Македонија
Концерт на симфонискиот оркестар и хорот „Драган Шуплевски“ по повод 53 години Факултет за музичка уметност

В сабота во Концертната сала на НУ Филхармонија со почеток во 20 часот ќе се одржи свечен концерт по повод 53 години од основањето на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Факултетот за музичка уметност во Скопје е првата високообразовна и научна установа од областа на музичката уметност и балетската педагогија во Македонија во која досега дипломирале, магистрирале и докторирале над 3.000 студенти. На концертот ќе настапи Симфонискиот оркестар на ФМУ сочинет од студенти на додипломски и последипломски студии на ФМУ – Скопје. Во концертната програма ќе учествува и хорот „Драган Шуплевски“ на ФМУ, кој го подготви проф. м-р Сашо Татарчевски.
Со настапот на оркестарот и хорот ќе раководи маестро Борјан Цанев во чијашто богата уметничка кариера е долгогодишното раководење со Македонската филхармонија и концертите со познатите светски оркестри и реномирани солисти. На концертот ќе се претстават и студентите по оркестарско диригирање: Ана Спасовска и Бехар Весели од класата на проф. м-р Борјан Цанев, и Магдалена Кочоска од класата на проф. м-р Сашо Татарчевски.
На програмата се Увертирата од операта Грабнување од сарајот, Ave verum corpus, Tantum ergo B-dur и Симфонијата бр. 31 D-dur „Париска“ од Волфганг Амадеус Моцарт.
Влезот на концертот е слободен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието ќе формира комисија за избор на нов претседател на антикорупциската

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во 12 часот ќе одржи седница на која се очекува да ја формира Комисијата за селекција на кандидати за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Процесот следи откако на 5 август беше распишан јавен оглас, со рок за пријавување од 10 дена. Оваа постапка се спроведува по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, до изборот на нов претседател, функцијата ја врши заменик-претседателот на ДКСК. Новиот претседател мора да има најмалку десет години работно искуство, од кои осум во областа на борбата против корупцијата, владеењето на правото или добро управување.
Македонија
Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Во Владата ќе се одржи одбележување на 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
По тој повод со почеток во 10:00 часот во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија ќе се одржи свечена седница на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на „Фејсбук“ и „Јутуб“ каналот на Владата.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД.
Македонија
Сончево и многу топло со мала локална облачност: максималната температура до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност преку денот. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.