Македонија
Исчистена дива депонија во Бардовци
Исчистена е дивата депонија во Бардовци, долж течението на реката Лепенец. Подигнати се 550 кубни метри отпад, кои со години се таложеа на оваа локација и придонесуваа кон зголемување на аерозагадувањето. Тука се палеа и огнови на отворено, а се одлагаше и шут.
Акцијата ја спроведе Општина Карпош во соработка со ЈП „Комунална хигиена“ Скопје. Дополнително, како што најавија од општината, ќе се постават бариери за да се спречи создавање на нова депонија, а се интензивираат и инспекциските служби на овој потег.
„Минатата недела, затворивме и депонија во Злокуќани кај фудбалското игралиште. Со тоа, изминатиов период затворивме повеќе критични точки кои со години претставувале опасност за животната средина: депонијата кај „Газела“, депониите кај С.Ц. „Борис Трајковски“ и горе посочените депонии. Исто така, започнавме со еден стратешки пристап кон расчистувањето на отпадот во Карпош. Оваа недела објавивме дека мапиравме 13 локации на кои има поголема количина отпад, a денешната локација е токму таква и е дел од мапираните локации. Во наредниот период продолжуваме со чистење и на останатите критични точки“, рече градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.
Денеска, комуналните служби на Карпош чистат повеќе делови од Бардовци, а се мијат и улиците со цистерни од страна на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје. Исто така, се чисти и страничниот дел од патот кој води до „Свислион“.
Општина Карпош веќе ја спроведува и информативната кампања за правилно одлагање на џебен, комунален, кабаст и електричен/електронски отпад. Сите граѓани можат да ги добијат потребните информации на www.karpos.gov.mk , а се делат и информативни флаери во сите урбани заедници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општината Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот корисниците на улиците Борис Сарафов и Атанас Иљоски (општина Ѓорче Петров).
Македонија
Магла на два патни правци, најавен собир на регионалниот пат Берово – Струмица, сообраќајот ќе биде блокиран
Поради појава на магла се бележи намалена видливост од 50 – 60 магла има на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија, извести АМСМ.
Најава за прекин на сообраќај: На 19.12.2025 година во 10.00 часот од страна на Месно население на село Двориште, најавен е јавен собир на Регионален пат П-1302 (Берово – Струмица) на место викано „Студенецо“, при што сообраќајот ќе биде блокиран, а возачите кои сообраќаат по патниот правец Струмица – Берово, да ги користат алтернативните патни правци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне магла
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне наместа ќе има појава на магла. Во југоисточниот дел од земјата ќе дува слаб ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса до понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник кон крајот на денот ќе има услови за локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

