Македонија
Царовска во Бутел: За две и пол години инвестиравме над 180 милиони денари во 43 градинки
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ја посети детската градинка „11 Октомври“ во Општина Бутел каде што со донација се опремија катчиња во занималните по најсовремени стандарди.
„Грижата за децата и инвестирањето во раниот детски развој е приоритет на Владата, но и на локалните самоуправи. Навистина ми е драго што Општина Бутел обезбеди партнер за подобрување на условите каде што престојуваат дечињата. Министертвото за труд и социјална политика продолжува посветено да инвестира во детската заштита, а со тоа вложува во иднината на секое дете и на нашата држава. За идната година во буџетот издвоивме 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градинки, а изминатите две и пол години како Влада инвестиравме над 180 милиони денари во вкупно 43 градинки“, рече Царовска.
Министерката истакна дека Министерството за труд и социјална политика освен што инвестира во објекти за детска заштита го јакне и кадарот во градинките, но и го враќа достоинството на професијата воспитувачи. Со последното зголемување, платите во детската заштита се зголемени за 21 отсто, односно во просек за 5.700 денари плус на нето-плата за воспитувачите.
Градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, рече дека донацијата е обезбедена преку компанија од Турција и со неа се опремени, по сите стандарди, катчињата во занималната за деца во Бутел 1.
„Со оваа донација се овозможи најсовремен начин на работа за деца од предучилишна возраст и значајно е што опремата е изработена од безбеден природен материјал – дрво и нетоксични бои. Во иднина планираме да поставиме ваква опрема во сите детски градинки- клонови на територија на општина Бутел, со што ќе биде првата општина што ќе ги обезбеди овие современи услови за сите дечиња од предучилишна возраст. Реализираните капитални инвестиции во реконструкции и санации во сите детските градинки за изминативе 2 години се со износ од 16.200.000,00 денари“, рече Смилевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО ГОКК: Се разменуваат информации со српското обвинителство за да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната
Во рамките на опсежната акција што се спроведува изминатиот период, а во која до сега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, обвинителството ја информира јавноста дека континуирано презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство.
Постапувањето се одвива во континуирана координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со други јавни обвинителства со месна и стварна надлежност, кои постапуваат по предмети за кривични дела утврдени во Законот за контрола на опојни дроги.
Во насока на целосно утврдување на фактите и околностите, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Република Србија, со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната. Воедно, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со надлежните институции, продолжува со преземање на дејствија за целосно расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде навремено информирана.
Македонија
Министри и градоначалници на средби со високи претставници на УНЕСКО во Париз, ќе се разговара за статусот на Охрид
Делегација на Владата во состав: заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски; министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, денес и утре престојува во дводневна работна посета на Париз.
Во рамки на посетата, делегацијата ќе оствари средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО.
„На средбите ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност“, соопштија од Владата.
Во него се додава дека делегацијата ќе се осврне и на мерките што Владата ги презема, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и Стратегискиот план за рехабилитација.
Во рамки на посетата, денеска е планирана средба со Ернесто Отоне, помошник генерален директор на УНЕСКО задолжен за култура, потоа со Конгкер Мохамад Талха, претседател на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, а утре делегацијата ќе се сретне со Насер бин Хамад Ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО.
Македонија
Герасимовски: Почна реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“, Дебар Маало добива уредена пешачка и резиденцијална зона
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на почетокот на градежните активности за реконструкција и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка и резиденцијална зона.
„Станува збор за проект што се реализира на барање и по мерка на жителите. Ова е зафат што долго време беше најавуван и ветуван, но денес конечно се реализира на терен. Овој дел од Дебар Маало, добива нов лик, уреден, безбеден и функционален јавен простор“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Проектот има за цел уредување на јавниот простор и воведување организиран резидентен паркинг. Реконструкцијата се изведува на вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри, на потегот од „Партизански одреди“ до улицата „Никола Тримпаре“.
Во рамки на зафатот се предвидува инсталирање ново улично осветлување, поставување клупи и канти за отпад, како и целосна реконструкција на коловозот и тротоарите со поставување гранитни и травертин плочи.
На дел од улицата се поставува нова водоводна и атмосферска мрежа, додека фекалната канализација е веќе изведена, а каблите на ЕВН се спуштени под земја.

Проектот е изработен во соработка со Архитектонскиот факултет и вклучува уредување на зелените површини, замена на исушените дрвја со нови садници и поставување ниско зеленило, соопшти Општината.
Проектот се финансира со 70% средства од Светска банка, додека преостанатите 30% се покриени од буџетот на општина Центар.

