Македонија
Димитриев: Ако имаше поддршка од Владата, фабриката „Кранфилд фаундри“ ќе ја почнеше сега втората линија
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев и поранешен технички премиер, по повод започнувањето со работа на новата фабрика „Кранфилд фаундри“ изјави дека оваа инвестиција во земјава е дојдена уште во 2014 година, а првиот договор за нејзино инвестирање во нашата држава и во Пробиштип е со договор со претходната влада во 2015 година.
Тој истакна дека се работи за инвестиција од околу 20 милиони евра, а првичните планови биле со поразлични тајминзи.
„Ако одеше проектот сè како што треба и ја имаше потребната поддршка од Владата онака како што треба денеска ние требаше да бидеме сведоци на отпочнување со работа на втората линија од оваа фабрика. Првата линија требаше да почне со работа некаде 2018 година и да ги оптимизира оние првично планирани околу 250 вработувања и некаде овој период да биде во средина градбата на втората линија со оптимизирање на над 300 директни вработувања и околу стотина индиректни вработувања“, рече Димитриев.
Тој додаде оваа зона има капацитет и за други компании, бидејќи во Пробиштип и регионот има одлични средни училишта со машинска и електро насока. Овој крај подолго време работи во областа на металургијата, рече Димитриев, кој изрази уверување дека тоа се предности за привлекување на инвеститорите.
„Добро е што денеска претседателот на Владата се надмина и призна дека сепак оваа инвестиција е започната од претходната влада, дека некој се потрудил да дојде оваа инвестиција и мислам дека ова мое задоволство го делеа веќе вработените 60 луѓе и потенцијалните нови вработувања и начин на осигурување на перспективата во овој крај“, додаде Димитриев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Доста ни е од веќе видени пратеници и од гласање за помалото зло
„Во програмата имаме 13 поглавја кои го опфаќаат секој аспект од општественото живеење. Главната порака до граѓаните е да го заокружат бројот 5 на гласачкото ливче и да дозволат млади неподмитливи луѓе да ги застапуваат, бидејќи доста ни е од веќе видени пратеници и од веќе видено гласање за помалото зло. На тој начин ќе спречиме многу штетни политики“, рече лидерот на Левица, Димитар Апасиев од Прилеп, презентирајќи ја предизборната програма на неговата партија во пресрет на парламентарните избори.
-По првиот круг не паѓаме со духот, туку продолжуваме со првичната замисла, додаде Апасиев.
Партијата Левица очекува поддршка од прилепчани каде, како што велат од оваа партија, имаат реална основа за тоа.
– Земјоделството мора да биде планско. Планираме да се пополнуваат стоковите државни резерви строго со домашно производство, со однапред склучени договори за земјоделците да имаат некаква сигурност во производството. Планираме фиксни откупни цени, државни откупни центри за да не можат прекупците да ја местат цената како што ним им одговара, ладилници за складирање на произведената храна од кои ќе се снабдуваат Армијата, градинките, училиштата, болниците. Мерките, генерално ни се насочени кон државна интервенција во земјоделството, а не да биде оставено стихијно. Во стопанството планираме рестартирање или отворање државни профитабилни фирми во секоја стратешка стопанска гранка, рече носителот на кандидатската листа на пратеници во четвртата изборна единица, Сашко Јанчев при претставувањето во Прилеп.
Македонија
Спасовски од Шуто Оризари: Да не се попречува изборниот процес
Носителот на листа на кандидати за пратеници од СДСМ и коалицијата за европска иднина од ИЕ2, Оливер Спасовски, имаше свое обраќање во Шуто Оризари.
„Денеска продолжуваме со изборната кампања во Шуто Оризари на разговор со граѓаните за претседателските и парламентарните избори на 8 мај. Сакам да се сретнеме со сите граѓани, да влеземе во секоја куќа во општината Шуто Оризари, да поразговараме со секого за нашата перспектива на Македонија”, рече Спасовски. Притоа, тој ја истакна важноста да се гласа на 8 мај.
„Многу е важно граѓаните да останат смирени и овој втор круг од изборите да помине во демократска атмосфера. Упатувам порака до сите оние се дрзнуваат на било кој најчин да го попречуваат изборниот процес, да се закануваат, да навредуваат, да останат на ниво на демократски вредности. Да ги почитуваат граѓаните и на мирен, фер и демократски начин да заврши изборниот процес. Воедно ги повикувам сите граѓани масовно да излезат на изборите на 8 мај, да гласаат за нашиот претседател Стево Пендаровски заокружувајки го бројот 1, и да гласаат за листата на пратеници исто така под број 1 за коалицијата за европска иднина”, порача Спасовски.
Македонија
Меџити: Сите бегаат од ДУИ како од корона
Изет Меџити, лидерот на Демократското движење, чија партија е дел од коалицијата ВЛЕН рече дека „на ВМРО-ДПМНЕ ѝ треба албански партнер како ВЛЕН, за да биде целосна сликата“.
-Од ДУИ денес сите бегаат како од корона. Дури и ВМРО-ДПМНЕ и Максим Димитриевски бегаат од ДУИ и не сакаат влада со нив, рече Меџити на средби со граѓани во општина Чаир и во Сарај.
Ветува решавање на клучните проблеми на граѓаните во нивните општини.
За Меџити, само на тој начин ќе се претендира за европски вредности и европски фронтови. Немањето канализација и елементарни услови за живот е недозволиво, истакнува тој.