Македонија
Заврши епидемијата на мали сипаници, укинати мерките за контрола
Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство констатира дека се исполнети епидемиолошките услови за одјава на епидемијата на мали сипаници на територијата на целата држава, со што престануваат да важат дополнителните мерки за контрола на епидемијата, предложени од комисијата. Овој заклучок е донесен по поминати 45 дена од последниот пријавен лабораториски случај на мали сипаници или два максимални инкубациски периода од последниот потврден случај.
Во согласност со донесените заклучоци од комисијата, во тек е известување на сите јавни и приватни здравствени установи во државата за одјавување на епидемијата со морбили на ниво на целата држава. Комисијата препорачува во континуитет да се одржува висок опфат со МРП-вакцината (над 95 проценти) со цел да се превенираат идни епидемии.
Вкупниот број регистрирани случаи со морбили во нашата држава од декември 2018 година до крајот на минатата недела изнесуваше 1.901 случај со стапка на заболување од 91,9 на 100.000 жители. Според вакциналниот статус, вкупно 1.530 или 80,5 проценти од заболените деца биле невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Во согласност со податоците од Институтот на јавно здравје, во текот на епидемијата вкупно се вакцинирани 44.497 лица на возраст до 14 години, а се аплицирани и дополнителни 6.305 дози од вакцината кај лица над 14-годишна возраст, од кои повеќе од 60 отсто кај здравствени работници, студенти на медицина, стоматологија и фармација, специјализанти и ученици во средните медицински училишта и други контакти на заболените лица.
Со оглед на фактот дека болеста се регистрира во целиот европски регион, можна е појава на одделни импортирани случаи и ограничено ширење на болеста кај невакцинирани лица. Епидемиска појава од поголем обем во наредниот период не е веројатна поради зголемување на опфатот на подлежната популација на возраст до 14 години над 95 отсто и намалување на бројот на осетлива популација, кој дополнително е намален како резултат на вакцинацијата кај преостанатото население како противепидемиска мерка под услов и во наредниот период да се одржува високиот опфат со вакцинација кај подлежната кохорта од над 95 отсто во согласност со препораките на Светската здравствена организација, соопшти Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски подготвуваше оброци за народните кујни на Скопската епархија, ги повика сите кои можат да се приклучат
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, се приклучи во подготовката на оброци за народните кујни на Скопската Епархија, во рамки на хуманитарната организација „Св. Спас“ од Драчево.
„Заедно со отец Оливер од хуманитарната организација „Св. Спас“ од Драчево, подготвивме повеќе од 200 оброци кои ќе бидат распределени во пунктовите на народните кујни на Скопската Епархија. Мал гест, но со силна порака дека човечноста живее и дека добрината не згаснува. Свесни сме дека не можеме да помогнеме насекаде и на сите. Но можеме да дадеме сè од себе за оние на кои им е најпотребно, за нашите сограѓани да знаат дека не се сами. И токму тоа го правиме со срце, со искреност и со вера. Со отец Оливер, човек кого е благослов да го имаш покрај себе и кој секојдневно сведочи дела достојни за длабока почит, сме заедно уште од самото формирање на организацијата. Зад нас стојат бројни хумани дела, а пред нас уште многу можности да правиме добро. Така ќе продолжиме и понатаму. Затоа што само преку добри дела, без разлика на политичка, верска, етничка или каква било припадност, можеме да создадеме насмевки и да внесеме светлина таму каде што таа недостига. Ги повикувам сите кои можат, кои имаат и кои во срцето носат желба да помогнат, да се приклучат на оваа благородна мисија“, напиша Ѓорѓеивски на социјалните мрежи.
Македонија
Забрана за сообраќај за автобуси на патниот правец Тетово – Попова Шапка
Поради обилни врнежи од снег на патниот правец Тетово – Попова Шапка од 09:25 часот се воведува забрана за сообраќај за автобуси, извести АМСМ.
За леки коли е задолжителна зимска опрема (синџири), додаваат од АМСМ.
Македонија
Излеани реки, поплавени подруми, гаражи и дворови во Охрид и Битола, во Кичево евакуирани околу 100 луѓе
Поради обилните врнежи од дожд, локалниот пат помеѓу селата Форино и Тумчевиште, Општина Гостивар, е тешко прооден. За состојбата се известени ЕЛС Гостивар и ПС Чегране, информираше Центарот за управување со кризи.
Забележано е излевање на Лакавичка река во село Мало Турчане и на Сушечка река во село Горна Бањица, Општина Гостивар. За настаните се известени надлежните институции и службите за итно дејствување, кои ја следат состојбата на терен.
Во Општина Охрид евидентирани се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации во градот. Локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид се известени и постапуваат по пријавите. Реката Далјан е излеана од коритото на повеќе места, при што се поплавени голем број куќи, а службите за итно дејствување се организирани и се на терен.
Во Општина Кичево, на улицата „Прилепска“, поплавени се повеќе станбени објекти. Извршена е евакуација на околу 100 лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На терен интервенираа екипи на Црвен крст, ДЗС, РЦУК Кичево, ТППЕ Кичево, ЈП Комуналец и Општина Кичево.
На евакуираните лица им се обезбедени храна, вода, кревети, душеци и ќебиња.
Регистрирани се и излевања на Зајашка река во реонот над стадионот „Влазрими“ и новото училиште „Санде Штерјоски“, како и излевање на реката Треска на земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци, Вранешти и околината, извести ЦУК.
Поради обилните врнежи од дожд е забележано зголемување на водостојот на реките и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број куќи и дворни места. Во 09:00 часот е закажан состанок на Кризниот штаб на Општина Битола, со цел утврдување приоритети и координација на активностите на терен, соопшти ЦУК.

