Македонија
Николовски: Од утре ќе тропнеме на секоја врата за да разговараме со граѓаните

Од утре тимови на СДСМ, наши членови, активисти и функционери почнуваат со активности од врата до врата, најави генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
„Наша цел е да тропнеме на секој врата, во секоја улица, во секое населено место, општина. Сакаме да седнеме и да разговараме со граѓаните, отворено за сите теми. За успешната реализација во изминатите две години и бројните мерки за подобрување на животот на граѓаните, но и за проблемите со кои се соочуваат. Да, тука сме да ги слушнеме и нивните критики, бидејќи ние знаеме дека наша должност и обврска е да им служиме на нив“, рече Николовски.
Нагласи дека податоците покажуваат оти економијата и платите растат, а слободата и демократијата повторно живеат.
СДСМ во летниот период одржал над 600 маалски и урбани средби, а караванот на граѓански трибини, како што најави Николовски, продолжува паралелно со активностите од врата до врата.
Под мотото „На прав пат“ досега биле реализирани над 20 граѓански трибини.
„Сите коментари, забелешки и предлози, дадени на маалските средби, на трибините, но и оние кои ќе стигнат од активноста од врата до врата се систематизираат, селектираат и ќе се вградат во решенија од новата програма- решенија кои ќе им донесат уште подобар живот на граѓаните“, додаде Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Марш за Ангелите” во Кочани и мирен протест во Скопје: шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“

Денеска се навршуваат шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс” во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица. По тој повод, родителите на починатите организираат „Марш за Ангелите”.
Маршот ќе почне во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се одвива по веќе востановената маршрута – општинска зграда, УЈП, полиција, кочанскиот суд и обвинителство, а ќе заврши повторно во „Паркот на Револуцијата“.
Од иницијативата „Кој е следен“ повикуваат на мирен собир на плоштадот во Скопје. Собирот е најавен за во 20 часот и 16 минути.
„Ова не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно. Таа болка треба да не разбесни и да не поттикне на акција. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“, велат организаторите.
Семејствата на загинатите преку „Марш на ангелите“ во Кочани секоја сабота веќе шест месеци бараат одговорност и правда за нивните деца, а протести се организираа и во други градови.
Македонија
Изгаснат е тежок пожар пред Пинтија, под контрола се пожарите во „Дрисла“ и Трубарево, активен е пожарот на Кожуф

Рано утрово пред четири часот изби тежок пожар во сервис за возила пред Пинтија (над Стаклара во местото наречено Каменик) во кој имаше повеќе автомобили, уље и други запаливи предмети, информира утрово директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека БППЗ Скопје веднаш излегле на лице место и со 8 возила после тешка борба со огнот, пожарот бил изгаснат пред 6.00 часот.
Според последните информации од ЦУК до 07:00 часот утрово на територијата на Р.С.Македонија има вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои 1 е активен, под контрола се 2 пожари, а изгаснати се 10 пожари.
Активни: 1
1. Општина Гевгелија: Кожуф планина кај с. Петрово (приземен пожар, лисна маса);
ПОД КОНТРОЛА: 2
1. Општина Студеничани: Депонија Дрисла (ѓубре);
2. Општина Гази Баба: с. Трубарево (електричен отпад);
Изгаснати: 10
1. Општина Пробиштип: нас. Калниште – с. Добрево (висока дабова шума и нискостеблеста вегетација);
2. Општина Кочани: м.в. Царев Врв, Осоговски Планини (ниска вегетација и стрништа);
3. Општина Шуто Оризари: ул. Нов Живот (ѓубре);
4. Општина Гази Баба: ул. Перо Наков (ѓубриште);
5. Општина Студеничани: с. Горна Количани (ниска вегетација);
6. Општина Врапчиште: с. Неготино (ниска вегетација);
7. Општина Долнени: с. Лажани (ниска вегетација);
8. Општина Демир Хисар: Грејшки Пат (ниска вегетација);
9. Општина Куманово: градски гробишта (ниска вегетација);
10. Општина Липково: с. Оризаре (стрниште).
Македонија
Мицкоски треба да одговара за ширење страв и паника, по признанието на Тошковски дека нема центри на моќ зад пожарите, велат од СДСМ

Панче Тошковски во интервју призна дека нема осомничени дека одреден центар на моќ влијаел да се подметне пожарот во Трубарево и дека нема странски и домашни центри на моќ кои ја палат Македонија. Ова признание на Тошковски e директент демант на изјавите на Мицкоски, велат од СДСМ.
„Дополнително, признанието на Тошковски е потврда дека Христијан Мицкоски ги злоупотребил институциите и безбедносната состојба со цел да ја покрие сопствената неспособност.
Ова е потврда и дека Мицкоски без основа ширел страв и паника во јавноста.
По ова признание на Тошковски, Христијан Мицкоски треба да одговара за предизвикување страв и ширење паника во јавноста без да се базираат на било какви факти и докази.
Ваква злоупотреба на безбедносната состојба само за да си го спасува рејтингот ниеден премиер не се осмелил да прави“.
Оваа влада и овој премиер, оценуваат во СДСМ, се опасност по граѓаните, по нивниот живот, по здравјето, но се опасност и по институциите кои ги множат со нула и по државата во целина.