истакна Калас. „Мислам дека Европа не треба да биде само давател на средства, туку и активен учесник“, рече таа.
Калас нагласи дека ЕУ работи на мировен план и соработува со арапските партнери. „Тие разбираат дека е во интерес на сите да бидеме присутни, па се надеваме дека и Израелците ќе се согласат со тоа“, додаде таа.
Фото: принтскрин
Свет
Путин разговараше со Нетанјаху за ситуацијата на Блискиот Исток

Рускиот претседател Владимир Путин денес разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и конфликтот во Појасот Газа.
„Владимир Путин имаше телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху“, објави веб-страницата на Кремљ.
Путин и Нетанјаху разговараа за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и во контекст на предложениот план на американскиот претседател Доналд Трамп за решавање на проблемот во Газа.
Путин му го повтори на Нетанјаху цврстиот став на Русија во корист на сеопфатно решение за палестинското прашање врз основа на меѓународното право.
Дополнително, лидерите изразија интерес за наоѓање договорено решение за ситуацијата околу нуклеарната програма на Иран и стабилизирање на ситуацијата во Сирија, пренесува Танјуг.
Путин му го честиташе на израелскиот народ еврејскиот празник Сукот. Нетанјаху му ги изрази своите најдобри желби на рускиот претседател во пресрет на неговиот роденден, на 7 октомври.
Фото: принтскрин