Македонија
Заев : За првпат по долго време се градат близу 70 детски градинки
Премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска беа во Струмица по повод пуштањето во употреба на детската градинка во Муртино. Во својата изјава за медиуми, премиерот Заев истакна дека приоритет на Владата е да обезбеди услови за правилен ран детски развој, преку проширување на капацитетите на градинките и јакнењето на професионалните компетенции на кадарот, со што се гради вистински квалитетно предучилишно образование.
„Децата се нашето богатство, нашиот силен потенцијал и грижата за нив, за нивниот ран и правилен развој е нашиот врвен приоритет, и оваа градинка го сведочи тоа. И не е само оваа градинка. За две години, на територијата на целата наша земја изградивме, или е во тек е изградбата и проектите за близу 70 градинки. Таква иницијатива, за толку кус период, не е забележана во историјата на Северна Македонија“, рече премиерот Заев.

Пред неполн месец, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска потпиша договори за грантови за изградба на нови градинки со пет општини во вкупен износ од 228.100.000,00 денари.
„Во новите градинки се отвора простор за 760 нови деца. За првпат по долго време во нашата држава ќе се градат вакви големи објекти, бидејќи ја препознаваме клучната улога на предучилишното образование за раст и развој на децата”, рече премиерот Заев и додаде дека се вложува и во луѓето кои ги обликуваат идните генерации преку зголемување на платите и јакнење на компетенциите на кадарот во градинките.

„Само оваа година обезбедивме 1.400 согласности за вработувања во градинките. Почнувајќи од јунската плата којашто на поголемиот дел од вработените веќе им е исплатена, стручниот кадар во градинките доби зголемување во просек од 16 % што е околу 3.000 денари во нето износ по вработен“, рече премиерот Заев и се заблагодари на партнерите, ЕУ и Светска банка кои преку Министерството за финансии ја поддржаа финансиски пренамената на овој објект од општинска зграда во детска градинка.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече дека само годинава во струмичкиот регион се отвораат две нови градинки, а за идната година е планирана инвестиција во уште три.
„Грижата за децата и инвестирањето во раниот детски развој е приоритет на Владата но и на локалните самоуправи. Навистина ми е драго што забрзано се подобруваат условите за престој во поголемиот дел од градинките низ земјава, посебно во руралните места кои со години беа заборавени. Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да инвестира во детската заштита, а со тоа вложува во иднината на секое дете и на нашата држава. За идната година во Буџетот издвоивме 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години како Влада инвестиравме над 180 милиони денари“, рече Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

