Македонија
ФРОДЕМ: Господине Макрон, спијте мирно, реформите се во полн ек
По денешното рочиште на случајот „Рекет” од однесувањето на судијката и обвинителката за организиран криминал при испитувањето на сведоците и обвинетите станува сè појасно дека целата постапка ќе заврши со пресуди само за Боки 13 и Катица Јанева. Станува сè поочигледно дека надлежниот обвинител сé уште нема намера да ја прошири истрагата и да обвини други лица кои директно или индиректно учествувале во аферата „Рекет”. А оваа афера е само капка во морето наречено ,,македонско дабл постранзициско политичко-судско милје”, соопшти ФРОДЕМ.
Според партијата, ова пасивно однесување и очигледно засега селективен пристап во целиот случај дава сериозен сомнеж дека надлежното обвинителство нема намера да ја истера правдата и вистината до крај и дека сé ќе се сведе на судска пародија.
„Истовремено овој случај ја покажува и гнилосата на целокупниот правосуден систем поради вкоренетата и втемелена политичко-бизнис наместо професионална и законита и уставна ориентираност на индивидуи инволвирани во процесот. Поради личното директно или индиректно замешеталството и лукративни цели на поединци од обвинителствата, судството, адвокатурата и политиката сè повеќе се доразградува и онака разградениот правосуден систем и докрај се рушат идеалите за вистина и правда.
Сијамските близнаци (власта и опозиција) позади сцената со широко насмеани усти ги тријат рацете бидејки сè оди според планот и зацртаното сценарио. Важно е некој од нив повторно ќе биде на власт по изборите во април наредната година и ќе продолжи таму каде што застана близнакот кој досега беше на власт. Тоа што народот сè повеќе останува со подзината уста и со сé попразен стомак, а системот е до „коска” руниран и не е така битно прашање, затоа што најважна е забавата за широките народни маси, посебно кога по толку време во главниот град се репризира (по којзнае којпат) политичко-судискиот циркус“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека додека трае оваа реприза на циркуската претстава најважно е судиите и понатаму да дозволуваат да застаруваат кривичните дела, обвинителите малку потајно да рекетираат и да соработуваат со обвинетите, адвокатите и судии да си ги зацврстат меѓусебите односи и спреги доколку ги запоставиле или им попуштиле во меѓувреме, а амнестираните пратеници да го надополнат сопственото чекмече. Министрите слободно можат да продолжат со истото темпо, бидејќи и така никој нив не ги гони за ништо.
„ФРОДЕМ јавно му порачува на француски претседател Емануел Макрон да не се инаети повеќе и мирно да спие бидејќи ‘реформите’ се во полн ек. Во Република Македонија тече мед и млеко за сите оние кои го поддржуваат и кои се дел од ‘Македонското дабл постранзициско политичко-судско милје’. Затоа господине претседателе Макрон, морате веднаш да нè примите во Европа вакви какви што сме, бидејќи за никаде сме“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар
Во акциска контрола за сузбивање на нелегална продажба на пиротехника се одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар, следува соодветна пријава, соопшти МВР.
Денеска (08.12.2025) полициски службеници, на влезот на Бит Пазар, пронајдоа 7.107 парчиња пиротехнички средства, кои биле поставени на три импровизирани тезги.
Пиротехничките средства се одземени и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата кои ги продавале, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
„И во наредниот период МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности за спречување на нелегалната трговија со пиротехника. Апелираме до граѓаните доколку забележат лица кои продаваат пиротехнички средства, да пријават во полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192“, се наведува во соопштението.
Македонија
Гужви на границите, Богородица и Меџитлија се блокирани за влез и за излез
Од 11:00 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез. На ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси, информира АМСМ.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет се очекуваат задржувања за влез во државата.
„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Дојран, времето на чекање за излез од државата изнесува 30 минути. На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, информира АМСМ.
Македонија
Наместо текстовите на СДС да им ги пишува Заев од Дубаи, добро е да ги проверат информациите, вели Манасиевски
Наместо текстовите на СДС да им ги пишува Заев од Дубаи, добро е да ги проверат информациите со релевантни и стручни лица, вели Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ, на новинарско прашање дали се точни обвинувањата на СДСМ за злоупотребите на директорот на СОЗР Томовски и каков е ставот на ВМРО-ДПМНЕ на тврдењата дека семејната фирма на Томовски добила 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра?
„Тимот за одбрана на криминалот на Заев и Филипче кои го претставуваат за антикорупциски тим мислат дека сега ја открија Америка. Големото откритие е дека Томовски е донатор на ВМРО ДПМНЕ, како и илјадници други, а податоците се и јавно достапни. Прашањето е каде е тука криминалот? Јасно е дека нема. Наместо текстовите да им ги пишува Зоран Заев од Дубаи, добро е да ги проверат информациите со релевантни и стручни лица. Тие ќе им кажат дека ваквата реторика освен правење на димна завеса за прикривање на криминалот на Зоран Заев, нема никаква друга релевантност“, рече Манасиевски.
Кажа дека е лага дека фирма на Томовски добила милионски тендери.
„Вистината е дека Томовски нема фирма и нема никакви приходи од споменатата компанија која и таа самата тоа го потврди. Втора лага: СДС велеа дека главниот број на фирмата е бројот на Томовски. Вистината е следна: службените броеви на компанијата се други, а личниот број на Томовски е негов со години. Трета лага: СДС тврди дека Томовски бил донатор на ВМРО ДПМНЕ и тоа било потврда дека тој имал бизниси. Вистината е следна: јавен и никогаш скриен податок е дека Томовски е донатор на ВМРО ДПМНЕ, и тоа не значи кршење на било каков закон“, рече тој.
Манасиевски упати прашање до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дали не е криминал тоа што додека тој бил министер, негов министер и колега вицепремиерот Кочо Анѓушев му ги градел модуларните болници од кои една се запали и загинаа 14 луѓе.
„Кога тимот за одбрана на криминалот на Венко и Заев ќе го испита овој случај? Тоа треба да одговорат“, рече Манасиевски.

