Свет
Поранешен агент на ЦИА осуден на 19 години затвор поради шпионажа

Поранешен агент на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) вчера е осуден на 19 години затвор откако федералниот суд во Вирџинија го прогласи за виновен за шпионажа во корист на Кина.
Џери Чуан Шинг Ли (55) ја напушти ЦИА во 2007 година и се пресели во Хонг Конг.
Тој во 2010 година бил контактиран од двајца припадници на Кинеската разузнавачка служба, кои му понудиле пари и „доживотно“ старателство над него во замена за информации до кои дошол додека бил во ЦИА, пренесе „Ројтерс“.
Стотици илјади долари биле уплатени на сметка на Ли во периодото од 2010 до 2013 година во замена за информации од ЦИА.
Ли е уапсен на Хаваи, кога агенти на ФБИ во неговата хотелска соба пронашле нотес кој содржел рачно напишани информации за ЦИА, наведе „Ројтерс“.
Ли располагал со чувствителни информации за ЦИА,како што се банкарски сметки на американската агенција, локации за оперативни состаноци, телефонски броеви и детали за тајните локации на ЦИА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Тунберг му одговори на Трамп: И ти страдаш од проблеми со агресија

Шведската активистка Грета Тунберг одговори на советот на американскиот претседател Доналд Трамп до неа да „бара помош“ за нејзините проблеми со агресијата, велејќи му дека и тој „страда од нив“.
Трамп ја нарече Тунберг (22), демонстрантка против климатските промени, која неодамна беше уапсена на брод што беше дел од „флотила“ што се обидуваше да ја пробие блокадата на Газа, луда проблематична личност која „треба да добие помош“ за нејзините проблеми со агресијата.
„Мислам дека треба да посети лекар. Таа е млада личност и е толку лута, луда е“, рече Трамп.
Одговор на Грета Тунберг
„Го видов Доналд Трамп повторно како ги изразува своите приватни, ласкави мислења за моето здравје и ја ценам неговата загриженост за моето ментално здравје“, напиша Тунберг на Инстаграм.
„До Трамп: Ги ценам сите препораки што ми ги дадовте за справување со овие таканаречени „проблеми со агресијата“ затоа што се чини дека и вие – со оглед на вашата импресивна историја – страдате од нив.“
Тунберг пристигна во Грција во понеделникот откако беше уапсена од Израел со стотици други активисти, а потоа депортирана поради обид за доставување хуманитарна помош во Газа.
„Сакам да бидам многу јасна. Таму се случува геноцид“, изјави Тунберг пред толпата на аеродромот во Атина.
„Нашите меѓународни системи ги разочаруваат Палестинците. Тие не се во можност да ги спречат дури ни најлошите злосторства“, рече таа.
„Она што се обидовме да го направиме со глобалната флотила беше да интервенираме кога нашите влади не успеаја да ја исполнат својата законска обврска“.
Фото: принтскирн
Свет
„Мој најдраг пријателе“- Ким Џонг-ун му го честиташе роденденот на Путин

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун му го честиташе роденденот на рускиот претседател Владимир Путин, истакнувајќи дека благодарение на неговото лидерство, Русија го предводи градењето на нов, мултиполарен свет.
„Мој најдраг пријателе, Владимир Путин, ви испраќам најискрени и најтопли честитки по повод овој важен роденден. Благодарение на вашето мудро лидерство и патриотска посветеност, Руската Федерација денес ја покажува својата слава како глобална сила со моќен политички систем и силна државна моќ, како моќна држава која го предводи градењето на нов, мултиполарен свет“, се наведува во пораката, пренесува РИА Новости.
Ким Џонг-ун додаде дека благодарение на Путин, Русија успешно ги брани своите интереси и постигнува моќ и просперитет.
Свет
Путин денес слави роденден: уште од мал знаел што сака

Претседателот на Русија, Владимир Путин, денес го слави својот 73-ти роденден, а на адреса на Кремљ пристигнуваат честитки.
Рускиот шеф на државата го поминува денешниот роденден на работа.
Роден е во 1952 година во денешен Санкт Петербург, во, како што раскажал во неколку наврати, обично семејство и скромни околности, благодарение на што ја зачувал својата врска со обичните луѓе до ден-денес. Во основно училиште, според неговите кажувања, бил палав, а поголем интерес за учење покажал дури во шесто одделение, кога станал еден од пионерите.
Путин многу добро знаел што сака да прави. Па, во една прилика, отишол директно во администрацијата на КГБ за да дознае како да стане разузнавач. И му било кажано дека една од опциите е прво да заврши факултет, по можност правен факултет.
„Од тој момент почнав да се подготвувам за правен факултет“, рекол еднаш Путин.
По дипломирањето на факултет, Путин почнал да работи во државната безбедност. Работел во секретаријатот на Дирекцијата на КГБ, а потоа во единицата за контраразузнавање кога бил забележан од службата за надворешно разузнавање, каде што, по обуката, работел околу четири и пол години. По уште една обука, заминал во Германија, каде што работел до 1990 година.
Од февруари 1990 година, Владимир Путин работел како асистент на ректорот на Ленинградскиот државен универзитет за меѓународни работи, а потоа како советник на претседателот на Градскиот совет на народните пратеници на Ленинград, Анатолиј Собчак (градоначалник на Санкт Петербург од 1991 до 1996 година).
Во јуни 1991 година, бил назначен за претседател на Комитетот за надворешни односи на Градската администрација на Ленинград.
Од 19 до 21 август 1991 година, во СССР се случил обид за државен удар, кој го организирал Државниот комитет за вонредна состојба, во кој учествувал и дел од врвното советско раководство. Владимир Путин, заедно со други функционери од градската администрација на Ленинград, се спротивставил на постапките на комитетот. На 20 август 1991 година, тој поднесе оставка од органите за државна безбедност.
Во 1999 година, во обраќање до јавноста, претседателот на Руската Федерација, Борис Елцин, изјави дека ја распуштил владата на Сергеј Степашин и ѝ предложил на Државната Дума да го назначи Владимир Путин за нов премиер. Во таа прилика, Елцин рече дека го гледа Путин како свој наследник и дека очекува од него да може да го консолидира општеството. Истиот ден, Путин беше назначен за прв заменик-премиер и вршител на должноста премиер. На 16 август 1999 година, Државната Дума го потврди неговото назначување за премиер.
Од 31 декември 1999 година до 7 мај 2000 година, Путин беше претседател на Руската Федерација, откако Борис Елцин ја објави својата оставка и му ги предаде своите овластувања.
На 26 март 2000 година, тој победи на вонредните претседателски избори, на кои се појави како кандидат на група граѓани. Доби 52,94% од гласовите, а инаугурацијата се одржа на 7 мај 2000 година.
Тој беше избран за втор претседателски мандат на 14 март 2004 година, добивајќи 71,31% од гласовите. Се кандидираше како независен кандидат. Функцијата ја презеде на 7 мај 2004 година.
Во 2008 година, Дмитриј Медведев, поранешниот прв вицепремиер, беше избран за претседател на Руската Федерација. На 8 мај 2008 година, Државната Дума го одобри изборот на Владимир Путин за премиер. Истиот ден, тој беше назначен за премиер со указ на претседателот. Тој остана на таа позиција до 7 мај 2012 година. Во тој период, тој беше и претседател на партијата „Единствена Русија“, иако не беше нејзин член.
На 24 септември 2011 година, на XII Конгрес на партијата „Единствена Русија“, по предлог на претседателот Медведев, Владимир Путин беше предложен за кандидат за претседателските избори во 2012 година, а беше реизбран за претседател на Руската Федерација како кандидат на „Единствена Русија“ на 4 март 2012 година. Тој освои 63,6% од гласовите, а инаугурацијата се одржа на 7 мај 2012 година. Мандатот на претседателот, во согласност со уставните измени од 2008 година, беше продолжен на шест години.
Владимир Путин беше реизбран за претседател на 18 март 2018 година со 76,69% од гласовите. Тој се кандидираше како независен кандидат, а инаугурацијата беше на 7 мај 2018 година.
На последните руски претседателски избори одржани на 17 март 2024 година, тој победи со рекордни 87,28% од гласовите – најмногу во историјата на претседателските избори во Русија. Тој се кандидираше како независен кандидат, а инаугурацијата беше одржана на 7 мај 2024 година.
Како претседател на земјата, Путин е врховен командант на вооружените сили на Руската Федерација, претседава со Советот за безбедност и Државниот совет на Руската Федерација.
Фото: принтскрин