Економија
Почнува субвенционирањето на придонесите за зголемени плати од 600 до 6.000 денари

Неодамна стапи во сила Законот за субвенционирање придонеси за раст на платите, со кој е предвидено дека државата ќе ги плати придонесите за зголемување на платите од 600 до 6.000 денари.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ги повика компаниите да ја искористат оваа мерка за која рече дека директно ги поттикнува и поддржува работодавците да ги зголемат платите на работниците.
„Зголемувањето на платите директно ќе влијае на подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот раст и развој. Ваквото законско решение е на барање и е подготвено во соработка со бизнис-секторот, пред сè, со работодавците од трудоинтензивните дејности и тоа предвидува субвенционирање на придонесите од страна на државата за плати зголемени од 600 до 6.000 денари“, рече министерката Царовска.
За оваа намена во Буџетот за 2020 година се обезбедени 2,4 милијарди денари и овие средства ќе се уплаќаат како придонеси во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и во Агенцијата за вработување.
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, истакна дека законските одредби и софтверското решение овозможуваат користење на субвенционирањето со самото поднесување МПИН-пресметката до Управата за јавни приходи.
„Барањето за субвенционирање придонеси работодавците го поднесуваат преку месечната пресметка за интегрирана наплата (образец МПИН), со внесување ознака за лицето за кое побаруваат субвенционирање на придонесите по основ на зголемување плата. Со внесување на шифрата Управата за јавни приходи за конкретното лице (осигуреник) и за работодавецот ја проверува исполнетоста на законските услови и во декларацијата за прием дава известување до работодавецот“, рече Лукаревска.
Законот за субвенционирање придонеси за раст на платите ќе се спроведува во следните три години и субвенциите може да се користат независно од висината на платата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.