Македонија
Се отвораат уште три нови „Роса школи за родителство“ во Струмица, Охрид и Куманово
Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola преку Роса, заедно со Министерството за здравство ќе отворат уште три нови Роса школи за родителство до крајот на годинава. На прес-конференцијата која се одржа денес во просторијата на Роса школата во Поликлиниката „Јане Сандански“, Пивара Скопје и Министерството за здравство потпишаа и Меморандум за соработка со која најавија и продолжување на проектот и во 2020 година со отворање на повеќе Роса школи за родителство и во други градови во Македонија.
Со годинешното отворање на Роса школите во ЈЗУ „Здравствен дом Струмица“ и во општите болници во Охрид и во Куманово, на идните родители од овие градови ќе им биде на располагање стручен тим за поддршка и помош во текот на бременоста и првите родителски години. Со отворањето на трите нови школи, во употреба ќе бидат вкупно шест Роса школи, а до крајот на 2020 во здравствените домови во повеќе градови низ земјата на располагање ќе бидат вкупно девет Роса школи.
На денешниот настан свое обраќање имаа премиерот, министерот за здравство и генералниот директор на Пивара Скопје, кои го изразија своето задоволство за продолжување на проектот, но и ја истакнаа важноста од ваков тип на неформални обуки за сите идни родители.
Сите простории во здравствените домови наменети за „Роса“ школите, инаку се комплетно реновирани и опремени од страна на Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola од средства собрани преку претходно спроведената шестмесечна кампања во која се издвојуваше по 1 денар од секое продадено шише вода „Роса“ од 1,5 л. Во овој партнерски проект, Министерството за здравство ги одредува здравствените домови каде најмногу има потреба од ваков тип на школи за идни родители и го обезбедува стручниот тим кој ќе ги спроведува обуките. Овој тим е составен од доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, педијатрија, како и медицински и патронажни сестри.
Обуките се бесплатни и ќе бидат организирани во 5 тематски целини кои опфаќаат родителство, здрави стилови при бременоста, психофизичка подготовка, доење и нега на новороденчето, а трудниците и сите заинтересирани идни родители и членови на нивните семејства ќе можат да се пријавуваат директно во здравствените домови.
Проектот „Роса школи за родителство“ започна во 2018 година, кога свои „Роса“ школи добија Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, Општата болница во Гостивар и Клиничката болница во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

