Македонија
Град Скопје: Подготвени сме за зимското одржување на улиците, обезбедени се 6.000 тони сол
Градот Скопје и јавните градски претпријатија информираат дека се подготвени за претстојната зима и зимското одржување на улиците што се во нивна надлежност, а врз основа на програмата усвоена од Советот на Град Скопје. Екипите на Град Скопје во зимски услови одржуваат коловозни површини од 2.600.000 квадратни метри.
За оваа зимска сезона, се обезбедени 6.000 тони индустриска сол, од кои 2.000 тони се залиха од зимската служба 2018/2019, а обезбедени биле и 300 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини.
ЈП „Улици и патишта“ изготвува и предлага Оперативен план за функционирање на зимската служба и е носител на активностите за зимското одржување со целокупната механизација и расположливиот кадровски потенцијал.
„И оваа година Град Скопје ќе ангажира дополнителна механизација од 15 камиони од фирмата ‘Аполо’, кои се опремени со навигациски уреди. Обезбедените материјали се складирани во трите пункта на ЈП ‘Улици и патишта’ – асфалтната база на ЈП ‘Улици и патишта’ во кругот на фабриката ‘Железара’, Стара механизација на улица Христо Татарчев во Кисела Вода и во Ѓорче Петров на улица Лепенец. Во пунктовите се организирани 24-часовни дежурства, а материјалите ќе се употребуваат согласно со временските услови“, велат од Град Скопје.
Како што е најавено, во текот на зимската служба коловозните ленти ќе се расчистуваат според приоритетите, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот до стопанските објекти. Преостанатите јавни претпријатија се задолжени во рамките на програмата и своите надлежности да обезбедат механизација и опрема, а имаат изготвено и посебни подпрограми за расчистување на јавните површини во зимски услови.
Кризниот штаб апелира до граѓаните, урбаните заедници, куќните совети и претпријатијата навреме да преземаат мерки за отстранување на возилата од коловозите, расчистување на пешачките приоди, приодите до објектите и покривите на објектите. Во спротивно, полицијата и комуналните инспектори, врз основа на Законот за јавната чистота, ќе изрекуваат казни.
Зимското одржување на градските улици и булевари завршува на 15 март 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УКИМ: 82 студенти ја завршија Програмата за изучување на холокаустот
На 26 јануари 2026 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) се одржа Комеморативниот настан „УКИМ се сеќава“ со кој се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
На Комеморативниот настан се обратија амбасадорката на Израел, Вивиен Ајсен, пратеничката Рашела Мизрахи, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо и раководителот на Универзитетската програма за изучување на холокаустот, проф. д-р Мишо Докмановиќ. На настанот и зборуваше и Ефрат Барух Алтарац, снаа на последната преживеана Еврејка од Штип.
Во рамките на настанот беа доделени и сертификатите за завршените универзитетски курсеви за изучување на холокаустот на 82 студент на УКИМ, кои во изминатиот семестар ја следеа програмата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Со тоа бројот на студентите кои ја следеле оваа програма во изминатите три години се искачи на вкупно 375 студентите.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од двата европски универзитети кои во 2023 година го добија престижниот грант на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк, што овозможува реализација на програмата на курсеви за изучување на холокаустот до 2027 година.
Македонија
Влен: „Безбеден град“ не казнува минимална грешка, туку ги штити животите
„Влен“ соопшти дека Законот за „Безбеден град“ е еден од најважните закони донесени во државата, бидејќи во својата суштина ги штити животите на граѓаните и гарантира безбедност на јавните простори.
Според „Влен“, законот не е насочен конказни, туку кон создавање услови секој граѓанин да се движи без страв и без ризик по животот. „Безбеден град“, како што наведуваат, значи побезбедни улици за пешаци, велосипедисти, корисници на електрични тротинети и лица со попреченост, како и јавни простори што им служат на луѓето, а не на сообраќаен хаос.
Во соопштението се истакнува дека законот има за цел директно да ги намали смртоносните сообраќајни несреќи и да ја подобри безбедноста на патиштата, особено на автопатите, регионалните патишта и градските булевари, каде што ризикот е секојдневен и реален. „Влен“ наведува дека „Безбеден град“ претставува модерна алатка за управување со јавната безбедност, која одговара на современите предизвици и ја доближува државата до европските стандарди.
Се посочува дека современите европски градови користат интегрирани системи за следење и брз одговор, со цел зголемување на безбедноста, намалување на прекршоците и поефикасна работа на институциите, а „Безбеден град“ е чекор во таа насока.
„Денес, современите градови во Европа користат интегрирани системи за следење и брз одговор, бидејќи тие ја зголемуваат безбедноста, го намалуваат просторот за прекршоци и ги прават институциите поефикасни и попрофесионални. “Безбеден град“ е токму таков чекор кон држава која функционира подобро за своите граѓани. Во врска со имплементацијата на системот, нагласуваме дека толеранциите на камерите ќе бидат идентични со оние што веќе ги применуваат полициските радари: толеранција од 6 км/ч за брзини до 100 км/ч и 8 км/ч за брзини над 100 км/ч. Ова јасно покажува дека целта не е казнување, туку спречување на прекршоци што ги загрозуваат животите на луѓето. Толеранцијата се однесува само на помали прекршоци и не се однесува на случаи на кривични сообраќајни прекршоци“, велат од „Влен“.
„Правилата постојат за да се почитуваат и да го заштитат животот. Безбедноста не е казна, безбедноста е колективна одговорност“, порачуваат од „Влен“, додавајќи дека „Безбеден град“ е закон за побезбедно, поуредно и похумано општество.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Криминалните шеми ги обединуваат Филипче и Ахмети и во опозиција
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Венко Филипче и Али Ахмети биле обединети во криминални шеми додека биле власт, а сега, како опозиција, дејствуваат координирано против безбедноста и интересите на граѓаните.
Во соопштението се наведува дека за време на седумгодишното владеење на СДСМ и ДУИ државата била оставена без систем, без одговорност и со високо ниво на криминал и корупција во сите пори на општеството.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети се поврзува со повеќе криминални афери, меѓу кои и случаите поврзани со неговиот внук Дрин Ахмети, купувањето на трговскиот центар „Соравија“, како и концесијата добиена од државната ЕСМ за ископ на варовник.
Во соопштението се наведува дека Филипче се поврзува со тешки трагедии и несреќи, меѓу кои пожарот во модуларната болница во Тетово, како и сообраќајните несреќи во Бугарија и кај Ласкарци, при што, како што се тврди, поради неодговорност и пропусти загинале 75 лица.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Филипче и Ахмети повторно се обединети заради сопствени цели и заштита, наведувајќи дека пред десетина дена имале средба во Мала Речица, каде се координирале за идно политичко делување.
Во соопштението се посочува и дека нивните пратеници гласале против системот „Безбеден град“, што, според партијата, значи гласање против безбедноста на граѓаните во сообраќајот и заштитата на човечките животи.
Се наведува дека единствена грижа на Филипче е задржувањето на лидерската позиција во СДСМ, додека на последниот партиски конгрес, според ВМРО-ДПМНЕ, не присуствувала една третина од делегатите, што било доволно за покренување барање за негова смена, а дел од пратениците не присуствувале на седници што тој ги водел.
„Интересот на Филипче и Ахмети не се граѓаните, туку зачувување на нивните политички и бизнис интереси“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека партијата останува доследна на политики во интерес на граѓаните, со фокус на заштита на човечките животи, безбедноста на граѓаните и безбедноста на улиците.

