Македонија
„Маргини“: Управата за водење на матичните книги се изживува со лицето Икс, не му дозволува промена на полот
Коалицијата „Маргини“ информира дека Управата за водење на матичните книги на лицето Икс повторно му доставила решение со кое се прогласила за ненадлежна да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција, со што, како што велат, ја погазува пресудата против Македонија на Европскиот суд за човекови права.
Од коалицијата потсетуваат дека и покрај тоа што уште во 2011 година транслицето добило одобрение од Министерството за внатрешни работи за промена на името и презимето во личните документи, Управата го одбила неговото барање за промена на ознаките за пол и матичниот број. Од 2011 година случајот трипати се нашол пред Управниот суд, при што судот во два наврата ја усвоил тужбата на транслицето и ја задолжил Управата да донесе законско решение врз основа на домашното законодавство и праксата на Европскиот суд за човекови права, односно пресудата „Х против Северна Македонија“.
„Управата продолжува да се прогласува ненадлежна спротивно и на одлуката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, со која се потврдува дека токму Управата има надлежност да постапува во конкретниот случај особено имајќи предвид што досега Управата изврши промена во три други случаи. Врз основа на тужбата поднесена од правниот тим на коалицијата „Маргини“ и лицето Икс, во јануари оваа година Европскиот суд за човекови права донесе одлука против државата со која се утврди повреда на правото на приватен живот, а Управата при Министерството за правда беше посочена како одговорна за повреда на правото поради донесување произволни одлуки во врска со барањето за промена на податоците. Во јуни оваа година Владата ја задолжи Управата да постапи според пресудата на ЕСЧП и во најкус рок да одлучи позитивно и да дозволи промена на ознаката за пол. Очигледно, г. Јетмир Фета и неговиот тим не се согласуваат со овие одлуки или, пак, со нечија партиска надлежност се сметаат за богови, па и покрај утврдената повреда на правата на страна на лицето Икс, одбиваат да ја спроведат пресудата“, велат од коалицијата.
Од таму велат дека Управата, односно Јетмир Фета, е директно одговорен за штетите што ги трпи лицето Икс и продолжува да го отежнува неговото секојдневно живеење. „Како резултат на ваквите произволни одлуки на кафкијански службеници, лицето Икс не може да се вработи и да заработува за живот без да го открие својот родов идентитет и да трпи дополнителна штета; не може да патува надвор од границите на државата, да добива, без страв и ризик од навреди и осуда, услуги во разни институции, да се движи слободно и еднакво како секој граѓанин на оваа претпоставено демократска земја“, велат од „Маргини“.
Од таму бараат итна и неотповиклива промена на раководството на Управата и, како што велат, прекинување на молкот и толерирањето вакви поединци, кои газат врз правниот систем единствено како резултат на меѓупартиски договори во владината коалиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.
Македонија
Сè помалубројни, постари и понеисправни автобуси во кои се возат сè помалку патници, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за капацитетите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Нивното истражување покажува дека:
– Само за десет години, бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП Скопје е намален за 30 милиони годишно – во 2015 година се возеле по 52 милиони патници годишно, а сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.
– ЈСП располага со вкупно 341 автобус, од кои дневно се исправни 185 автобуси, а во работа се пуштаат само по 157 автобуси дневно.
– Бројот на автобуси на ЈСП Скопје континуирано се намалува во последните десет години. Пред десет години претпријатието имало 316 исправни автобуси, а денеска само 185.
– Со опаѓањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години, највисока во последните десет години.
– Доминантен дел од автобусите, односно повеќе од 80 % се од кинеските „Јутонг“ и од украинските „ЛАЗ“. ЈСП има и десет автобуси од марката Санос, стари по 33 години.
– Само 10 % од автобусите на ЈСП имаат највисок еколошки стандард Еуро 6, додека другите се со еколошки стандард Еуро 4 и Еуро 5.
Македонија
„За две години зголемени плати на полициски службеници, социјални работници, на вработените во образование, здравство, јавен сектор“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„ВМРО-ДПМНЕ на страната на работникот. Во опозиција со давање јавна и недвосмислена поддршка на синдикатите за барањата за зголемување на платите, додека од позиција на власт со договори за конкретно покачување на платите. Како што ВМРО-ДПМНЕ ги поддржуваше синдикатите и работниците во опозиција кога протестираа во 2020 и 2024, така и сега, преку дијалог и разговори прави се во рамките на можностите платите да растат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Разликата е во тоа што ССМ од тогашната влада на СДС, во услови на двоцифрена инфлација, бараше линеарно покачување на платите во јавниот сектор од 2.806, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги зголеми за многу повеќе.
Со преземањето на власта, средбите со синдикатите се интензивираа и како резултат на тоа се спречија штетните политиките од претходната власт, се потпишаа колективни договори и се покачија платите секаде каде државата е работодавач.
Во период од околу две години, од преземањето на власта до денес, се потпишаа колективни договори во образование и здравство, каде што платите на сите вработени во основно и средно образование докрај на мандатот од 46% до 60%, вработените во високото образование добија покачување од најмалку 14%, додека здравствените работници ќе добијат од 40 до 50% повисоки плати.
За 10% се зголемија платите на полициските службеници, социјалните работници добија 20% повисоки плати, додека преку посебни колективни договори, вработените во Генералниот секретаријат и СОЗР добија 30% зголемување.
Околу 11.000 вработени во администрацијата, судовите и обвинителствата се опфатени со историски договор кој гарантира системско покачување на платите за 40% до 2028 година.
Освен на централно ниво, ВМРО-ДПМНЕ покажа како се грижи за работниците и нивниот стандард и на локално ниво, така во општините раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, во просек, платите на сите вработени се зголемени за околу 5.000 денари.
Во целост се испочитувани сите колективни договори кои претходната власт ги игнорираше во одбраната, културата и други институции и нема доцнење на плати како во времето на СДС и ДУИ, кога вработените со месеци беа без приходи.
Сите овие зголемувања на платите се многу поголеми од тоа зголемување што тогаш го бараше ССМ, а уште поважно до крајот на мандатот ќе го надмине целосно барањето коешто сега го има Слободан Трендафилов.
Од друга страна, согласно закон во март годинава ќе се зголеми и минималната плата, а секое друго зголемување мора да се договара институционално, во Економско-социјалниот совет, меѓу работодавачите и синдикатите и Владата како посредник.
Низ дијалог да се дојде до одржливо решение, прифатливо за сите вклучени страни, како за работодавачите, работниците, за буџетот и стопанството во целост.
Ултиматумите и блокадите на СДС не му служат на работникот, туку само на Трендафилов и малкумината околу него кои градат кариери и профитираат на грбот и маката на обичниот работник.
Владата ќе продолжи со својата заложбата и креирање политики за поголем економски раст кој ќе овозможи уште поголем раст на платите, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

