Економија
СДСМ: Просечната плата во септември порасна за 4,4 отсто и изнесува 25.435 денари

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, просечната плата во септември годинава бележи раст од 4,4 отсто и изнесува 25.435 денари, што е за 1.080 денари повисока во однос на истиот месец 2018 година, информираат од владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија.
„Зголемувањето на платите се должи на политиката на СДСМ за подобрување на животниот стандард на граѓаните и покачувањето на платите во јавната администрација, а пред сè во образованието, здравството и социјалната заштита. Трендот на значително зголемување на платите ќе продолжи и наредните месеци со усвојувањето на законот за субвенционирање на придонесите на плати за работодавачите, кои ќе им ги покачат платите на своите вработени од 100 евра, предложен од СДСМ, но и со рекордниот раст на минималната плата за 5.500 денари на 14.500 денари“, велат од СДСМ.
Од владејачката партија додаваат дека одговорните и домаќински политики на СДСМ се поттик за економскиот раст и за растот на платите, а тоа го потврдил и Меѓународниот монетарен фонд , кој го нагласил фактот дека покрај зголемувањето на платите, невработеноста достигнала историско најниско ниво од 17,5 проценти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Добив одлична вест во авион – растот на индустриското производство за март е 5,2 отсто

На пат од Валенсија кон Скопје, добив одлична вест во авион: раст на индустриското производство за март од 5,2% на годишно ниво, споредено со март 2024 година и после долго време раст на индустриското прозводство на квартално ниво, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Имено, во првиот квартал од 2025 споредено со првиот квартал од 2024 година, индустриското производство порасна за 2%. Посебно радува фактот што расте преработувачката индустрија во Март за 4,8%, а во првиот квартал за 3,6%. Што наследивме како влада? Во вториот квартал од 2024 година, индустриското производство паѓаше со -7%, а индустријата беше во тешка рецесија. Следеа два квартали на стабилизација и конечно имаме во првиот квартал од 2025 година раст на индустриското производство, во исклучително сложени услови за Европската економија и автомобилската индустрија“, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.
Според него, ова се солидни индикатори и инспирација Владата да продолжи со дисциплинирани и развојни економски политики.
Економија
(Видео) Битиќи: Македонија на дното во регионот по економски раст и според Светската банка

Светската банка ја ревидираше својата проекција за растот на македонската економија за 2025 година од 3,0% на 2,6%. Надолната ревизија продолжува и за 2026 година, со очекуван раст на БДП од 2,7%, наместо претходно проектираните 3,2%. Станува збор за сигнал кој произлегува од реалните економски текови, не од желби и политички маркетинг. Светската банка не се занимава со реторика, туку со економска логика според која и во 2027 година се очекува раст од 2,8% – и тоа треба да го земеме сериозно, изјави Фатмир Битиќи од СДСМ.
Ако ја погледнеме и регионалната перспектива, додаде тој, Северна Македонија се соочува со уште еден неповолен факт – нашата земја има најниска проекција за раст во регионот на Западен Балкан за 2025 година и под регионалниот просек од 3,2%.
„Истовремено Светска Банка забележува дека земјата се соочува со проширен фискален дефицит, слабеење на трговската позиција, номинално забавување на инфлацијата, но притоа идентификувајќи домашни ценовни притисоци кои сигнализираат дополнителни ризици за стабилноста на куповната моќ. Сето ова упатува дека просторот кој Светска Банка го детектира за брзо економско закрепнување е многу потесен отколку што се претставува во јавноста од страна на Владата“, вели Битиќи.
Според него, со оваа надолна ревизија на проекциите, Светската банка укажува дека македонската економија во моментов не покажува динамика која би можела да поддржи стапка на раст над 3%. Во таков контекст, вели Битиќи, проекциите за 3,7% или дури 4% што ги слушаме од одредени владини претставници, се повеќе личат на претпоставки, отколку на факти произлезени од економска анализа.
„Најдобра потврда за тоа се тековните макроекономски индикатори. Индустриското производство, како чувствителен барометар на реалната економија, покажува длабоко нестабилна слика. Од септември до декември 2024 година бележеше континуиран пад, со минимален позитивен раст во јануари од 1,4%, за потоа повторно да се врати во негативна зона од -0,8% во февруари. Овие флуктуации упатуваат на отсутност на предвидливост и стимулативна економска политика“, рече Битиќи.
Истовремено, додаде тој, имаме нарушувања во ликвидноста кај компаниите – поради доцнење на повратот на ДДВ и на исплатата на договорните обврски од страна на државата – што дополнително ја згаснуваат економската активност.
Што се однесува до средства од унгарскиот кредит – 250 милиони евра за приватниот сектор и 250 милиони за општините, според Битиќи, сè уште не се рефлектираат во агрегатните податоци.
„Доколку тие беа ефективно инкорпорирани во економијата, се очекуваше барем иницијален сигнал за инвестициска активност. Но, таков сигнал не постои“, тврди Битиќи.
Дополнително, додаде тој, реализацијата на капиталните расходи на централно ниво изнесува само 13,55% до крајот на април, а кај општините просекот е околу 3%, со екстремни случаи и под 1%. Според него, под вакви услови, очекувањата за раст од над 3% на БДП се економски неосновани. Ниту една економија не може да генерира раст без продуктивни инвестиции – било да се јавни или приватни.
„Затоа, не станува збор за тоа дали бројките на Светската банка се точни. Станува збор за тоа дали сме подготвени да се соочиме со фактите. А фактите велат: тековната економска политика на Владата не создава простор за здрав и одржлив раст на БДП над 3%. А од друга страна имаме владин модел во кој очекувањата се повисоки од капацитетите“, рече Битиќи.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,38 п.п., при што во март таа изнесува 2,18%, извести Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,35 п.п. и изнесува 5,15%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска