Македонија
(Видео) Мицкоски до пензионерите: Заев ви скрати 450 денари од пензиите

Заев говори лаги дека ви ги зголемува пензиите, вистината е дека тој ви одзема од вашите пензии кои ги имате заслужено, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во видео обраќање до пензионерите.
„Верувам дека нема да потпаднете на манипулациите на Заев кој одзема 450 денари од пензиите“, рече Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија истакна дека до 1 јануари оваа година година, зголемувањето на пензиите се пресметувало како резултат на зголемувањето на два индикатори – раст на трошоците за живот и половина од растот на просечната плата во државата во претходните 6 месеци од годината. На 1 јануари, вели Мицкоски, Заев го укина вториот индикатор за зголемување на пензиите, а тоа е растот на просечната плата во државата, и со тоа ви ги намали пензиите.
„Просечната пензија на 31.12.2018 година изнесуваше 14.445 денари, и ако таа пензија како што беше со закон предвидено се зголемеше за половина од 6,15 проценти колку што беше растот на просечната плата во второто полугодие од 2018-тата година, тогаш пензијата ќе се зголемеше за 3,075%, и таа ќе изнесуваше 14.890 денари, односно вашето месечно зголемување требаше да биде 445 денари во првата половина од 2019-та година, пари кои Заев не ви ги даде, односно ви ги одзеде. Ако просечната пензија на 30.06.2019 година изнесуваше 14.890 денари, и ако таа се зголемеше за 1,75%, колку што изнесуваше половината од процентот на раст на просечната плата во првото полугодие од 2019-та година, тогаш вашата пензија требаше да изнесува 15.150 денари, или вие пензионери требаше да добиете ново зголемување на пензијата од дополнителни 260 денари. Значи со укинувањето на законската одредба, Заев во првите 6 месеци од 2019-та ви одзема по 445 денари месечно, а во вторите 6 месеци од 2019-та година ви одзема дополнителни 705 денари месечно, или вкупно во 2019-та година Заев ви одзема 6.900 денари, или 575 денари месечно просечно“, вели Мицкоски.
Тој понатаму додаде дека просечната пензија на 31.12.2019-та година требала да изнесува 15.150 денари, и доколку се претпостави дека растот на просечната плата во втората половина од 2019 и во првата половина од 2020-та година изнесува 5 отсто, тогаш просечната пензија во периодот јануари – јуни 2020-та година треба да изнесува 15.530 денари, а во втората половина од 2020 година просечната пензија треба изнесува 15.917 денари.
„Со укинувањето на законската одредба, Заев во првите 6 месеци од 2020-та година ви одзема по 380 денари месечно, а во вторите 6 месеци од 2020-та година ви одзема по дополнителни 770 денари месечно, или вкупно во 2020-та година Заев ви одзема дополнителни 6.900 денари, или 575 денари месечно просечно“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од шумскиот пат кон езерото, се води жестока битка за да се спречи ширењето на пожарот кај Јасен

Пожарот кај Јасен и натаму се заканува, откако во текот на ноќта започнал да се шири од шумскиот пат пред објектите на ловиштето кон ресторанот Козјак. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Анеглов, изјави дека пред неколку дена патот бил внимателно исчистен од вегетација со блудожер и сега претставува појас кој спречува ширење на огнот.
„Се води жестока битка со огнот, но надлежните служби не дозволија пожарот да се префрли на спротивната страна. Денес продолжува оперативната акција, со чистење на гребенот до езерото за да се стопира ширењето на огнот. Истовремено се дејствува и од воздух“, изјави Ангелов.
Како што додаде, покрај овој пожар, има уште неколку, но тие се безопасни во споредба со она што се случува во Јасен. Ангелов најави повеќе информации околу 13 часот.
Македонија
Антикорупциска брои службени возила пред изборите – институциите не ги пријавиле сите во рокот

Во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија и други правни лица со државен капитал при Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се пријавени 1.916 возила, иако институциите располагаат со околу 6.500 возила.
Податоците за бројот, марката, годината на производство, регистарскиот број и возната состојба требаше да се достават најдоцна до 18 август. Доколку правните лица не ги поднесат информациите навремено, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот.
Евидентирањето на возилата има за цел да спречи нивна употреба за потребите на изборните кампањи. Владата донесе одлука сите службени возила да добијат специјални црвени таблички најдоцна до 15 септември, а ќе се воведе и специјален регистар за нивно следење.
Македонија
Сончево време со изолирана појава на нестабилност попладне

Времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Попладне во југоисточните делови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во четврток ќе дува умерен до засилен, а во петок повремено силен јужен ветер. Во сабота ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во недела, а дневната температура ќе биде во опаѓање.