Регион
(Видео) Пожар во стан во Сплит: температурата достигнала до 1.000 степени, се топела пожарникарската опрема

На сплитските пожарникари им биле потребни осум часа за да изгаснат пожар во стан на шестиот кат, во кој огнот го проголтал целиот станбен простор, а температурата достигнала дури 1.000 степени предизвикувајќи топење на пожарникарската опрема.
Покрај конкретниот стан, каде што пожарникарите пронашле голема количина отпад, па дури и автомобилски гуми, оштетени се и балконите на становите погоре, како и оние под него, каде што се излеала вода од гасењето на пожарот, пренесе „Хина“.
Командирот на сплитската јавна противпожарна единица (ЈВП), Иван Ковачевиќ, рече дека од огромната температура што ја создал пожарот се стопила опремата на пожарникарите, а металната ограда на балконот се претворила во пепел.
„Нашите костими се тестирани на 1.000 степени и благодарение на оваа висококвалитетна и најсовремена опрема пожарникарите не претрпеле повреди на толку високи температури, односно не добиле никакви изгореници“, рекол тој.
Поради разните отпадоци во станот, пожарот беснеел неконтролирано, а дополнителен проблем за пожарникарите било и тоа што имале отежнат пристап до зградата поради паркираните автомобили.
Пожарот избувнал во 9 часот во неделата, а во неговото гасење учествувале 41 пожарникар со 15 возила, како и членови од Волонтерската противпожарна асоцијација од Сплит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ се огласи од Москва по проблемите со летот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска пристигна во Москва, каде на аеродромот Внуково го пречека заменик министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко.
Доаѓањето на Вучиќ во живо го пренесуваше најгледаната руска телевизија „Русија 24“. На Вучиќ му беше договорен свечен пречек.
„После многу години, повторно во Москва. Горд на антифашистичката борба на мојот српски народ и благодарен за огромната помош што ја имавме од Црвената армија за време на ослободувањето на Србија“, напиша Вучиќ на Инстаграм.
Вучиќ околу 11 часот полета од Белград за Москва, каде што треба да присуствува на прославата на Денот на победата на Црвениот плоштад. Авионот привремено слетал во Баку бидејќи немал дозвола за летање поради борбени операции. Откако доби зелено светло, летот продолжи.
Авионот на Владата на Србија во кој се наоѓаше претседателот на Србија, Александар Вучиќ, полета од Баку за Москва околу 14:10 часот по српско време.
Во изминатите неколку дена аеродромите во неколку руски градови беа затворени поради напади на украински беспилотни летала.
Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, вчера изјави дека рускиот претседател Владимир Путин на 9 мај ќе има билатерални разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ.
На 9 мај во Москва со Парадата на победата ќе се одбележи 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна, а претседателот Вучиќ претходно најави дека и покрај сите притисоци ќе оди во Москва да го прослави Денот на победата и дека гордо ќе ја претставува Србија на 80-годишнината од победата над фашизмот.
Регион
Авионот на Вучиќ приземјен во Баку, летот прогласен за небезбеден

Авионот на српскиот претседател, Александар Вучиќ, со кој утрово во 11 часот полета за Москва, е приземјен во Баку и во моментот не може да го продолжи своето патување бидејќи нема дозвола да го продолжи летот поради воените операции меѓу Русија и Украина.
Сите земји претходно дадоа дозвола за летот, но сега не може да ја дадат поради воените операции, јавува репортер на „Танјуг“. Се чека одобрение за продолжување на летот.
Аеродромите во Москва исто така моментно се затворени.
Украина ја нападна Москва со беспилотни летала принудувајќи ги повеќето аеродроми во руската престолнина да се затворат токму кога кинескиот претседател Шји Џјинпинг требаше да пристигне за да ја прослави победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Во изминатите неколку дена аеродромите во неколку руски градови беа затворени поради напади од украински беспилотни летала.
За потсетување, претходно беше закажано српскиот претседател да има билатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин в петок, што беше објавено и од Кремљ.
Според „Спутник“, не е познато кој воздушен коридор го користел Вучиќ за руската престолнина.
На 9 мај Русија ја одбележува 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна со парада на Црвениот плоштад во Москва и со низа други настани. Се очекува да присуствуваат повеќе од 20 светски лидери.
Регион
Вучиќ отпатува во Москва

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, отпатува за Москва, каде што ќе присуствува на воената парада на Црвениот плоштад, објавија српските медиуми.
Кремљ вчера објави дека претседателот на Србија ќе се сретне со рускиот претседател, Владимир Путин, в петок, 9 мај.
Пред да замине за Москва, Вучиќ утрово се сретна со рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко. Медиумите во Србија во последните денови шпекулираа дека Латвија и Литванија го забраниле летот на српскиот претседател до Москва, па затоа не е познато кој воздушен коридор го користел Вучиќ до руската престолнина.
На 9 мај Русија ја одбележува 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна со парада на Црвениот плоштад во Москва и со низа други настани, а се очекува да присуствуваат повеќе од 20 светски лидери, вклучувајќи го и кинескиот претседател Шји Џјинпинг.
По агресијата на Русија врз Украина, парадата стана дел од пропагандата на Путин, а многубројни западни и украински функционери повикаа на бојкот на церемонијата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски дури рече дека не може да се гарантира безбедноста на учесниците.