Македонија
Пендаровски во Берлин: И земјите од Западен Балкан заслужуваат да бидат дел од ЕУ
Претседателот Стево Пендаровски денеска, во рамки на еднодневната работна посета на Сојузна Република Германија, учествуваше на конференцијата „Балкански дијалози“. Како еден од панелистите на конференцијата во Берлин претседателот Пендаровски говореше на тема „Проширување на ЕУ – неисполнето ветување – што сега?“.
Навраќајќи се на октомвриската одлука на Европската Унија да не ѝ даде датум за преговори на Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски потенцираше дека ЕУ не смее да ги изостави земјите од Западен Балкан бидејќи, како што рече, и граѓаните на тие држави заслужуваат подобри услови и поголем животен стандард.

„Би сакал да потсетам дека од шест земји во регионот, Црна Гора и Србија веќе со години, односно предолго преговараат, две земји, односно Северна Македонија и Албанија, со години наназад чекаат да добијат датум за почеток на преговорите, а останатите две, Босна и Херцеговина и Косово, воопшто никој не ги споменува“, рече претседателот Пендаровски.
Во таа насока, како што подвлече претседателот, граѓаните на овие земји полека почнуваат да губат надеж дека ќе ги почувствуваме бенефитите и вредностите од членството во Унијата, односно додаде претседателот Пендаровски, се сомневаат дека регионот на Западен Балкан ќе биде во иста ситуација како што е Турција.
На конференцијата „Балкански дијалози“ претседателот Пендаровски го повтори ставот дека Република Северна Македонија не е против нова методологија за проширувањето на Европската Унија, ниту, пак, е против реверзибилност на процесот ако одредена земја значително назадува при процесот на преговори со Унијата.
Истовремено, претседателот Пендаровски нагласи дека Европската Унија не и е потребна на нашата земја само поради пристапот кон заедничкиот пазар, туку пред сè поради политичките и демократски вредности кои ги има и кои се практикуваат во земјите членки на ЕУ. Истите вредности, како што заклучи претседателот Пендаровски, за жал, сè уште не се на задоволително ниво, ниту во Северна Македонија, ниту, пак, во останатите земји од регионот на Западен Балкан.
Во однос на преговорите меѓу Србија и Косово, претседателот Пендаровски истакна дека очекува ова прашање да се затвори со активно инволвирање на нашите западни пријатели, односно САД и ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

