Свет
Полска враќа дома 100 тони злато од Банката на Англија
Полска, која во последните две години рапидно ги зајакнува своите резерви во злато, врати дома речиси 100 тони злато од сефовите на Банката на Англија во Лондон, пренесува РТ.
Околу половина од резервите на Варшава во Велика Британија беа пренесени назад во Националната банка на Полска (НБП), објави во понеделникот гувернерот на Централната банка, Адам Глапински.
„Златото ја симболизира силата на земјата“, рече Глапински.
Иако половина од резервите на Полска сè уште се чуваат во Англија, Централната банка на земјата соопшти дека може да продолжи да го враќа скапоцениот метал ако резервната состојба е поволна.
„Полска би можела да оствари профит од повеќе милијарди од продажба на своите златни резерви, но во моментот не планира да го стори тоа“, рече Глапински.
Полска стана 22 најголем сопственик на злато во светот, таа купила околу 125 тони во 2018 и 2019 година зголемувајќи ги своите резерви на злато на 228,6 тони. Според податоците на НБП, резервите од злато сега вредат околу 10,8 милијарди американски долари.
Централните банки во светот се во акција на купување злато зголемувајќи ја вкупната побарувачка за скапоцениот метал на највисоко ниво во последните три години во првата половина на 2019 година, посочува Светскиот совет за злато.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж се самозапали во близина на канцеларијата за борба против корупција во Јужна Кореја
Маж се самозапали во близина на јужнокорејската канцеларија за истрага за корупција, каде што отповикуваниот претседател Јун Сук Јеол беше сослушан под обвинение за бунт, соопшти националната противпожарна служба.
Мажoт на возраст од околу 60 години имал тешки изгореници и бил онесвестен по инцидентот кој се случил околу пладне, соопштија од противпожарната служба. Новинската агенција „Јонхап“ претходно објави дека мажот починал.
Толпата луѓе кои протестираа против апсењето на Јун, поврзано со неговата ненадејна одлука да прогласи воена состојба на 3 декември, која ја втурна земјата во политичка криза, сè уште беа собрани пред канцеларијата во моментот на инцидентот.
Свет
Фон дер Лајен доби награда за воспоставување единство на земјите во ЕУ: Таа е моќниот глас на Европа
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен е наградена со меѓународната награда Карло Велики, меѓу другото и за нејзините заслуги во зајакнувањето на единството на земјите-членки на Европската унија, соопшти денеска Управниот комитет на наградата.
Фон дер Лајен ја доби наградата за „нејзините услуги за единството на земјите-членки, за спречување на пандемијата на (коронавирус), за единството на решеноста на ЕУ да се брани од Русија и за промовирањето на Зелениот договор“, се вели во соопштението, како што пренесува бриселската новинска агенција Политико.
„Таа ја персонифицира Европа. Таа е моќниот глас на Европа на светската сцена. Таа е таа што има сила да ги застапува интересите на Европа и нејзините сојузници во овие историски времиња“, се вели во образложението за наградата.
Свет
Израелски официјален претставник потврди: Хамас даде зелено светло за договорот за прекин на огнот во Газа
Висок израелски функционер потврди денеска дека Хамас се согласил на договорот за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, предложени од Катар, пренесе Ројтерс.
Како што објави „Тајмс оф Израел“, висок израелски функционер изјави за веб-страницата „Вала“ дека е постигнат напредок во преговорите со Хамас за договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците.
Веб-страницата цитираше друг официјален претставник дека Израел е оптимист дека договор ќе биде постигнат најдоцна до утре.
И палестински извор изјавил дека има напредок во разговорите во Катар и дека договорот најверојатно ќе биде потпишан до утре, објави Тајмс оф Израел.
Неименуваниот извор изјавил дека е постигнат напредок на состанокот на лидерите на Хамас, што се одржа рано утрото, каде што биле решени речиси сите прашања, вклучително и она со мапите.