Регион
Кучињата трагачи се вратија во Хрватска – едното од нив било фрлено во шума, а сега е „херојот од Албанија“
Џанго, Гизмо, Ларс, Дарма и Томас се храбрите кучиња трагачи кои вчера со своите сопственици и тренери од Албанија се вратија во Хрватска. Земјотресот се случи во вторникот, а кучињата трагачи од Хрватска пристигнале на местото истиот ден.
„24сата.хр“ објави дека успеале да надушкаат и со тоа да помогнат во пронаоѓањето на пет жртви.

Едно од кучињата од тимот e Џанго, мешанче кој некој пред четири ипол години го оставил во шума. Благодарение на Игор Горета од Загреб, тој останал жив и станал одличен трагач.
„Џанго и неговиот брат ги најдов во шума во Подравина, валкани, смрдливи, полни со крлежи. Ги зедов дома и живнаа, Џанго дури и премногу“, рекол низ смеа Игор и додал дека Џанго набргу ќе наполни пет години.

Тој планирал двете кучиња да ги вдоми и работел на нивна социјализација. Oд почетокот работеле и на основни команди, но за Џанго било тешко да се најде дом бидејќи бил премногу темпераментен. Игор на крајот сфатил дека, така своеглав, Џанго тешко дека ќе може да се вдоми, па го задржал во својот стан во Загреб.
Иаку, Игор е волотен во Клубот за службени и спортски кучиња на Загреб, чии кучиња, заедно со кучињата од Хрватското здружение за обука на кучиња трагачи, помогнале во пронаоѓање на жртвите во Албанија.
„Џанго е трениран да пронаоѓа живи луѓе, но со оглед на неговата реакција, заклучив дека надушкал мирис кој не е мирис на жив човек. Подоцна се покажа дека тоа навистина беше така“, вели Игор.
Џанго учествувал во фазата на груба детекција. Тој не бил трениран да надушка мртви луѓе, тоа го направиле другите кучиња. Сите заедно во акциите им помагаат на своите водачи да знаат на кои урнатини да се фокусираат, а кои да ги елиминираат.
Кучињата кои помагаа во Албанија имаат од три до 13 години, колку што има Ларс од расата бордер коли.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Орбан: Срамно е како ЕУ се однесува кон Србија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека Србија е клучна земја во Западен Балкан и дека начинот на кој Европската унија се однесува кон Белград е срамен и неправеден.
Орбан го изјави ова пред самитот на Европската унија и земјите од Западен Балкан во Брисел, одговарајќи на прашање за отсуството на Србија од состанокот, објавија регионалните медиуми.
Тој изјави дека Западен Балкан претставува економска резерва на злато за Европската Унија и дека Србија игра клучна улога во регионалната стабилност и заштитата на Европа од мигрантските текови.
„Не можеме ништо да направиме без Србија. Она што се случува тука, мислам на третманот и однесувањето кон Србија, е срамно. Тоа е целосно неправедно и неприфатливо“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер истакна дека Србија сочинува повеќе од една третина од вкупното население на Западен Балкан, додека, според него, најмалку половина од економијата на регионот е поврзана со таа земја. Тој додаде дека околу две третини од извозот на Западен Балкан е поврзан со Србија.
„Без Србија, невозможно е да се направи нешто на Западен Балкан“, тврди Орбан.
Тој оцени дека, за да се најдат решенија за постојните предизвици, Европската унија прво треба да ја прифати Србија како членка, а дури потоа да го продолжи процесот на проширување со другите земји во регионот.
„Ние го правиме токму спротивното. Не е добро. Лошо е, неправедно и срамно. Затоа ние Унгарците мора да ја поддржиме Србија да продолжи напред“, заклучи Орбан.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави доцна синоќа дека Србија нема да присуствува на денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, наведувајќи дека не сака владата на земјата да трпи притисок, но повтори дека Белград останува посветен на членството во ЕУ.
фото/депозитфотос
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Регион
Сараево меѓу најзагадените градови во светот утрово
Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување или ознака за воздух опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.
Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот ПM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и може трајно да го оштетат здравјето во Сараево, беше 53 пати поголема од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па добиената магла го покрива сараевскиот басен, а честичките штетни супстанции се акумулираат под него.
За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат многуте согорувачки постројки, кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем, според медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос

