Македонија
(Видео) Мицкоски најави програма со нулта корупција и дигитална Македонија
Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за изборите ќе понудиме нешто што ќе биде надвор од секојдневието за овие наши балкански услови. Суштината ќе биде поделена на два дела: првиот дел ќе биде владеење на правото и бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, а вториот дел ќе биде делот што ние го насловивме „диги Македонија“ или дигитализирана Македонија, држава којашто ќе биде практично единствениот таков пример на Балканот, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на настанот за кампањата „Разговори за обнова на Македонија – Проблеми, решенија и програма“ во Центар.
Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди програма што ќе содржи во себе стратегија и визија како Македонија ќе изгледа од сега за 10 години, па уште за 10 години.
„Зошто токму овие две работи коишто можеби вака делуваат помалку невообичаено за една изборна кампања? Затоа што ова се основните два столба врз основа на кои се гради една правна држава, едно правно општество коешто ќе се развива во вистинска траекторија. Бидејќи вие ако имате гарантирање на владеењето на правото, ако имате нулта толеранција на корупцијата, а истовремено имате целосна дигитализација и практично отчетност во процесите, без разлика дали станува збор за локалната или централната власт, тогаш ќе имате инвеститори коишто ќе дојдат, ќе имате повеќе пари во економијата, ќе имате повеќе пари во буџетот коишто ќе се акумулираат, а со повеќе пари во буџетот, вие ќе имате поголема можност за инвестиција во образованието, поголема инвестиција во здравството и во земјоделието, поддршка за пензионерите, поддршка за младите за да почнат некој стартап, да почнат некој бизнис во Македонија“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека СДСМ на изборите во 2016 година ветуваше правда, а денеска, како што рече, сме сведоци на една од најголемите коруптивни афери во поновата историја на Македонија, а тоа е аферата што јавноста ја нарече кеш.
„Гледате како едно цело обвинителство, почнувајќи од првиот па до последниот, практично од првиот ден па до ден денеска бил мал корумпиран вилает на Зоран Заев со ваши пари, со пари на граѓаните. Гледате како народот практично има леб и сол, како неправда владее на улиците, луѓе се затвораат, се уценуваат и притискаат како резултат на политички прогон. Вие гледате како оние заштитници на ликот и делото на Зоран Заев инсталирани во институцијата специјално јавно обвинителство бесрамно ги крчмат парите на граѓаните“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој ги спомена хонорарите кои се делеле во СЈО, велејќи дека ова обвинителство е симбол за корупцијата.
„Имате обвинители коишто наместо да се борат за правдата си делеле хонорари месечни по основ на тајност од десетици илјади евра, па вториот на листата ќе го видете со 123.000 евра, третиот на листата ќе го видете со 118.000 евра и сè така до последниот, којшто зел скромни 76.000 евра. Додека народот гладува, додека народот мака мачи како да скрати од први до први, додека младите ни се иселуваат, додека луѓето заедно со нивните семејства ги полнат куферите и ја напуштаат трајно Македонија. Додека тоа се случува, преку телото коешто денеска претставува симбол за корупцијата, тоа е специјалното јавно обвинителство, Зоран Заев ги трошел вашите пари“, рече Мицкоски пред граѓаните.
Тој предлага и воведување институт кандидат за мандат, или кандидат за носител на мандат.
„Имаме парламентарни избори, имаме носител на единици, ќе имаме носители на тие изборни единици, ајде да видиме кој ќе биде кандидат за носител на мандат или, како што тоа е пракса во Европа, како што тоа е пракса на веќе завршените избори за европскиот парламент, којшто ние го нарекувавме шпицен кандидат или кандидат за носител на мандат. Тој што ќе победи има право да ја формира владата и да ја води Македонија во следните четири години. Тој што ќе изгуби да не се крие позади пратеничкиот мандат туку веднаш да ја напушти политиката и да се соочи со одговорноста на сопствениот пораз. Тоа е она што вчера го предложивме јавно, тоа е она што денеска исто така го предложивме за време на преговорите“, рече Мицкоски.
Тој зборуваше и за загадувањето на воздухот и вети дека ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт за двојно ќе го намали загадувањето.
„Можеме да ветиме и да гарантираме дека најмалку за двојно ќе ги намалиме загаденоста и емисијата на штетни честички во атмосферата, без притоа да трпи економијата и стандардот на граѓаните. Сето тоа ќе биде содржано во новата програма за обнова на Македонија. Методологија, принципи и начин како тоа да го направиме. Поврзано енергетски, еколошки и амбиентално кога станува збор за воздухот“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дебакл на Мицкоски, историски пад на странските инвестиции за 729 милиони евра, велат од СДСМ
„Драматчен пад на странските директни инвестиции во 2025 година од 61% покажуваат последните економски податоци на Народна банка. Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, во 2025 година има намалување на странските инвестиции за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024 година“, велат од СДСМ.
„Поради политиките на СДСМ, во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваа 1 милијарда и 196 милиони евра, додека во 2025 година со Мицкоски тие се сведени на само 467 милиони евра. Дебакл.
Но, затоа има пари за криминални тендери, 161 тендер за една фирма, 51 за втора, 74 тендери за трета фирма блиска до власта. ВМРО-ОКГ се грижи само за својот приватен бизнис.
За време на владите на СДСМ, беа отворени 16 нови фабрики како резултат на директни странски инвестиции – гиганти. Се генерираа над 10.000 нови работни места само во технолошко-индустриските развојни зони.
Што се случува сега со Мицкоски и ВМРО-ОКГ? Има историски пад на инвестициите и губење на илјадници работни места. Германскиот гигант Aktiv официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400 – 500 работници без работа. Во фабриката на Dura се кратат производни линии. Magna го стопираше своето претходно најавено ширење. Илјадници работни места се под сериозен ризик.
Ова е резултат на погрешните политиките на Мицкоски и ВМРО-ОКГ за изолација и криминални тендери за богатење на функционерите на власт.
Наместо да се занимаваат со економијата, тие преку своите медиуми се занимаваат со црна кампања и лажни афери. Нема интеграција – следи економска изолација“, соопшти СДСМ.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.

