Култура
Министерски форум за културна соработка на Кина со земјите од ЦИЕ (17+1) во Скопје

Во организација на Министерството за култура на Република Северна Македонија и Координативниот центар за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа, почна четвртиот министерски форум за културна соработка, кој денеска и утре (25 и 26 ноември) се одржува во Скопје.
Учесниците на форумот ги поздрави министерот за култура, Хусни Исмаили, кој посакувајќи им срдечно добредојде, во своето обраќање истакна дека Република Северна Македонија како домаќин на четвртиот министерски форум за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа ги демонстрира заложбите за продлабочување и интензивирање на културните врски меѓу државите што се дел од оваа платформа.
„Во изминатите две години откако Центарот за координација на културната соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ ја почна својата мисија, посветено и ангажирано се насочивме кон реализација на низа иницијативи во насока на зближување и унапредување на културните релации меѓу уметниците, здруженијата и институциите од земјите што се дел од процесот, како и евидентирање, размена и дистрибуција на информации од областа на културата“, истакна Исмаили.
Тој додаде дека Координативниот центар организира и партиципира во повеќе активности со свои претставници и експерти, врвни уметници и познавачи од областа на културата.
„Благодарение на програмите ‘Патот на свилата’ и ‘Појасот’, почнати во рамките на Процесот 17 + 1, наши институции и уметници од разни профили имаа можност да ја посетат Народна Република Кина и да стекнат вредни искуства со што ги надградија своите стручни знаења и вештини, за што упатуваме посебна благодарност до г. Луо Шуганг и Министерството за култура и туризам на Народна Република Кина“, рече министерот за култура Исмаили.
Кинескиот министер Луо Шуганг истакна дека клучот за здрави односи помеѓу земјите е во пријателството помеѓу нивните народи врз основа на меѓусебно разбирање.
„Врската меѓу народите е од суштинско значење за одржливоста и големиот успех на нашата културолошка соработка. Уште од првата министерска средба одржана 2013 година остваривме инспиративен напредок во соработката во културата помеѓу НР Кина и ЗЦИЕ, со што се доближија нашите културни кругови и нашите народи се подобро меѓусебно информирани“, рече кинескиот министер за култура, кој меѓу другото, истакна дека во 2020 година Република Северна Македонија ќе биде домаќин на форумот на Унијата на библиотеките помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа.
Присутните на форумот ги поздрави и претседателот на Владата, Зоран Заев, кој истакна дека во изминатите неколку години НР Кина редовно се појавува на листата на топ-10 земји со кои Република Севена Македонија има најголем обем на трговија рангирајќи се на 7. место во 2018 година.
„Токму во однос на културна соработка сакам да нагласам дека големо е задоволството да се присуствува на овој значаен настан со кој отвораме ново поглавје во меѓународната културна соработка“, рече претседателот на Владата, Заев. Тој додаде дека оваа иницијатива претставува извонредна можност за сите нас, без оглед на нашата големина и ресурси, да се вклучиме и сите заедно да придонесеме за унапредување на нашите врски како на билатерален така и на мултилатерален план.
Претпладневниот дел на форумот заврши со усвојување на скопската декларација за културна соработка на земјите учеснички во Процесот 17+1, која содржи план за соработка во културата за следните две години (2020-2021). Планот опфаќа активности во областа на културните и креативните индустрии, културното наследство, филмот и дистрибуцијата на филмови, униите на библиотеки, како и составување симфониски оркестар од 18 земји членки на Процесот 17+1.
На форумот ќе биде промовирана и веб-платформа за комуникација, координација и вмрежување на културните институции, културните работници и уметници од сите земји вклучени во Процесот 17+1, која ќе служи како основна алатка за собирање, класифицирање и навремена размена и споделување на информации од областа на културата.
Учесниците на форумот вечерва ќе го посетат Музејот на современата уметност во Скопје, а ќе присуствуваат и на свечениот концерт на оркестарот на Националната филхармонија. На четвртиот форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ присуствуваат високи делегации од земјите членки на Процесот, меѓу кои и министрите од НР Кина, Србија, Црна Гора, Словенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
14. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“

Под мотото „Театарот го менува светот“ од 3 до 7 август во НУ Центар за култура – Битола ќе се одржи 14. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.
Во традиционалниот термин на две сцени во Центарот за култура ќе се одиграат десет претстави. А покрај официјалната натпреварувачка програма, фестивалот оваа година подготви богата придружна програма.
Шест претстави од Грузија, Унгарија, Хрватска, Бугарија, Албанија и Македонија ќе се натпреваруваат за фестивалското Гран-при за најдобра претстава во целина. Дел од програмата се театрите „Нодар Думбадзе“ и „Пиро Ќеци“, национални установи од Грузија и Албанија. А ни доаѓаат и признатите независни продукции: „Колибри“ од Унгарија и „Мала сцена“ од Хрватска кои важат за најстари и водечки театри за деца во своите земји. На програмата е и куклениот театар „Сенџу“ од Бугарија кои ни носат јапонски куклен театар по методот на Такеда а за прв пат на „Битолино“ ќе учествува и Театарот „Сенки и облаци“ од Скопје.
„Нашите сцени се место каде што детската насмевка, фантазијата и искрените емоции се во центарот на вниманието. Преку театарот ние не само што раскажуваме приказни, туку и ги воспитуваме идните генерации – во духот на емпатија, разбирање и љубов кон уметноста. Срдечно им се заблагодарувам на сите театари од целиот свет кој изразија интерес да учествуваат. А особено – на децата, нашата верна публика изминатите тринаесет години кои се срцето на сè што правиме.“ – истакна Филип Етмишовски, директор на Бабец театар и Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“.
Во годината кога Драмскиот аматерски фестивал во Кочани, кој важи за носечка платформа за театарските аматери, е оправдано одложен. „Битолино“ одлучи да ја отстапи својата сцена на аматерските театри и театарски школи од земјата. Оваа година во придружната програма ќе бидат Театар Чекори од Скопје и Театарот при ЈОУ Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци. Фестивалот ќе го отвори и затвори Театарската школа „Бабец“ со претставите „Зборови“ и „Аудиција“. Токму со премиерата на младинската постановка на „Аудиција“ по текст на Александар Галин, Бабец театар ќе го одбележи и својот јубилеен 15. роденден.
Во придружната фестивалска програма е и дводневна театарска работилница за куклен театар „Светот на куклите“ со бугарската режисерка и актерка Ефимиа Павлова. Токму директорката на Државниот куклен театар во Сливен, Бугарија ќе биде претседател на фестивалското жири. Останатите два члена се македонските актери со интернационална театарска, филмска и телевизиска кариера: Тони Наумовски и Мартина Тапарчевска.
Фестивалот е поддржан како проект од национален интерес во рамки на Годишната програма на Министерстовото за култура и туризам на Македонија, Годишната програма за култура на Општина Битола а генерален спонзор е Комерцијална банка АД Скопје.
Култура
Пет книги влегоа во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за 2025

Пет книги влегоа во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшки вечери на поезијата за 2025.
„Жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП за 2025 година одржан на 18 јули 2025 година По завршување на првата, поединечна фаза на работа, во согласност со Правилникот за наградата, Во текот на првиот дел на состанокот, во согласност со Правилникот, едногласно ја усвои следнава листа на потесен избор од пет поетски книги (наведени по азбучен ред, според презимето на авторот):
– „Рубедо“ од Андреј Ал-Асади (Скопје: ПНВ Публикации, 2025)
– „Рајсфершулс“ од Јулијана Величковска (Скопје: ПНВ Публикации, 2024)
– „Маслина и младост“ од Гордана Михаилова Бошнакоска (Скопје: Макавеј, 2025)
– „На ти со Ерос и Танатос“ од Виолета Танчева-Златева (Скопје: Три, 2025)
– „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски (Скопје: Макавеј, 2025)“, се истакнува во информацијата.
На конкурсот, според соопштеното, се пристигнати 37 книги од исто толку автори, кои влеголе во конкуренција.
Согласно планираните програмски активности, читањето на застапените автори во потесниот избор ќе биде на 22 август, додека добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија, објавена на македонски јазик, што ја доделува СВП ќе биде прогласен на 23 август.
„На конкурсот пристигнаа вкупно 35 наслови. Покрај паричниот износ, како дел од наградата од 2012 година во издание на СВП наредната година наградената книга ја објавува во превод на еден странски јазик и ја претставува преку промоција и портрет на добитникот“.
Култура
„Мајка“ на Теона Стругар-Митевска распродаден за европска дистрибуција пред премиерата во Венеција

Филмот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска, кој ќе ја отвори престижната селекција „Хоризонти“ на годинешниот 81. Венецински филмски фестивал, веќе е распродаден за кинодистрибуција во над 15 европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска, Белгија и други.
Филмот ќе почне да се прикажува во европските кина од 3 декември, што претставува редок и исклучителен успех за една македонска продукција да обезбеди киноприкажување пред светската премиера.
„Овој извонреден интерес за ‘Мајка’ е доказ дека филмот има потенцијал да стане еден од најистакнатите европски филмови оваа година“, велат од француската агенција „Кинолоџи“, која е задолжена за светска продажба и дистрибуција.
„Филмот ‘Мајка’ е извонредно уметничко дело. Гордост ни е што овој филм, зад кој стојат визијата на Теона Стругар-Митевска и посветеноста на целата авторска екипа, го носи печатот на македонската креативност, но и професионализам. Неговото претставување на отворањето на еден од најреномираните светски фестивали, Венецискиот, е доказ дека македонската уметност може рамноправно да чекори со светот. ‘Мајка’ покажува дека кога уметниците се поддржани, а државата има слух за културното творештво, се раѓаат дела што говорат на универзален јазик. Министерството за култура и туризам ќе продолжи решително да поддржува проекти од ваков калибар, кои не само што ја афирмираат македонската култура дома туку ѝ обезбедуваат видливост и признание на најпрестижните сцени во светот“, изјави денеска на прес-конференција министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Филмот ќе ја има својата светска премиера на 28 август 2025 година во Венеција отворајќи го првиот натпреварувачки ден во селекцијата „Хоризонти“, која е посветена на иновативни естетски и наративни филмски форми. Тој ден во Венеција ќе се прикажат само два филма: La Grazia, напишан и режиран од оскаровецот Паоло Сорентино, и македонскиот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска.
Главната улога ја толкува шведската ѕвезда Номи Рапас, светски позната по улогата во „Девојката со тетоважа на змеј“, заедно со Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик и Силвија Фокс како сестра Агнешка. Режисерката Теона Стругар-Митевска истакна дека токму нивната хемија и доверба на сетот биле клучни за автентичноста и интензитетот на филмот. Европските дистрибутери веќе ја препознаваат нивната изведба како еден од најсилните адути на филмот.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Данска и Босна и Херцеговина, снимен на три континенти, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Шведскиот филмски институт, регионални фондови и други партнери.
„Мајка“ ќе се натпреварува во повеќе категории во Венеција вклучувајќи: најдобар филм, режија, сценарио и актерски остварувања. Премиерата на 28 август е само почеток на неговото европско и светско фестивалско патување.
За македонската публика, „Мајка“ ќе биде премиерно прикажан на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола.
Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, а сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар-Митевска и Елма Татарагиќ.