Македонија
Димитров во Берлин: Без никакви дилеми заслуживме почеток на преговорите со ЕУ
Со оглед и на историските и храбри исчекори во надминување на сензитивните билатерални прашања, земјата без никакви дилеми заслужи почеток на преговорите, изјави денес во Берлин министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој учествуваше на конференцијата „Балкански дијалози“, во коорганизација на Минхенската безбедносна конференција, Институтот EAST WEST и Белградскиот фонд за политичка извонредност.
Во своето обраќање на пленарната сесија со наслов „Заживување на европската перспектива на Западен Балкан“, министерот Димитров образложи дека Северна Македонија е заинтересирана што е можно побргу Европската комисија да го изработи и претстави пред земјите членки својот предлог за подобрување на пристапниот процес. Укажа дека земјата покажала високо ниво на зрелост и мудрост и ќе го продолжи засилениот ангажман во правец на исполнување на ЕУ-реформите.
Во меѓувреме, истакна министерот, добредојдени се сите добронамерни размислувања што ќе придонесат за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и кои ќе ги направат преговорите подобро структурирани, поефикасни, пофер, посуштински и покредибилни. Димитров потенцира дека економската интеграција во ЕУ не може да се одвива без својот политички дел, ниту да се нуди како привремена замена за полноправно членство.
„Северна Македонија преку процесот на стабилизација и асоцијација 15 години се подготвува за членство и има постигнато високо ниво на усогласеност во многу области на законодавството на ЕУ. Со оглед и на историските и храбри исчекори во надминување на сензитивните билатерални прашања, земјата без никакви дилеми заслужи почеток на преговорите“, рече Димитров.
Министерот ја нагласи важноста и потребата земјите членки во Советот, без одлагање да постигнат консензус за почетокот на преговорите со Северна Македонија. Јасната европска перспектива и крајната цел за полноправното членство треба да бидат недвосмислено потврдени со конкретни дела бидејќи тоа е од заемен интерес за регионот на Западен Балкан и за ЕУ. Без таа јасна перспектива, напорите за решавање на преостанатите важни билатерални спорови во регионот ќе останат залудни.
Во рамките на посетата Димитров имаше средби и со Уве Корсепиус, советникот за ЕУ на канцеларката Меркел, со претставниците на германското Министерство за надворешни работи, Томас Осовски, ополномоштеник за ЕУ, и Сузане Шуц, ополномошник за Југоисточна Европа, како и со Пјер Мирел, почесен генерален директор на Европската комисија, кој беше еден од панелистите на конференцијата.
На средбите, меѓу другото, беа разменети мислења за ситуацијата во земјата и регионот по исходот на октомврискиот европски самит, за францускиот предлог за нова методологија, следните чекори во насока на постигнување консензус за одлука за почеток на пристапните преговори и за конференцијата за иднината на Европа. Беше поздравено и учеството на македонската делегација на лидерскиот состанок во Лондон и беше изразено заемно задоволство од очекуваното комплетирање на долгоочекуваниот процес на евро-атлантска интеграција на Северна Македонија, една од двете главни стратешки цели на земјата, што е од значаен интерес за стабилноста и сигурноста на Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

