Македонија
Јане испрати порака: Сакам да пораснам во човек кој ќе биде независен

Јане Велковски, 11-годишен застапник за правата на децата со попреченост, испрати силна порака до светските лидери: мене не ми пречи мојата пречка, туку ми пречат пречките од околината. Тој вчера говореше на глобалниот самит на УНИЦЕФ во Њујорк, по повод Светскиот ден на детето, на панел-дискусијата „Да не изоставиме ниедно дете: за секое дете, сите права“.
„Многу сум среќен што сум денес овде. Јас сум роден со спинална мускулна атрофија и поради тоа се движам со количка која ја викам Формула. Но моите родители од мал ме учеа дека можам да правам сè што можат и другите, само на поинаков начин. Како што растев – тоа стана и мое правило – да правам сè и да уживам во животот. Одам во училиште и имам многу другари. Учам, шетам, играм, но мојата најголема страст е фудбалот. Јас го засакав фудбалот од мал и играм фудбал секогаш кога можам. Тоа ми дава сила и енергија и ме прави среќен“, рече Јане.
Тој кажа дека фудбалот му помогнал да се бори за да добие терапија, го поврзал со многу славни личности и го направил голем борец за еднаквост во спортот.
„Јас верувам дека сите на светот можат да играат фудбал без разлика како играат. Битно е да се еднакви и да се почитуваат. Јас се сметам за еднаков со сите, така и се однесувам, и така треба сите да се однесуваме. Но не е лесно кога си во количка бидејќи има многу пречки на патот. Мене не ми пречи мојата попреченост, туку ми пречат бариерите од околината. Ме нервира кога сум спречен да одам некаде ако нема рампа или ако нема превоз за мене и родителите мораат да ме носат. До сега бев мал па родителите ми помагаа и ги отстрануваа пречките за мене. Но сакам да пораснам во човек кој ќе биде независен“, рече Јане.
Децата како мене, додаде тој, сигурно исто се чувствуваат и би сакал да им порачам: да бидат упорни и никогаш да не се откажуваат од својот сон, треба да ги рушат бариерите каде што ги има, а да прават добри работи каде што ги нема.
„А на возрасните сакам да им порачам – треба да направите сè за правата на децата, и отстранете ги сите бариери. Да нема дискриминација“, рече Јане, кој вчера имаше можност да се запознае со фудбалерот Дејвид Бекам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала локална облачност, максималната температура до 21 степен

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од улица Благоја, улица Маџари, Пекара КИС МИ Стефковски и улица Ордан Поп Јорданов (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 10:00 часот, локалите во трговскиот центар до пазарот (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со претставници на „Habitat for Humanity International“ и на „Хабитат Македонија“

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска разговараше со претставници од САД на глобалната мрежа „Habitat for Humanity International“, како и со националниот директор на „Хабитат Македонија“, Зоран Костов и со претседателот на Управниот одбор, Драган Малиновски.
Таа, најпрво им ја честиташе дваесетгодишнината од основањето, посакувајќи им понатамошен успех во реализацијата на благородната идеја за градење свет во којшто секој ќе може да го оствари правото на пристојно живеење.
За неа, импресивна и инспиративна е нивната несебична заложба и неуморна работа насочена кон подигање на квалитетот на домувањето на сиромашните луѓе, неможна без волонтирање, застапување и подигање на јавната свест за поголема солидарност во развојот на заедницата.
„Ние, како и многу други држави мора да вложиме особен напор во унапредувањето на квалитетот на живеењето, секаде и за сите, ставајќи крај на супстандардните услови во некои средини, недостојни за живот“, смета претседателката.
„Претставниците на „Habitat for Humanity International“, со љубов и страст зборуваа за своите ангажмани во справувањето со енергетската сиромаштија и гарантирањето стандарди во нејзиното користење ширум светот, потенцирајќи дека се трогнати од добрината, благодарноста и активноста на македонските граѓани. Тие ја истакнаа незаменливата улога на невладините организации, како кредибилни партнери на овој план и укажаа на неопходноста од постојана и интензивна владино-невладина соработка во функција на остварување подобри резултати“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Македонските претставници ја презентираа својата досегашна работа, насочена кон овозможување инклузивен и одржлив развој на сиромашните средини, како ромските, но и други, со финансиска помош на ЕУ.
Тие ги посочија активните проекти во повеќе од 30 општини, како и пионерските партнерства со институциите за микрофинанисирање.
Соговорниците се согласија за нужноста од стратешки пристап кон домувањето за да се намали, па и спречи егзодусот на најквалификуваниот кадар, како неспорен и докажан промотор на иновации и главен носител на развојот во сите средини.