Македонија
(Видео) Мицкоски до наставниците: Заев не ви додава, туку ви одзема од платите кои чесно ги заработувате
„Почитувани наставници и професори, драги колеги и пријатели, вие сте луѓето коишто ја образуваат нашата нација и од мене ја имате целата почит. Дозволете ми да ја разобличам лагата која Зоран Заев сака да ви ја сервира, лажно прикажувајќи дека наводно ќе ви ја зголемел платата, и тоа сака да го продаде како негова голема широкоградост.Вистината е дека ова зголемување кое ви се ветува е задоцнето и премало“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во видеообраќање на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Според него, уште поголемата вистина е дека Заев наместо да даде, одзема од нивните плати кои чесно ги заработуваат и кои им се гарантирани со Закон за минимална плата и Колективен договор во образованието.
„Согласно потпишаниот Колективен договор, кој има сила на закон, и Законот за минимална плата на наставниците и професорите платата се пресметува како резултат на минималната плата која се исплаќа во државата помножена со коефициентот на сложеност за вашето работно место кој во моментот изнесува 2,533.
Поточно, ако знаеме дека согласно Закон за минималната плата, минималната плата во државата изнесува 12.500 денари, и ако оваа сума се помножи со коефицинетот 2,533, ќе дојдеме до сумата од 31.660 денари, сума која треба да биде просечна плата во образованието, односно ваша плата. Да повторам, 31.660 денари! Доколку ако ја земеме најавата за нова минимална плата, која треба да изнесува 14.500 денари, вашата плата согласно Колективниот договор и Законот за минимална плата треба да биде 36.800 денари, да повторам 36.800 денари.
Што прави Заев деновиве соочен со својот политички крај и извесен изборен пораз? Тој се обидува да ви продаде лажна слика дека наводно ви ја зголемува платата со најавеното покачување од 10%.Просечната плата во образованието, која изнесува 23.680 денари, ветува дека ќе ја зголеми за 10% или апсолутно за 2.360 денари, и таа вашата просечна плата ќе достигне ниво од 26.000 денари. Доаѓаме до вистината, По закон просечната плата во образованието денеска треба да изнесува 31.662 денари или доколку постоечката минимална плата се зголеми на нивото од 14.500 денари тогаш по закон вашата плата треба да изнесува 36.800 денари, согласно најавата на новата минимална плата.
А Заев дава 26.000 денари, Заев не ја зголемува вашата плата, Заев ви одзема од вашата плата која ви е гарантирана со закон и Колективниот договор во образованието. Заев просечно ви одзема по 5.600 денари месечно согласно старата, односно речиси 11.000 денари согласно најавената минимална плата! Тоа е срамот и тоа е Заев, човек кој говори измами и кој не ја почитува вистината!Драги пријатели, ви ветувам дека по победата на претстојните избори од страна на ВМРО-ДПМНЕ, јас како предводник и човек на којшто вие сте му ја дале довербата и ваш колега во образованието, во целост и комплетно ќе го испочитувам Колективниот договор и Законот за минимална плата кој ви гарантира заслужена заработувачка!Доаѓа обнова на Македонија! Доаѓа обнова на Македонија за сите“, порачува Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

