Свет
Американската воена техника на сириските нафтени полиња води до ескалација
Концентрирањето воена техника од страна на САД на нафтените полиња во Сирији води кон ескалација на тензиите, вели заменик-шефот на руската дипломатија, Михаил Богданов, пренесува ТАСС.
„Не можеме да поздравиме такво нешто бидејќи тоа води кон дополнителна ескалација на тензиите“, рече тој.
Богданов потсети дека набргу ќе се одржи средба во рамките на астанскиот формат, на која ќе биде разгледано тоа прашање, како и целокупната ситуација во врска со прекинот на борбени дејства и незаконското воено присуство на разни страни.
„Од САД тврдат дека ги разместуваат своите сили за да се борат против Исламската држава, но со оглед на тоа дека во долината на Еуфрат нема терористи, се поставува прашањето зошто се тие таму“, вели тој.
Како што неодамна соопшти сириската државна телевизија, Американците ја концентрирале воената техника во областа на нафтените полиња во близина на градот Румејлана, во провинцијата Ел Хасака, на североистокот на Сирија. Според информациите, десетици единици техника се префрлени од американските позиции на северот од провинцијата Рака во западниот дел од провинцијата Ел Хасака.
Богданов нагласи дека природните ресурси треба да им припаѓаат на Сирија и сирискиот народ и треба да бидат контролирани од легитимната влада со оглед на тоа дека сите други прашања треба да бидат решени преку контакти меѓу самите Сиријци во Астана, Женева или кое било друго место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгискиот премиер: Русија нема да изгуби војна, тоа е илузија
Белгискиот премиер Барт де Вевер предизвика остри реакции со изјавата дека Русија нема да го загуби војната во Украина, нарекувајќи го таквиот исход „бајка и илузија“, пренесе РБК-Украјина врз основа на неговото интервју за „Ла Либре“.
Тој изјави дека замрзнатиот руски имот на крајот ќе мора да ѝ биде вратена на Москва и дека секој обид за конфискација е кражба.
Де Вевер нагласил дека Белгија е под огромен притисок околу прашањето за одземање руски средства, но дека тоа би било чекор без преседан.
Тој додал дека дури и поразот на Русија би бил непосакуван поради ризикот од нестабилност во нуклеарна сила.
Премиерот тврди дека Кремљ упатил директни закани до Брисел со најава за „вечна одмазда“ доколку Белгија дозволи ЕУ да ја конфискува руската имот.
Регион
Полицаец избоден во Сплит, приведен 18-годишник со психички проблеми
Полицаец е тешко повреден синоќа во Сплит, во период во којшто не бил на должност. Како што соопшти полицијата во Хрватска, нападот се случил околу 22:45 часот, а полицаецот, кој бил во цивилна облека, бил повреден од остар предмет. Околу 23:15 часот, тој бил пренесен во КБЦ Сплит, каде што му била укажана лекарска помош, пренесе „Индекс“.
Имено, тој претрпел повеќекратни убодни рани и тешки повреди на неколку органски системи, а извршена е и обемна медицинска помош. Неговиот живот е во опасност.
Како што неофицијално дознава Индекс, 18-годишен млад човек со сериозни ментални проблеми моментално е под полициски надзор. Една од теориите што ги имаат истражителите е дека тој го избрал полицаецот како жртва сосема случајно.
Полицијата испрати порака за поддршка до повредениот колега и неговото семејство.
„Се надеваме дека нашиот колега, со помош на докторите, ќе се опорави, мислиме на него, стоиме покрај него и неговото семејство во овие тешки моменти“, рекоа тие.
На местото на нападот е спроведена истрага.
Свет
Преживеан од пожарот во Хонг Конг: Срцето ми се кине кога ме нарекуваат херој
Вилијам Ли се бори со тоа што го опишуваат како „херој“ откако им помогна на своите соседи да избегаат од катастрофалниот пожар што ја проголта станбената зграда во Хонг Конг, негов дом од раѓање. Наместо гордост, го прогонува вина дека не успеал да спаси повеќе луѓе од огнената стихија во комплексот Ванг Фук Корт, во која загинаа најмалку 159 лица, пренесе Би-би-си.
„Срцето ми се кине секој пат кога некој ќе ме нарече херој“, вели 40-годишникот низ солзи. Недела дена по катастрофата, пожарникарите сѐ уште ги пребаруваат остатоците од седумте изгорени облакодери во потрага по телата на 30 соседи на Ли – луѓе кои, како и тој, имале несреќа да бидат дома кога избувнал смртоносниот пожар.
Причината за пожарот и тоа зошто повеќе луѓе не успеале да се спасат сега се предмет на истрага на независен одбор, кој го наложи административниот челник на Хонг Конг. Веќе било откриено дека околу зградата била поставена мрежа што не е отпорна на оган и дека противпожарните аларми не функционирале правилно – клучна причина зошто Ли првично не бил загрижен кога сопругата му се јавила да му каже дека нивната зграда гори.
Наместо веднаш да избега, тој поминал речиси 10 минути пакувајќи работи. Но, во моментот кога ги отворил вратите, размерите на катастрофата му станале јасни: густ чад го исполнил ходникот и го натерал да се повлече назад во станот. Додека неговата сопруга станувала сѐ похистерична на телефонот, Ли немал време за паника. Ставал мокри крпи под вратата за да спречи влегување на чадот и се обидувал да смисли што понатаму.
Тогаш слушнал гласови во ходникот. Воздухот бил толку густ од чад што не можел да види кој повикува. Покривајќи го лицето со мокра крпа, успеал да напипа двајца соседи и да ги внесе во релативната безбедност на својот стан. Во исто време, во соседниот блок, 66-годишната Бај Шуи Лин, исто така, се обидувала да им помогне на соседите. Се смета дека спасила најмалку три семејства, удирајќи им на врати за да ги предупреди на пожарот. Бај, сепак, не преживеала. Нејзините синови го идентификувале телото за време на викендот.
„Да ја замолевме да си замине минута порано, мислам дека ќе преживееше“, рекол нејзиниот син Јип Ка-Куи за Си-Би-Ес. „Но ја познаваме. Немаше да замине без да ги предупреди другите.“
Назад во станот на Ли, спасениот пар му рекол дека слушнале уште еден глас во ходникот – домашна помошничка која повикувала постара жена. Но гласот стивнал. Овој пат, Ли не можел да помогне. „Се чувствувам многу виновно“, рекол. „Некои луѓе не беа спасени, а јас не ги отворив повторно вратите за да се обидам да ги најдам.“
Минувале часови, а опциите за бегство исчезнувале. Еден противпожарен излез бил блокиран од пламенот, додека за другиот соседот на Ли верувал дека е заклучен. Решиле да не скокаат од прозорецот на вториот кат поради интензитетот на огнот и постојаните експлозии. Заробен во својот дом, Ли чекал повеќе од два часа пред да биде спасен.
„Тоа беше прв пат да почувствувам дека смртта ми е близу“, вели Ли. Почнал да се простува од пријателите преку Ватсап: „Не можам да побегнам. Ако ми се случи нешто, грижете се за моите деца. Внимавајте.“
Отприлика два и пол часа по избувнувањето на пожарот, пожарникарите конечно стигнале до нив со скали. Ли инсистирал спасувачите прво да го изнесат постариот пар. „Му рековме дека тој треба да оди прв. Тој одби и рече дека е млад и дека може да го поднесе тоа“, раскажала соседката за локалните медиуми.
Кога пожарникарите се вратиле по него, Ли тешко се одвојувал од домот исполнет со спомени. „Пожарот значеше дека ништо не можам да понесам со себе.“
Повторно се сретнал со семејството во блискиот ресторан, но вистинските размери на ужасот го погодиле дури во болницата.
„Веќе немав сила во себе и кога стигнав на итна помош, колената ми попуштија. Мирисот на изгорено ми остана во носот“, се сеќава. „Навистина сакав да го исперам тој мирис.“
Откако бил примен на оддел, конечно имал простор да плаче.
„Кога претходно сум бил во болница, сакав што побрзо да си одам дома. Но овој пат, кога сестрата ме праша дали сакам дома – не сакав да одам. Се чувствував како да избегнувам нешто со што ќе треба да се соочам.“
Сепак, решил да се соочи со траумата директно – давајќи што повеќе интервјуа.
„Се надевам дека многу луѓе ќе се јават за да помогнат да се открие вистината. Се надевам дека жителите на Ванг Фук Корт ќе добијат одговори и правда.“

