Македонија
(Видео) Заев: Политичките лидери треба да ги обезбедат сите услови за младите
Политичките лидери треба да ги обезбедат сите услови за младите да го прифатат и да го предводат бранот на промени во своите земји и во регионот, истакна денеска претседателот на Владата, Зоран Заев, на завршната пленарна сесија „Западен Балкан во 2030 – Визии. Желби. Реалности.“ во рамки на Четвртиот Форум за младинско лидерство што се одржа во Нови Сад.
„Политичките лидери од регионот треба да ги обезбедат сите услови да младите да го прифатат бранот на промени тука, во своите земји, во регионот и да станеме конкурентен дел на Европа. Регионот се менува и тоа е незапирлив процес, а младите се треба да двигатели на тие промени. Не може да чекаме некој друг да ни помогне“, истакна премиерот Заев.
Тој потенцираше дека треба младите треба да учествуваат во изнаоѓањето решенија за предизвиците и проблемите со кои се соочува нашиот регион и Европа.
„Сите сме охрабрени од потенцијалот на нашиот регион да произведува соработка, добри вести, реформи и решавање на проблемите, како и од пријателствата што ги имаме ширум Европа и светот. Сите сме силно мотивирани да направиме повеќе од нас и за нас за да му докажеме на целиот свет дека национализмот, конфликтите и проблемите се зад нас, а прогресивниот дух, желбата за соработка и решавање на заедничките проблеми се пред нас“, рече премиерот Заев.
Во однос на одлуката да не им биде овозможен старт на преговорите на нашата земја и на Албанија, Заев потенцираше дека таа не смее да влијае на мотивацијата за трансформацијата на општествата во земјите на Западен Балкан, и дека реформите и промените согласно европските стандарди треба да добијат на уште поголема динамика.
„Пред неколку години тешко седнувавме на маса, а сега покренуваме заеднички иницијативи, соработуваме, си помагаме, се изградија видливи пријателства. Тоа го правиме преку Берлинскиот процес и Регионалната економска област. Но, тоа го правиме и преку процесот за напредна регионална соработка која ја инициравме со претседателот Вучиќ и премиерот Рама. Направивме искрена и корисна иницијатива отворена за сите од регионот. Низ дијалог, пријателство, низ соработка, со шанса за младите ќе ги забрзаме развојните процеси во овој дел на Европа интерес на младите“, нагласи премиерот Заев на завршната пленарна сесија „Западен Балкан во 2030 – Визии. Желби. Реалности.“, како и на прес конференцијата веднаш по повод Четвртиот Форум за младинско лидерство што се одржа во Нови Сад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

