Економија
21,6 милиона денари заштедени средства ќе бидат доделени за реализација на нови проекти и дофинансирање на постојни проекти

На денешната седница на Советот за рамномерен регионален развој со која претседаваше заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Kочо Анѓушев, се дискутираше за предлогот на Министерството за локална самоуправа, за распределба на средства за финансирање на проекти на планските региони од Програмата за рамномерен регионален развој за 2019 година.
Средствата во износ од околу 21,6 милиони денари се резултат на заштеди остварени при реализација на проекти од страна на Центрите за развој на планските региони во сите осум плански региони. Поради ова, Советот на денешната седница донесе oдлука овие средства да бидат доделени за 3 нови проекти и за зголемување на износот на 5 веќе постојни проекти.
Со заштедените средства ќе се финансира уредување на дел од индустриските зони во Југоисточен Плански Регион, со цел зголемување на економскиот развој, проект за „Помалку отпад за поквалитетен живот“, унапредување на техничките капацитети на Јавните комунални претпријатија во Пелагонискиот Плански Регион и овозможување поквалитетни услуги од регионално значење, како и подобрување на туристичката понуда во Североисточниот Плански Регион преку инвестиции во докапитализација на градски базен во Куманово.
Дополнително, извршено е дофинансирање на проектот за ревитализација на патот Богородица – Стојаково, крстосница со регионалниот пат Гевгелија – Богданци (втора фаза), подготовка на техничка документација за локални регионални патишта во Југозападниот Плански Регион, подобрување на инфраструктурните услови за создавање мултифункционален објект за поддршка на културно-уметнички и спортско-рекреативни настани во општина Лозово, како и подобрување на руралната инфраструктура во Вардарскиот Плански Регион преку изградба на Центар за откуп на земјоделски производи во општина Градско.
На седницата се донесе и одлука за определување на подрачјата со специфични развојни потреби во Република Северна Македонија за периодот од 2019-2023 година, а се усвои и Годишниот извештај за спроведување на акцискиот план за спроведување на Стратегијата за регионален развој на Република Северна Македонија за 2018 година.
На седницата на Советот за рамномерен регионален развој учествуваа и министерсжот за локална самоуправа Горан Милески, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за зeмјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, министерот за култура Хусни Исмаили, директорот на Бирото за рамномерен развој Рамиз Реџепи, како и градоначалниците на општините, претседатели на осумте плански региони во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска-Кочоска учествува на годишните средби на ММФ и на Светската банка во Вашингтон

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска ќе престојува во работна посета на САД, каде што ќе учествува на редовните Годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, коишто се одржуваат оваа недела во Вашингтон.
Посетата ќе биде можност министерката за финансии на средби со високи претставници од овие меѓународни финансиски институции да ги претстави економските и пред сѐ фискалните политики што ги спроведува Владата, напорите за фискална консолидација, за одржување макроекономска стабилност и за обезбедување одржлив економски раст. Согласно агендата, министерката ќе оствари средби со заменикот на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор Јерон Клик, замениците на извршните директори Марникс ван Рај и Владислав Рашкован, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили. Исто така, средби се предвидени и со потпретседателката на Светската банка Антонела Басани, извршниот директор на Светската банка Јуџин Ругенат, регионалната директорка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија Шиаочин Ју и со директорката за земјава во СБ Карол Межеван.
Димитриеска-Кочоска во Вашингтон ќе има можност да оствари средби и со претставници на Трезорот на САД, со којшто е воспоставена соработка во насока на зајакнување на ефикасноста на институциите, како и со повеќе инвеститори коишто се вклучени во процесот на издавање еврообврзници.
Годишните средби на ММФ и СБ оваа година се одржуваат под мотото „Можност во време на промени“, а на нив учесниците, односно министрите за финансии, гувернери, претставници на бизнис-заедницата и на граѓанскиот сектор, академици и сл. ќе можат да се осврнат на актуелните состојби и на предизвиците во глобални рамки, како и на изнаоѓање можни решенија. На годишните средби во Вашингтон министерката за финансии учествува заедно со гувернерот на Народната банка Трајко Славески.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 6.10.2025 година.
Од 14.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,661 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,001 ден/кг и сега изнесува 36,661 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,358% и кај дизелот за 2,566%, кај екстра лесното масло за 2,450% и кај мазутот намалувањето е за 0,645%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5110%.
Економија
Халкбанк со промотивна понуда за потрошувачки кредит

Халкбанк АД Скопје им овозможува на своите клиенти нова можност да ги реализираат своите желби и планови под поволни услови, преку промотивната понуда за Промо потрошувачки кредит, со фиксна каматна стапка за целиот период на отплата.
Новиот производ на Халкбанк е со максимален износ до 2 500 000 денари, со можност за отплата до 120 месеци, и камата што останува непроменета во текот на целиот период на отплата. За кредити со рок до 95 месеци, каматната стапка изнесува 5% фиксна, а за кредити со рок до 120 месеци – 5,7% фиксна, со вклучено осигурување (CPI или Живот + Незгода).
Кредитната способност за вработени лица изнесува до 50% од месечните примања, додека пензионерите можат да користат кредит до 600 000 денари, по фиксна камата од 5%, со рок на отплата до 120 месеци, и кредитна способност до 40% од износот на пензијата.
Покрај поволните услови, Промо потрошувачкиот кредит овозможува висок степен на заштита и сигурност, благодарение на вклучените осигурителни полиси за случај на несреќа, боледување или невработеност, издадени од Халк Осигурување АД Скопје или Триглав Осигурување – Живот АД Скопје.
Со вкупна стапка на трошок (СВТ) од 5,78% за кредити со рок на отплата до 95 месеци и 6,53% за кредити до 120 месеци, оваа промотивна понуда претставува една од најповолните и најсигурни можности на пазарот за реализација на лични цели и финансиски планови.
Промоцијата е со важност до 30 ноември 2025 година.
(ПР)