Регион
Откриeни документи од болницата во која се лекувал Тито – се јаделе торти и се пиело виски
Во подземен трезор на Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, каде што на 4 мај 1980 година почина Јосип Броз Тито, се откриени фасцикли со документација.
„Јутарњи.хр“ објави дека документите даваат ново светло на последните месеци од животот на Тито и неговиот персонал во најдобрата медицинска установа во поранешна Југославија.
За документите прв објави словенечкиот портал „24ур“. Тие биле пронајдени во просторија до која водат подзмени ходници, а која последен пат била користена како засолниште за време на краткотрајната војна на Словенија со ЈНА во 1991 година, иако се мислеше дека целата документација поврзана со лекувањето на Тито од Љубљана е пренесена во Белград.
Повеќето документи содржат податоци за сè што било платено за време на престојот на Тито и неговиот персонал во болницата, укажувајќи на удобен живот. За еден месец биле изедени 100 килограми свинско месо, 31 килограм „бејби биф“, 18 килограми свински врат, повеќе од 15 килограми пршута и 90 килограми конзервирана шунка.
Во истиот период биле платени 91 шише виски, 20 шишиња рум, 11 шишиња вотка и 100 литри вино, а според една сметка нарачани биле 700 парчиња торта, 200 ролати, 200 крофни…
Освен сметките, бил пронајден и допис од Институтот за паталогија во кој било наведено дека обдукцијата на Тито ќе чини 33.437 динари. Лекувањето на Тито го платила тогашната Социјалистичка Република Словенија и чинело два милиони и сто илјади динари. Го лекувале седум доктори од Словенија, САД и Русија, пишува „Јутарњи.хр“.
Тито во болницата во Љубљана ги поминал последните четири месеци од животот. Познато е дека не ги слушал лекарите и дека не сакал да се откаже од омилените храна и пијалоци. Тој во последните 68 дена бил во вештачка кома, приклучен на распиратор, така што е јасно дека не можел да ги конзумира храната и пијалоците од сметките.
Очигледно е дека биле нарачувани за персоналот, а не за Тито.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

