Економија
Ангеловска: Со укинување на сметкопотврдата се поедноставуваат процедурите

Поедноставување на процедурите во деловното окружување, намалување на административниот товар, како и заштеда на хартија, простор и време, се придобивките од укинување на сметкопотврдата предвидено со измените на Законот за данок на додадена вредност. Ова го истакнаа денеска министерката за финансии Нина Ангеловска и преставници на сметководствениот сектор на прес-конференција во Министерството за финансии.
Министерката за финансии Ангеловска посочи дека со измените кои се предложени кај законот за ДДВ се укинува сметкопотврдата како пропратен документ на фискалната сметка за правдање на трошоци до износ од 6.000 денари. Со оваа измена, ДДВ обврзник, за да искористи право на поврат на влезен ДДВ, или „право на ДДВ по одбивка“ за промет до 6.000 денари, не треба да поседува сметкопотврда. Доволно е да поднесе само фискална сметка на која стои и производот и сумата потрошена за истиот.
„Во многу развиени земји, па и во регионот овој документ е укинат и не се користи. Светот брзо се менува, зборуваме за електронско смертководство во развиените земји, зборуваме за безхартиена околина и мораме и ние и нашата администрација да го следи тоа за да можеме да го олеснуваме се повеќе и повеќе работењето на компаниите и да го подобруваме деловното окружување. Ова е само еден мал дел од мозаикот во промени и олеснувања на подобрување на деловното окружување и на намалување на административниот товар, и од страна на компаниите и за ослободување на ресури на даночната администрација. Како што знаете приоритет ни е борбара против сивата економија, а на овој начин, администрацијата ќе се користи таму каде што ќе биде попотребна“, рече Ангеловска.
Таа посочи дека оваа мерка е и во насока на заштита на животната околина, ако се земе во предвид дека со помала потрошувачка на хартија ќе се влијае на намалување на сеча на дрвјата.
Сметководителите ја поздравија иницијативата на Министерството за финансии за намалување на административниот товар и за поедноставување на постапката.
„Ова беше непотребна процедура која го оптеретуваше работењето. Со тргање на сметкопотврдата се поедноставува постапката, бидејќи сега имаме само еден документ при обработка на податоците. Претходно имавме два идентични. Се штеди време, се штеди на простор, се штеди на хартија и навистина со ова навистина ќе се олесни нашата работа“. рече Елизабета Ицева, финансиски менаџер.
„Со ова воглавно ќе се подобри админитрирањето помеѓу даночните обврзници во самиот промет и она што е уште поедноставно и полесно кај даночните обврзници е дека ќе се избегне онаа евиденција и чување на хартија во нивните простории. Она на што би обрнал внимание повеќе кај даночните обврзници е дека укинувањето на сметкопотврдата не претставува избегнување на обврската за докажување на прометот“, рече Звонко Кочовски, овластен ревизор.
Министерката за финансии Ангеловска посочи дека со измените на Законот за ДДВ се подига и прагот за ДДВ обврзник од 1 на 2 милиони денари.
„Би сакала да истакнам дека при ММФ техничката мисија беше пофалено ова решение и од нивна страна, бидејќи е во насока на ослободување на ресурсите на даночната администрација и на олеснување на процедурите за малите и средни компании“, рече Ангеловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.