Македонија
(Видео) Арсовски: Јанева е пуштена по налог на Заев за да не пропее за вмешаноста на власта во „Рекет“
„Шест месеци сме сведоци на правосудна фарса што ни се случува во делот околу случајот ‘Рекет’. Шест месеци пред очите на јавноста се случува класична лакрдија со една цел, а тоа е да се заштити криминалот на власта и на СДСМ.Катица Јанева беше пуштена од притвор со најсмешните образложенија во одлуката на кацарска-судството“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Замислете, во одлуката велат дека Катица Јанева е невработена и без имот. Зошто сето ова е небулозно? Катица Јанева има куќа во Гевгелија од 371 метар квадратен, нејзиниот син има стан во Скопје и нејзината ќерка има стан во Скопје, со големина од 72 и 68 метри квадратни. Значи Катица Јанева очигледно има имот, а ја носат во домашен притвор кај нејзиниот син, кој исто така има кривична пријава за случајот со рекетирање и очигледно е дека може да си влијаат еден на друг.
Она што исто така е смешно е дека Катица Јанева ја рангираат како самохрана мајка, Катица Јанева всушност е мајка на две полнолетни деца. Исто така смешно и лудо е да велиш дека Катица Јанева е невработена, односно без приходи, а да ја товариш со дело со кое стекнала противправна финансиска вредност, каде што најверојатно се здобила со стотици илјади евра рекетирани и притоа парите да не се пронајдени, што значи дека сè уште се кај неa или таа знае каде се“, додаде тој.
Според Арсовски, Катица Јанева за 4 години има заработени над 260.000 евра регуларни од СЈО, од кои само 157.000 евра како додаток за доверливост од СЈО, односно да не го изнесува јавно она што го слушнала во бомбите.
„Оттука очигледно е дека Катица Јанева е пуштена по налог на Зоран Заев само за да не пропее за вмешаноста на политичкиот врв на СДСМ и власта во случајот ‘Рекет’. Сето она што го имаше кажано Апелација пропаѓа во вода. Јавното обвинителство, Вилма Русковска и Љубомир Јовевски, поттрчкото на Зоран Заев, глумат театар за јавноста и пред јавноста дека се револтирани од одлуката и притоа Вилма Русковска се заканува со СМС-пораки до судиите за да одглуми браник на правдата и жртва, а таа целиот овој период ја водеше истрагата во корист на Катица Јанева и Заев.
Замислете што ќе се случува во иднина ако стане пракса странка во предмет, како што е Русковска, да се заканува до судиите. Странки се и адвокатите и сведоците и сите останати освен Судот, а притоа знаеме дека истата таа Русковска ѝ дозволи на Катица Јанева да брише докази, да форматира компјутери и да ги чисти трагите за случајот ‘Рекет’. Ова е руинирано Луј Витон-судство и обвинителство, по примерот на Кацарска и Русковска ко што се пример за заштитници на криминалот.За сите овие работи што се случуваат еден ден некој ќе треба да одговара и да сноси одговорност.Потребна е темелна и суштинска обнова на правосудниот систем, а тоа ќе се случи по 12 април по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт“, истакна Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.
Македонија
Обновата на А-интегрираната дозвола за „ТИТАН Усје“ отвора простор за граѓански услови, велат од „Стоп за Усје“
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ја информира јавноста дека започнува процесот на обнова на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата ТИТАН Усје и ги повика граѓаните и стручната јавност активно да се вклучат во јавната расправа.
Во соопштението испратено до медиумите, иницијативата наведува дека работата на цементарницата е регулирана со А-интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а рокот до кој компанијата треба да поднесе барање за обнова на дозволата за наредните седум години е 12 март 2026 година.
„Стоп за Усје“ смета дека токму во овој процес треба да се вградат нивните барања во новата дозвола, со цел, како што наведуваат, да се обезбеди поголема заштита на здравјето и животната средина во Скопје.
Од иницијативата посочуваат дека во моментов компанијата врши мерења и јавно објавува податоци само за две од вкупно 12 емисиони точки, што, според нив, не дава целосна слика за загадувањето.
Тие информираат дека по објавувањето на барањето за обнова на дозволата, МЖСПП, Град Скопје и ТИТАН Усје се законски обврзани да организираат јавна расправа, во рамки на која граѓаните ќе можат да дадат свои предлози и забелешки.
Според соопштението, во процесот на јавна расправа може да се влијае врз условите што ќе бидат вклучени во новата дозвола, како што се примената на најдобри достапни техники и технологии (BAT), видот на филтри, граничните вредности на емисии, параметрите што ќе се мерат, фреквенцијата на мерења и начинот на јавно објавување на резултатите.
Од „Стоп за Усје“ наведуваат дека МЖСПП има законска обврска јавно да соопшти кои предлози од јавната расправа ги прифаќа, а кои ги одбива.
„Ова е уште една причина зошто секој граѓанин, а особено еколошките експерти, професори, здруженија и активисти, мора активно да се вклучат во процесот на измени на А-интегрираната еколошка дозвола. Доколку и самото ТИТАН Усје кое тврди дека не е загадувач, туку дека одговорноста е кај граѓаните, има можност доброволно да ги прифати сите предлози што одат во насока на почиста животна средина и целосна транспарентност“, се додава.

