Македонија
(Видео) Заев: Направивме договори за стратешко партнерство, отвораме простор за бизнис-иницијативи
„Северна Македонија и земјите од Западен Балкан имаат само еден пат – патот кон ЕУ. Интеграцијата на земјата и на регионот почна од Солун, со резолуцијата од Самитот на ЕУ во овој град во 2003 година. Бугарија и Романија беа првите земји од Балканот што ги остварија определбите од тој самит. Сега е време да направиме чекор повеќе и Северна Македонија и другите да им се придружат во европското семејство“, рече премиерот Зоран Заев на самитот во Солун на панел-дискусијата „ЈИЕ Европа: Унапредување на регионалната соработка и реформите“.
На панелот, на кој присуствуваа сите учесници на годинашниот самит во Солун, зборуваа и премиерите на Грција и на Бугарија, Кирјакос Мицотакис и Бојко Борисов.
Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека Северна Македонија последните три години направи многу на домашен и меѓународен план. Како еден од главните приоритети на Владата на Северна Македонија тој ги издвои решавањето на билатералните спорови со Бугарија во 2017 година и со Грција во 2018 година и дека земјата веќе нема отворени проблеми со соседите и тоа ја прави единствена во регионот на Западен Балкан од таа перспектива.
Договорот од Преспа е најдобриот пример за успех на дипломатијата и дијалогот. Тој стави крај на долг и тежок спор. Проблемот со името беше отворен три децении. Овие беа три децении неизвесност за нашата иднина. Три децении блокирани перспективи за нашиот клучен стратешки интерес.
„Договорот од Преспа е достоинствено и прифатливо решение за обете страни. Тој се заснова на компромис што гради пријателство. Компромис што е добар и за двете страни. Нашето достигнување ги охрабрува другите водачи во регионот да бидат посветени на одржување на мирот и стабилноста, да ја зголемат регионалната соработка, да го зајакнат економскиот развој и да бидат силно посветени на интеграцијата во ЕУ. Целиот свет ни оддаде признание за решавањето на проблемите и сега е време да им дадеме пример дека правиме чекор понатаму и дека ја остваруваме надежта што беше отворена во Солун во 2003 година“, истакна премиерот Заев.
Тој потенцира дека Северна Македонија ги исполни домашните задачи за да ги оствари условите за почеток на преговорите со ЕУ и оцени дека одлуката на ЕУ да не даде согласност за ова прашање беше историска грешка и има негативни ефекти и испрати негативна порака за другите во регионот кои наоѓаат мотивација за демократски реформи во интеграцијата во ЕУ.
„Сепак, ние нема само да седиме и да чекаме. Продолжуваме со европеизацијата на нашето општество и ќе ги зајакнеме и спроведеме нашите реформи. Ние сме одлучни во борбата против организираниот криминал и корупцијата, нема да отстапиме и веќе имаме значителни резултати. Затоа сме посветени да се придвижиме кон ЕУ и НАТО. Добро е за нас, добро е за регионот, а исто така и за самите ЕУ и НАТО. Тоа е добра стратегија за сите“, нагласи премиерот Заев.
Заев истакна дека евро-атлантската иднина на земјата е поттик за економски развој: стимул за инвестиции, поголема трговија, пристап до единствен пазар на ЕУ, зголемена подвижност на луѓе, стоки и капитал, пониски кредитни стапки и помага во создавањето повеќе и подобро платени работни места.
„Дојдете во Северна Македонија. Стабилноста и реформите носат економски напредок. Во 2018 година имавме највисоко ниво на директни странски инвестиции – 624 милиони евра. Растот зајакна во 2019 година и се предвидува да достигне 3,8 проценти до крајот на годинава, поттикнат од зголемувањето на инвестициите и потрошувачката. Развивме политики за поддршка на бизнис-иницијативите. Оваа година државата помогна со 50 милиони евра. В година во буџетот имаме повеќе за поддршка во таа насока. Регионалната соработка со отстранување на бариерите за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал отвора добри можности да правите профит во нашата земја, а нам да ни донесете повисок БДП, развој, нови работни места. Тоа е вин-вин ситуација“, им порача премиерот Заев на претставниците на најголемите компании од Грција и од регионот и додаде дека сите земји од Западен Балкан ги делат европските вредности и продолжуваат да ги имплементираат европските стандарди во своите општества.
„Од стагнација во меѓудржавните односи, дојдовме до моментот кога сите три земји – Грција, Бугарија и Северна Македонија – се гледаат себеси како партнери во трансформацијата на регионот. Направивме договори за стратешко партнерство, сега е време максимално да ги поддржиме и да го отвориме широко просторот за бизнис-иницијативите“, рече премиерот Заев на самитот во Солун на панел-дискусијата „ЈИЕ Европа: Унапредување на регионалната соработка и реформите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сопствениците на кучиња да го почитуваат законот и да ги микрочипираат милениците, апелира АХВ
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до сопствениците на домашни миленици – кучиња за исполнување на законската обврска за идентификација на миленикот со микрочип и негова регистрација во модулот за домашни миленици на Информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, за што се издава и пасош за домашен миленик.
Апликацијата на микрочипот е еднократна, односно, миленикот чипот го носи до крајот на животот. Микрочипирањето е основа за дефинирање на сопственоста на домашниот миленик, за обезбедување навремена и квалитетна здравствена заштита на животните и поголема безбедност за сопствениците, од аспект на пренесување на заразните болести од животните на луѓето, велат од АХВ.
„Сопствениците кои ги имаат микрочипирано домашните миленици ги потсетуваме дека имаат законска обврска секоја промена во однос на податоците за животното, или сопственикот да ја пријават до надлежното ветеринарно друштво кое треба да изврши промена во електронската база на податоци. Во базата на податоци треба да се евидентира и угинувањето, губењето или купопродажбата на животните.
Микрочипирањето на милениците има за цел трајна идентификација на животните, спречување на нивно напуштање и контрола на нивното размножување, но и нивно полесно пронаоѓање во случај на губење или кражба“, се наведува во соопштението на АХВ.
Македонија
„Сега кога не се купува нов авион има пари за минимална плата од 600 евра“, велат од СДСМ
„Законот за минимална плата поднесен од пратеничката група на СДСМ и коалицијата е на дневен ред во Собранието. Овој закон е реален и конкретен одговор на барањата на синдикатите и на работниците – 600 евра минимална плата за достоинствен живот. Сега кога не се купува нов авион има пари за минимална плата од 600 евра“, велат од СДСМ.
„Дополнително, пратеничката група на СДСМ веќе предложи конкретни буџетски ставки од кои може да се обезбедат средства за зголемување на минималната плата.
Тоа значи – пари има, потребна е само политичка волја.
Нема повеќе оправдување дека нема пари.
Сите пратеници да дадат поддршка на Законот и да гласаат за 600 евра минимална плата.
Без изговори. Без калкулации.
Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат плати какви што заслужуваат“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
Утрово најстудено во Берово и Крива Паланка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крива Паланка, -4 во Скопје – Петровец и Демир Капија, -3 во Гевгелија, Прилеп и Тетово, -2 во Охрид, Виница и Крушево.
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта почнувајќи од западните делови ќе има врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, особено на планините каде што ќе се зголеми снежната покривка.
Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.

