Македонија
Пендаровски: Првпат во историјата на Советот за безбедност ќе се зборува за животната средина
Стратегијата за одбрана ќе биде дополнета со посебен дел за мерки и активности за еколошка безбедност, а првпат во историјата на дневен ред на Советот за безбедност ќе биде заштитата на животната средина, изјави претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува“.
„Иако беше во завршна фаза, пред да ја потпишам ја вратив во процедура Стратегијата за одбрана за да ја дополниме со посебен дел за мерки и активности за еколошка безбедност. Исто така, на идната седница на Советот за безбедност, којашто ќе се одржи во средината на декември, заштитата на животната средина ќе биде ставена, за првпат во историјата, како точка на дневниот ред, а на таа седница ќе бидат поканети да присуствуваат претставници на граѓанските организации кои ќе имаат можност директно со членовите на Советот да разговараат за оваа важна тема и да предложат мерки за поголема заштита на животната средина и справување со загадувањето“, рече Пендаровски.
Тој кажа дека ја поддржува заложбата на граѓанскиот сектор да имаме поголем државен буџет за заштита на животната средина со цел да се приближиме кон просекот на земјите членки на ЕУ, како и дека го поддржува предлогот за создавање национален фонд за заштита на животната средина.
„Минатата седмица се сретнав со претставници на десетина граѓански организации и иницијативи кои ми се обратија за преземање мерки за заштита на животната средина. Она што им го ветив ним, ќе го повторам и денес. Како претседател ќе сторам сè што е во моја надлежност, но и јавно ќе повикам на поголем ангажман на повеќе надлежни сектори во нашето општество заради ублажување на негативните ефекти кои сите ние ги чувствуваме“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителството бара притвор за лицето што ја искрши влезната врата на бугарската Амбасада
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 55-годишник осомничен за кривично дело – Оштетување туѓи предмети од член 243 став 2 од Кривичен законик.
Јавниот обвинител предложи судијата на претходна постапка да определи мерка притвор спрема осомничениот бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и околности го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело.
Македонија
Десет нови детски игралишта ќе се градат низ општина Кисела Вода
Денес започна изградбата на првото од вкупно 10 нови детски катчиња кои ќе се реализираат низ целата општина.
Првото катче се гради во кругот на ООУ „Св. Климент Охридски“, во селото Драчево. На гумирана подлога која го намалува ризикот од повреди и овозможува сигурна игра, ќе бидат поставени разновидни реквизити: лулашки, лавиринт со два тобогани и мрежа за качување.
Просторот ќе биде осветлен, овозможувајќи безбедна активност и во вечерните часови.
„Со изградбата на десет нови детски катчиња вложуваме во иднината на нашите најмлади, обезбедувајќи им безбеден и современ простор за игра. Заедничката игра е основа за развој на социјални, како и за моторички вештини, а за нас како раководство на Општина Кисела Вода е приоритет секое дете да има место каде може слободно и безбедно да расте, да се развива, но и да се забавува и да создава убави детски спомени“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Беким Сали на средба со амбасадорот на Косово, Флориан Ќехаја
Во Владата на Република Северна Македонија, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари средба со амбасадорот на Косово, Флориан Ќехаја.
„На средбата се разговараше за билатералната соработка меѓу двете земји, заедничките проекти што ги поврзуваат нашите институции, како и за процесите на европска интеграција и унапредувањето на европската агенда во регионот. Двете страни ја истакнаа важноста од понатамошно продлабочување на регионалната соработка и размената на искуства во насока на стабилност, развој и европска интеграција“, соопштија од кабинетот на Сали.

