Македонија
Независниот синдикат на полицијата на протест пред Влада

Независниот синдикат на полицијата за денеска повика на јавен собир со почеток во 10 часот пред хотел „Вип“ (Саем) со барања за зголемување на платите, нов колективен договор во МВР, подобри права и услови за подобар живот.
„Барањата на НСП во врска со најавениот протест се: признавање на НСП како репрезентативен синдикат во МВР, нов колективен договор во МВР и шумската полиција, подобри услови и права за подобар живот, владењње на правото во МВР, стоп за пресметка со синдикалните претставници на НСП, стоп за незаконските прераспоредувања, покачување на платите за 25% во полицијата, шумската полиција, затворската полиција и судската полиција. На одржаниот јавен собир очекуваме присуство повеќе од 500 вработени во наведените институции“, соопштија организаторите.
Учесниците на протестот од хотел „Вип“ (Саем) во 10.30 часот ќе се движат кон ТЦ „Мавровка“ – „Веро Џамбо“ – „Црвен крст“- Републичко Собрание – крстосница „Палома Бјанка“- кон „Илинденска“ до пред Владата. Протестот е планиран да заврши околу 14.00 часот. Во 13.00 часот планирана прес-конференција пред Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Да го урнеме системот на бандитизам од политички и бизнис структури кои функционираат во широки коалиции, порача Мицкоски

Измина една цела година, на предизвици, на тешка, посветена и макотрпна работа. Во секој еден ден од овие изминати 365 дена, не заборавивме во ниту еден момент од каде доаѓаме, и со каква чест располагаме, и каква одговорност имаме да не ги разочараме македонските граѓани, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето по повод една година од работата на Владата.
„По години на празни ветувања и перманентна политичка криза во државата, разочарувања и уништени ветувања, не започнавме од нула, почнавме од минус – од рушевини, кои ги оставија зад себе. Наследивме систем што се кршеше и паѓаше, институции што изгубија доверба, луѓе што изгубија верба. Но, не се предадовме. Не го оставивме својот дом во рацете на минатото“, порача тој.
Во оваа тешка година, како што оцени, зад нив се резултати кои според него се јасен показател на солидна основа.
„Реализиравме или отпочнавме над 250 поголеми проекти. И она што денес сакам да го соопштам е дека за повеќе од 3 пати ќе се зголеми бројот на проекти за следната година. Веќе вклучуваме во 5та па 6та брзина. И очекувам максималната посветеност во исполнување на програмата, очекувам преку 400 проекти мерки чекори реформи во наредниот период кои ќе бидат насочени на развој и раст, подобар стандард, поквалитетно образование, борба против корупција, инвестиции и реформи во здравството, големи проекти во инфраструктурата, реформи во даночната политика и справувањето со инфлациски и предизвици на животниот стандард, проекти за млади, проекти за земјоделци, проекти за работници, проекти за купување на нов дом, возила, проекти кое ќе го донесат времето за кое сите се надеваме и длабоки промени кои ги заслужуваме“.
Првпат по седум години, како што кажа Мицкоски во обраќањето, намален е јавниот долг, заклучно со март 2025 година за 4,7 процентни поени во однос на БДП.
Платите, според него растат а обезбедени се и повисоки плати во администрацијата, здравството, образованието, полицијата.
„Буџетскиот дефицит го намаливме на 4% од БДП и одиме надолу, целта е да бидеме под 3%.
Целосно ја отплативме Еврообврзницата издадена во 2018 година, во износ од 500 милиони евра. Во инфраструктурата обезбедивме највисок процент на изградба на патишта од осамостојувањето до денес. Интензивно се гради и во завршна фаза е автопатот Кичево-Охрид (делница Врбјани Охрид) во должина од 40 километри и веќе пуштањето е закажано на 12 јули. Во тек е набавка на 120 нови и модерни автобуси. Притоа се бориме за секое ново отворено работно место. Нашата цел е и ставање ред во здравството и ефикасни услуги достапни за граѓаните“.
Образованието како што нагласи, треба да биде најсилното оружје за раст и обезбедување на иднина.
„Во оваа една година отворивме силна борба против криминалот. Се започнаа акции против оние кои порано се сметаа за недопирливи. Денес тие неславни корифеи на неправдата се бегство од законот, а силно се удри и по нарко бандите особено во Скопје. Онаму каде сметам дека може подобро е борбата за независно судството и обвинителство кое сега го немаме.
Не сум задоволен од динамиката на испорачување на правдата од страна на обвинителите и судиите и постојат очигледни спреги меѓу тој свет и светот на политичката бизнис мафија која го конструирала тој систем против кој сакаме да се бориме и ако ме прашате мене јас очекувам одговорност и народот очекува одговорност и тоа мора да биде прва работа која ќе не води, да донесеме правда и да го урнеме тој систем на бандитизам создаден од политички и бизнис структури за кои нема ни етнички и политички разлики туку функционираат во широки коалиции. Тоа ќе биде нашиот најголем предизвик во периодот кој следи и од таа динамика ќе зависат многу следни политички случувања во државата“, нагласи Мицкоски.
Навраќајќи се на трагедијата во Кочани, Мицкоски кажа дека таа несреќа е резултат, на, со години руинираниот систем „кој беше уништуван и дезавуиран“.
„И како политички фактор од првиот ден испративме реална порака дека правда мора да има и без оглед за кого се работи мора да биде одговорност. И денес стојам на истиот став а обвинителството е на тест да докаже вистина и судот да спроведе правда. Но исто така сакам да соопштам дека работиме како Влада да обезбедување историски највисок инвестициски пакет за обнова и поддршка на Кочани.
Работиме на тоа да покажеме дека Кочани за нас е важно и дека граѓаните не се сами.
Воедно сакам да се осврнам и на оние кои велат дека Македонија била понижена. Тоа се истите оние коишто сменија име, направија договор со Бугарија, кои ја пљачкаа и се потпишуваа на било што и било сешто им беше поставено на маса. Нема никогаш повеќе да дозволам да биде понижена, зошто тоа време заврши.
Ние не сме политичари што зборуваат од високо. Ние сме луѓе што живеат тука со вас, што чувствуваат ист страв и иста надеж. Затоа со труд и лојалност кон вас, ги градиме темелите на промените“, порача Мицкоски.
Македонија
Македонските граѓани во Израел, Катар и ОАЕ за сите прашања да се обратат до надлежните амбасади, МНР со апел да не се патува кон земјите од тој регион

По последните информации за влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток и затворањето на воздушните простори на повеќе држави од регионот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски граѓани кои се наоѓаат на териториите на земјите од овој регион да ги следат националните портали за итни случаи и да постапуваат согласно со упатствата на надлежните институции во овие земји.
„Уште еднаш апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.
Покрај претходниот повик до сите граѓани на Република Северна Македонија кои престојуваат во Израел да ја контактираат Амбасадата во Тел Авив, ги повикуваме и македонските државјани кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, за сите потребни информации или прашања да се обратат до надлежните амбасади во Доха и Абу Даби.
Во продолжение ги наведуваме контактите на дипломатско-конзуларните претставништва и дежурните служби на Министерството:
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Е-пошта: [email protected]
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Е-пошта: [email protected]
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]“, се истакнува во соопштението од МНР.
Македонија
По најавите за претстојниот топлотен бран, ИЈЗ со препораки за заштита на граѓаните

Институтот за јавно здравје повикува на почитување на мерките на заштита на здравјето на општата популација и на ранливите групи на население во услови на високи амбиентни температури. Ваквото предупредување доаѓа поради најавата од Управата за хидрометеоролошки работи за очекувани повисоки максимални дневни температури од 24 до 27 јуни 2025 година.
Од ИЈЗ појаснуваат дека за ранливи категории на луѓе се сметаат лицата кои работат во надворешни услови и се повеќе изложени на влијанието на топлотните бранови, или лица кои работат на работни места изложени на висока температура и топлинско зрачење, лица кои губат премногу течности за време на работата, може да се почувствителни на болести поврзани со топло време. На пример: градежни работници, земјоделци, сообраќајна полиција, работници за испорака и слично.
ИЈЗ со низа препораки до работодавачите со цел заштита на работниците од високи температури.
Меѓу нив се редовно проверување и одржување на техничко-технолошки мерки како вентилација и климатизација, редовно мерење на амбиенталната температура и поставување на работните станици подалеку од сончева светлина и извори на топлина.
„Обезбедување минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште“ (каде што вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата);
Да се земе предвид можноста за потенцијално работење онлајн, флексибилно работно време, двократно работење, надополнување на изгубеното работно време и други модалитети;
Избегнување работа на отворено од 11 до 17 часот, почести паузи и достапност на течности и електролити;
Ротација на работните задачи и преместување на работниците во постудени простории секогаш кога е тоа можно. Обезбедување поголем број работници, по потреба;
Почести паузи во текот на работата, разладување на вработените со обезбедување климатизирани простории и течности за пиење и електролити; Намалување на интензитетот на работата и нормите во производството; Избегнување прекувремената работа; Прекин на работата при потреба;
Внимателност со ранливите групи вработени (постари работници, хронични болни, лица со зголемена телесна тежина, бремени жени и др.) и нивно прераспределување работни места соодветни за нивната состојба;
Обезбедување соодветни лични заштитни средства и дозволување нивно отстранување за време на паузите;
Надзор при работа со хемикалии поради зголемена опасност од интоксикација, спречување на прекувремена работа и поттикнување самопријава на симптоми“.
За вработените, ИЈЗ препорачува врамнотежена исхрана, внесување минимум 2 l вода дневно, избегнување алкохол и кофеин, и внесување електролити при засилено потење;
„Редовен одмор, доволно спиење, туширање и едукација за прилагодување на високи температури;
Носење лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капи и крем со УВ фактор 30+ при работа на отворено;
Препознавање симптоми на топлотен удар (вртоглавица, замор, вознемиреност, повраќање) и будност за колегите. Не смее да се дозволи на вработен со симптоми на топлинска болест да замине од работното место дури не се стабилизира односно не добие соодветен третман“.
Во случај на симптоми на топлотен удар, во препораките за прва помош треба веднаш да се повика 194 или 112, лицето да се префрли во разладена просторија, да легне хоризонтално со подигнати нозе, да се лади со ладни облози и прскање со вода, да не се дава терапија додека не пристигне лекарска помош, а ако е во бессознание, да се постави во странична положба.
„Вонредните прегледи се спроведуваат од страна специјалистот по медицина на трудот за ранливите категории, со цел да се добие индивидуализиран пристап за работоспособноста на вработениот во дадените услови со оглед на неговата здравствена состојба, како и консултации со избраниот лекар за аплицираната терапија или потребата од боледувања“.