Регион
Рама ги повика граѓаните да не ги оштетуваат намерно објектите
Премиерот на Албанија, Еди Рама, денеска го достави првиот прелиминарен извештај за земјотресот што погоди делови од земјата на 26 ноември. Вториот прелиминарен извештај, како што најави Рама, ќе биде објавен на 16 декември, а финалниот во јануари следната година.
Владата соопшти дека од 6.000 згради што биле проверени, околу 2.450 се неупотребливи, 460 треба да се урнат, додека 43 веќе се урнати.
Училиштата почнаа да работат денеска во Драч и Тирана, но повеќе од 10.000 деца мораа да бидат префрлени во други училишта, јавуваат албанските медиуми.
Европската Унија и помага на Албанија да ги процени штетите и потребите за реконструкција, а Европската Комисија веќе испрати 15 милиони евра.
Албанија побара меѓународна финансиска помош за реконструкцијата.
Владата на Албанија издвои 117 милиони американски долари за реконструкција, додека другите седум милијарди се донирани.
Земјотресот од 6,4 степени, усмрти 51 лице, а повредени беа повеќе од 3.000 луѓе. Околу 13.000 луѓе ги загубија своите домови.
На денешниот состанок со Комисијата за реконструкција, Рама рече дека откако ќе биде објавен конечниот извештај за штети, ќе има пат за донации и обнова на уништените домови.
Рама им порача на оние кои намерно ги оштетуваат нивните домови, да не го прават тоа, бидејќи државата нема да може да им помогне.
Тој рече дека целата штета е веќе наведена и дека намерната штета нема да биде земена во предвид.
„Им порачувам на сите да не прават такви работи. Програмата е наменета за оние кои ги загубија своите домови и не можат да влезат во нивниот дом. Во овој момент, морам да бидам многу јасен дека овие штети предизвикани намерно нема да поминат“, рече Рама“, објави порталот Балкан Веб.
Инаку, претходно денеска, Рама беше во Драч, кој е еден од најтешко погодените места.
Во неделата, Рама беше во Истанбул, каде се состана со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и турските и арапските бизнисмени од кои очекува помош.
Турските инженери веќе се во Албанија, каде, како што вети претходно Ердоган, ќе градат 500 домови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

