Македонија
Поповски во Загреб: Зголемената транспарентност ја враќа довербата на граѓаните во институциите
Зголемената транспарентност ја враќа довербата на граѓаните во институциите, изјави министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, кој денеска во Загреб оствари средба со комесарот за информирање на Република Хрватска, Зоран Пичуљан.
Пичуљан е државен комесар на Република Хрватска за спроведување и остварување на правото на пристап до информации и надзор врз спроведување на законите и воспоставување на меѓународна соработка и соработка со телата на ЕУ. Комесарот за информирање е самостоен и независен, а за својата работа одговара пред Собранието на Хрватска.
Поповски и Пичуљан на средбата разговараа за значењето на отвореноста на владите кон граѓаните и се согласија дека прашањето на транспарентноста ќе биде едно од клучните прашања на следните избори во Македонија во април идната година и во Република Хрватска на парламентарните избори на есен, следната година.
Поповски ги посочи владините мерки во делот на активната транспарентност, алатката за отчетност, неодамна усвоената Стратегија за транспарентност на Владата, како и, како што посочи, отвореноста на буџетот и сите трансакции на државните институции, почнувајќи од 2010 година до денес, кои ќе се ажурираат на секои 15 дена. Министерот нагласи дека сите овие мерки ја враќаат довербата на граѓаните во институциите на државата.
Од страна на комесарот Пичуљан во пресрет на преземање на Хрватска со претседавањето со Советот на Европската Унија (јануари – јуни 2020 година) беше изразена подготвеност за стручна, експертска поддршка и соработка, размена на искуства на полето на правосудството со фокус на делот на отвореноста на институциите, транспарентноста како и правосудниот систем во процесот на пристапување на РСМ кон ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

