Македонија
Пендаровски: Сите политички водства сме одговорни за масовното отселување на младите
Сите политички водства сме одговорни за масовното отселување на младите, вели претседателот Стево Пендаровски, надоврзувајќи се на изјавата во Нови Сад, каде денеска кажа дека и тој би се иселил од Македонија доколку не е претседател.
„Ја разбирам потребата за дадената изјава на Регионалниот младински лидерски форум во Нови Сад да биде врамена во дневни партиско-политички пресметки, но трендовите во целиот регион и кај нас се неспорни. Губиме висококвалификуван и млад кадар. Одговорноста е на сите политички водства, од независноста до денес. Вклучително и моја“, вели Пендаровски во допис до медиумите.
Претседателот додава дека доколку немаат суштинска европска перспектива, поголеми плати и поквалитетен живот, младите ќе продолжат масовно да се иселуваат.
„Младите мора да имаат прва шанса да успеат дома“, нагласи Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Битиќи: Во коалиција со граѓаните нема да дозволиме Македонија повторно да биде заробена држава
„Откако ја примивме пораката од граѓаните, се мобилизиравме, ги зацврстуваме редовите и го шириме добриот глас за европска Македонија. Доаѓаме во секое маало, секое село, град и општината. Подаваме рака кон секоја заедници, кон секој еден кој сака европска Македонија. Во коалиција сме со граѓаните. Нема да дозволиме Македонија повторно да биде заробена држава“, порача ко-носителот на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина од Изборна единица 2, на денешните средби со жителите на скопската општина Ѓорче Петров.
Тој посочи дека реториката на ВМРО-ДПМНЕ и ксенофобијата на Гордана Силјановска нема да донесат позитивни промени за државата, затоа што кај нив нема место за различните од нив, за оние кои веруваат во европска Македонија, во која ќе има достоинствено место за секој еден.
„Нашата одговорност кон идните генерации не обврзува да не дозволиме да се случи некој нов 27-ми април или 24-ти декември. Не смееме да дадеме повторно политичка шанса за масовно прислушување, тефтерчиња со судии, за полиција која тепа студенти по библиотеки. Нашите деца не заслужуваат да бидат изложени на пресметки поради нивни различни мислења или ставови. Со гласот за број 1 на 8-ми мај ќе ги заштитиме од закани и уцени“, порача до жителите на Ѓорче Петров, потпретседателот на СДСМ, Битиќи.
Тој посочи, политичките амбиции за тоа како гледа на Македонија ВМРО-ДПМНЕ ги разоткри со влегувањето во техничка влада, со преземањето на раководењето на МВР.
„Си имаме работа со истото ВМРО-ДПМНЕ од времето на режимот на Груевски, кога вршеа упади по медиуми и затвораа новинари. Одма се обидоа медиумите да ги направат плен на нивните политички игри. Погледнете го случајот со новинарот Фуркан Салиу, со пендрек се обидоа да го замолчат. Сега е тој, но ќе бидат уште многу повеќе новинари доколку им се даде шанса, а тоа може да им го ускратиме само со мобилизирање на неопределените, на разочараните, на прогресивните граѓани “, рече Битиќи.
Македонија
Кавга меѓу Ковачки и Лога за поткуп, закани и притисоци врз гласачи
Носителот на ИЕ 3 на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, синоќа од митинг во Кочани, порача дека Генсекот на Алијанса за Албанците и актуелен министер за правда Кренар Лога заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и вицепремиерот Артан Груби „вршат масовен поткуп, се закануваат и уценуваат се со цел да добијат еден пратеник и во третата изборна единица“.
– Сакам да упатам порака до Али и Груби. Деновиве слушам дека вршат масовен поткуп, се закануваат и уценуваат, го праќаат Кренар Лога, потрчкото од Алијанса во Делчево и Берово се со цел да добијат еден пратеник овде во третата изборна единица. Кренар не си ги валкај рацете. Не ти е таму местото. Повлечи се додека е време, ќе завршиш во затвор, како министер за правда знаеш дека тоа што го правиш е против законски, рече меѓу другото пратеникот.
По ова, реагираше Лога.
– Го знам вашиот интелектуален капацитет нереформиан кадар кој за среќа, во земја членка на НАТО нема преспектива и нема можност за добивање безбедносен сертификат, што за ваша несреќа долгосонуваната позиција Министер за одбрана станува неостварлива. Оваа закана чувајте ја за себе. Во исто време ви благодарам што нè мотиварате дополнително. Овие бесмислици од минатиот век, народски речено, не држат вода кај нас. Ќе ме имате секој ден во секој дел на оваа заедничка држава. Мојата Македонија е побогата од вашата. Европска Македонија е далеку поубава и поперспективна за разлика од вашата Македонија, која е регресивна, изолирана и е со тефтерче против своите граѓани. Неспособен полковнику, како Европски фронт тука сме како гаранција дека оваа држава ќе се движи напред и дека оваа држава е на сите граѓани, како на Македонците, така и на сите останати од третата изборна единица, објави Лога на социјалните мрежи.
По неговата реакција, повторно се огласи Ковачки.
– Господине Лога, вие сте непозната личност, исто како вашиот труд за Македонија. Ако не бевте министер за правда, немаше јавноста да знае дека воопшто постоите. Но последиците од вашата неспособност се познати. Тие се бројат со најкатастрофалните извештаи за државата во поглед на правдата. Вие сте министер за правда кога довербата во судството е под 3%. Знаете зошто е така? Затоа што другар на Али од Зајас е Ислам Абази, првиот човек на организиран криминал, како и Бурим Сејдини, исто од Зајас, кој е претседател на Управниот суд. Претседателите на основните судови во Тетово и Кичево, Хасан Асани и Амдије Зенку се поранешни функционери и активисти на ДУИ. Во врховниот суд е и Шпенд Деваја, сопругот на поранешната градоначалничка Теута Арифи. Ова судство е на ДУИ. Затоа нема одговорност за ниту еден од ДУИ и нивните слуги од СДС. Кога веќе лажно морализирате и си ја приграбувате идејата за Европска Македонија, да ве прашам, како е чувството да сте привезок на Али, да седите во неговиот скут и да зборите за Македонија? Едното со другото не оди. Еден Палчо од Турција го екстрадирате како да го носите од месечината. Ете толку сте способни. Вашата пресуда доаѓа од народот на 8 мај. Колку вие подалеку од политика, толку повеќе Македонија повторно на народот, возврати Ковачки.
Македонија
Денеска, на големиот празник Цветници, осветен Македонскиот Крст во Драчево, висок е 63 метри
Денеска, на големиот празник Цветници, во пресрет на Велигден, беше осветен македонскиот Крст во Драчево, висок 63,5 метри, втор по големина во Македонија. Во присуство на г.г. Стефан кој ја водеше церемонијата на осветувањето, градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, како инвеститор на објектот, и други видни гости од општествениот, политичкиот и црковниот живот во Македонија, како и огромен број на граѓани, жители на Драчево, се одржа манифестација која за сите присутни ќе остане во трајно сеќавање.
– Од денес погледот кон небото нема да е ист. Од денес- над нас, тука во Драчево стои еден моќен симбол на верата, надежта и љубовта. Крстот е икона на верата, симбол на возвишеноста на човекот пред бескрајната моќ на небото. Во неговите контури е собрано целото значење на христијанството, каде се преплетуваат симболиката на жртвата, спасението и вечната љубов кон Бога! Осветувањето на овој Македонски Крст е чин на почитта кон минатото, вера во иднината и мост кој не спојува сите нас. Тој ќе стои тука, како светилник на нашата заедница, потсетувајќи нè на човековите вредности, на моралот и на нашиот пат кон почит и човекољубие. Силно верувам дека Бог нè осветлува и нè води, потсетувајќи нè дека секој наш чекор, секој наш обид да градиме нешто во Негово име, е благословен и благодетен. И затоа ова е богатството и заветот што го оставаме за следните генерации-истакна во своето обраќање градоначалникот Ѓорѓиевски. Додаде дека очекува овој Крст да биде светилиште за сите, мирно место за размислување и молитва, новото збиралиште и центар на Кисела Вода, а можеби и на цело Скопје, од каде ќе одекнува заедништвото, сплотеноста, и љубовта. Тој им се заблагодари на Светскиот Македонски Конгрес, на МПЦ И Г.Г. Стефан, и на секој поединец, на секоја компанија, на сите кои дадоа свој придонес за изградбата на Македонскиот крст.
– Посебно ми е драго што неговото осветување се случува денес, кога го славиме празникот Цветници, во предвечерјето на најголемиот ден за христијаните-Велигден. Празникот кој ја слави победата на животот над смртта и кој на највисок пиедестал ја издигнува верата. Денешниот ден е силен одек за времињата што доаѓаат, за промените што веќе започнаа да се случувaат, за новите историски моменти кои допрва ќе ги испишуваме во историјата на нашата Македонија. Со Божји благослов продолжуваме напред со проекти, со дела кои ќе бидат нашиот потпис и влог во иднината што ја оставаме на следните поколенија-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Изградбата на Македонскиот крст во центарот на Драчево, во “Паркот на бранителите”, започна на 16 април 2022 година. Неговото осветување денес е најголемата молитва пред Господа за победата на животот над смртта, за спасение на човештвото, на Македонците по род и државјанство, и на државата Македонија, истакна Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.
-Македонскиот Крст во Драчево е дванаесетти во светот, а втор во Македонија. Висок е 63,5 метри, широк 4 метри, со распон на краците 34 метри, секој крак по 15 метри. Постаментот е 12,5 метри, на три нивоа, темелната плоча е со дебелина од 1 метар. Во Македонскиот Крст во Драчево е вградена челична конструкција од 80 тона, премачкана со алкална жолта боја. На крстот е изведена светлечка инсталација со енергетска самоодржливост, што ќе претставува вистинска атракција во овој дел од градот Скопје и општината Кисела Вода. Вечерва ќе не огрее неговата светлина. Крстот претставува симбол на мирот и љубовта наспроти омразата и војната и затоа, радоста е заемна и благодатна за сите граѓани на државата Македонија, за сите Македонци по род и државјанство. За многаја лета Крстот, кој денес се освети, за многаја лета Драчево и општината Кисела Вода, за многаја лета Скопје метрополата и државата Македонија! Нека овој свет крст биде светилник на верата во Бога и на љубовта за татковината Македонија! Нека Господ Бог не’ благослови сите нас, нека Господ Бог ја благослови Македонија-истакна Тодор Петров, кој потоа, како инвеститор на објектот им додели плакети и благодарници на сите кои ја помогнаа изградбата на ова свeто здание.
Настанот беше дополнет со богата музичка програма од познати македонски музичари- Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски како и мешаниот камерен хор ,,Свети Климент Охридски” и дечињата од КУД “Китка”.