Македонија
Портокалова кампања против насилството врз жени и девојчиња – 16 дена активизам #НемаОправдување
На Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените, со официјален настан во Паркот на жената борец, денеска, од 19 часот, ќе се означи почетокот на годинешната кампања со слоган „#НемаОправдување – заедно против насилството врз жените и девојчињата“.
Со настанот почнуваат и другите активности што ќе се реализираат во текот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, што ќе трае до Меѓународниот ден на човековите права, 10 Декември.
Во светски рамки, една од три жени е жртва на насилство. Насилството врз жените и девојчињата постои во разни форми, во кои влегуваат разните психички и физички акти на насилство, кои се случуваат секој ден. Цел на кампањата е да поттикне дискусија, споделување и активно вклучување во борбата против насилството врз жените и девојчињата.
Замислена е да ја рефлектира темата „Обојте го светот во портокалово: Генерацијата еднаквост зазема став против силувањето“, а како носечки симбол на овој настан е целосното портокалово осветлување на Паркот на жената борец. Портокаловата боја е избрана како симбол за посветла иднина, без насилство врз жените, и таа боја е основа за целата кампања, која ќе трае 16 дена.
На настанот ќе присуствуваат многубројни високи владини претставници, како и претставници на мисиите на ОН, Европската Унија и ОБСЕ во Северна Македонија, кои ќе им се обратат на присутните истакнувајќи ја важноста од поактивно вклучување на сите институции и воопшто генералната јавност во борбата против разните форми на насилство врз жени и девојчиња.
Планираните активности за 16-те дена активизам вклучуваат кампања на социјалните медиуми, со објавување разни содржини и едукативни пораки против насилство од разни луѓе, од разни сфери на животот, како нивен знак на поддршка и организирање низа активности, како и дебати и работилници во целата држава.
Следете го хаштагот #НемаОправдување и приклучете се кон единствената цел – општество без насилство врз жени и девојчиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.
Посакувајќи му добредојде во законодавниот дом од името на пратениците, претседателот Гаши истакна дека и покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка.
Тој ја повтори посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.
Понатаму, претседателот Гаши информираше дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.
Двајцата соговорници се сложија дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Беше нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.
Исто така, беше потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.
Генералниот директор за европски прашања му врачи на претстедателот Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.

