Македонија
Алијансата за Албанците: 22-годишно момче почина во затворот во Куманово во неразјаснети околности
Алијансата за Албанците реагира за смртта на 22-годишното момче во затворот во Куманово. „Со жалење ја добивме веста за смртта на 22-годишникот од населбата Арберија Куманово, случај што го шокира целиот град, но и пошироко. 22-годишникот почина во затворот во Куманово во околности непознати за јавноста и неговото семејство“, соопшти партијата.
Алијансата за Албанците огорчена од случајот бара целосна одговорност од надлежните органи и одговорните лица, кои требало да му дадат прва помош на овој млад затвореник.
„Во такви околности, дефинитивно, мора да се преземе одговорност и јавно да се наведе причината за смртта. Затворот никому не треба да му биде последна станица, а камоли на еден млад човек, кој беше таму да се ресоцијализира и да се реинтегрира за утре, ова општество му понуди живот, а не смрт“, се вели во соопштението.
Алијансата за Албанците бара оставки од министерот за правда, директорот и од заменик-директорот на затворот и бараме кривична и морална одговорност за овој случај доколку им преостанал малку морал.
„Не треба да се заборави дека ниту еден затвореник не може да биде задржан во затвор без да се потврди неговото/нејзиното целосно здравје, секој затвореник има право да се лекува надвор од затворската ќелија, секој затвореник има право да го продолжи животот во нормални услови, кои не го загрозуваат неговото здравје, секој затвореник неоспорно треба да има право на здравство како и сите ние надвор од затворот!
Овие фундаментални права на затворениците брутално продолжуваат да се прекршуваат во затворите на Северна Македонија. Земајќи ги предвид сите овие факти, заклучуваме дека не само затворот во Куманово туку и секој друг затвор во Македонија се соочува со мизерни услови, во кои има смртни случаи. Условите што предизвикуваат смрт на многу затвореници со текот на годините не поминаа незабележани од меѓународните организации, кои во повеќе наврати повикуваа на итна интервенција на властите за подобрување на условите. Со најголемо жалење ја споделуваме болката со семејството на починатиот со надеж дека нашата реакција ќе помогне да се расветли случајот“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Има место за сите во нашиот тим – започна нова кампања против дискриминација во фyдбалот
Денес, на Светскиот ден на детето, Министерството за образование и наука, Министерството за спорт, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Фудбалската федерација на Македонија и УНИЦЕФ ја започнаа кампањата „Еден тим за секое дете – нулта дискриминација“.
Иницијативата има за цел промоција на фер-плеј, инклузија и почитување на секое дете – со особен фокус на девојчињата, децата Роми и децата со попреченост.
„Обединети сме во грижата за децата и младите. И тоа е добро, затоа што само заедно можеме да ја оствариме целта – да имаме здрави поколенија со квалитетни знаења. Образованието е вистинскиот начин за градење спортски вредности. Преку наставни и воннаставни активности поставуваме темели за здрава спортска етика, за почитување на различностите и за поттикнување на учество на сите деца – девојчиња, припадници на ромската заедница и деца со попреченост,“ изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа истакна дека кампањата е можност да се продлабочат наставните содржини на овие теми, а продолжениот престој во училиште, за кој Министерството се залага, да се искористи за воннаставни активности за градење култура на фер-плеј и инклузија.
„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со големо задоволство се приклучува на оваа заедничка иницијатива и им се заблагодаруваме на партнерите од ФФМ, Министерството за спорт и МОН за нивната подготвеност да се спроведе ваков тип на кампања. Огромна благодарност и за поддршката од Канцеларијата на УНИЦЕФ која е од суштинско значење за да обезбедиме системски пристап во заштитата на децата од дискриминација во спортот. Заедно можеме и мораме да создадеме средина во која секое дете ќе се чуствува безбедно, прифатено и охрабрено да учествува. Во фудбалот нема место за предрасуди и стереотипи – има место само за почит, фер-плеј и еднаквост“ – истакна претседателот на КСЗД, Душан Томшиќ.
На настанот, деца и млади спортисти имаа можност да учествуваат во отворена панел дискусија со фудбалери кои споделија искуства со дискриминација во спортот.
“Тука сме да покажеме дека различноста е сила и дека во нашиот тим има место за сите. Тим во кој нема место за дискриминација, говор на омраза или исклучување. Тим во кој секој има право да сонува и да успее,“ изјави Леонид Јандреоски, генерален секретар, ФФМ.
“Без оглед дали се темели на етничка припадност, пол, попреченост или социо-економско потекло, дискриминацијата го ограничува учењето, благосостојбата и можностите на децата во текот на целиот живот. Кога има фер-плеј, солидарност и почит, влијанието може да биде трансформативно. Сите ние можеме да бидеме дел од оваа промена, и сметаме на децата и младите да ја предводат промената,“ истакна претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер.
Таа ги повика младите спортисти да ги третираат другите онака како што би сакале самите да бидат третирани и да проговорат кога ќе забележат дискриминација; тренерите и родителите да бидат пример и да постават правила со нулта толеранција кон дискриминацијата, а лидерите и креаторите на политики да обезбедат секое дете да се вклучи во спорт без дискриминација и да ги проширaт инклузивните програми во училиштата, клубовите и заедницата.
За време на настанот, децата и фудбалерите од националната репрезентација ја подготвија заклетвата „Еден тим за секое дете“. Заклетвата ќе се сподели со сите клубови во земјата со повик до младите спортисти да ја прочитаат пред секој натпревар и тренинг. Таа ќе служи како потсетник на значењето на културата на фер-плеј, почит и солидарност во спортот и отворено зборување секогаш кога ќе се забележи неправда.
Во текот на кампањата, училиштата и спортските клубови ќе добијат поддршка за организирање дискусии на овие теми со цел децата полесно да ги препознаваат предрасудите, да разберат како влијае дискриминацијата и да научат како да пријават случаи на дискриминација во спортот.
За време на кампањата – од 20 ноември 2025 до 1 март 2026 – партнерите ќе ја пренесуваат пораката дека има место за сите во нашиот тим.
Македонија
Пуштена во употреба првата специјално уредена просторија за работа со деца и ранливи категории лица во СВР Битола
Денес, во просториите на Секторот за внатрешни работи Битола, беше пуштена во употреба нова специјализирана просторија за работа со деца и други ранливи категории лица. Активноста е реализирана во рамки на програмата „Шведска поддршка на полициските реформи во Северна Македонија“, поддржана од Владата на Кралството Шведска и Шведската агенција за меѓународен развој – СИДА, во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
На настанот присуствуваа заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени, амбасадорот на Кралството Шведска во Северна Македонија, Ола Солстром, и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, како и претставници на проектните тимови и полициски службеници.
Новата просторија претставува значаен исчекор во унапредувањето на условите за работа на полициските службеници кои постапуваат во случаи поврзани со деца – како жртви, сведоци или сторители на кривични дела – како и во случаи на семејно насилство. Просторот е опремен согласно меѓународните стандарди, со цел овозможување безбедна, соодветно прилагодена и чувствителна средина за разговор со малолетни и ранливи лица.
Министерството за внатрешни работи активно работи на воспоставување и унапредување на инфраструктурата и професионалните стандарди во оваа област. Во сите сектори за внатрешни работи постојат посебни простории за разговор со деца, а дел од нив ќе бидат реновирани или дополнително опремени согласно утврдените потреби. При секоја поголема реконструкција или изградба на полициски станици, ваквите простории се предвидени како составен дел од инфраструктурните планови.
Во тек е и изработката на Стандардни оперативни процедури за постапување со деца кои се во судир со законот, процес кој се реализира со поддршка од меѓународните партнери.
„Децата се нашето најголемо богатство и наша заедничка обврска е да обезбедиме услови за нивно безбедно и безгрижно детство. Кога малолетник учествува во постапка како сведок, жртва или сторител, институциите мора да гарантираат средина која е чувствителна на неговата возраст и потреби. Новата просторија во СВР Битола е важен чекор напред – не само во обезбедување достоинствен третман, туку и во превенирање на ревиктимизацијата преку современи технички решенија за документирање на разговорите.“, истакна во своето обраќање заменик министерот Исени.
Исени упати благодарност до Амбасадата на Кралството Шведска, СИДА и Мисијата на ОБСЕ за континуираната поддршка во подобрувањето на истрагите за малолетнички случаи и семејно насилство, како и за придонесот во унапредувањето на меѓуинституционалната соработка – клучен сегмент за успешно и навремено постапување.
Македонија
Пожарникари од Старо Нагоричане спасија куче паднато во длабока шахта во училиште
Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане вчера извршија спасувачка интервенција во Основното училиште во селото Младо Нагоричане, во маалото Ѓорговци.
Вработените во училиштето околу 10 часот пријавиле дека куче паднало во длабока шахта во дворот на објектот. На местото пристигнало едно возило и двајца пожарникари од ТППЕ Старо Нагоричане, кои по едночасовна интервенција успеале безбедно да го извлечат животното.
Интервенцијата завршила околу 11 часот.

