Црна хроника
Разбојници со лажен пиштол ограбиле заложна куќа во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против две лица што се товарат за разбојништво.
Обвинетите како соизвршители, по претходен договор, на 19 септември во заложната куќа „Астра кредити“, на улицата Лондонска во Скопје, одзеле туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвојат, информираат од Обвинителството.
„Кога влегле во објектот, околу 11.50 часот, едниот од нив, држејќи во рака пиштол, кој всушност е запалка Pietro Bereta, побарал од оштетениот – вработен во заложната куќа, да го отвори сефот и да ги извади парите. Оштетениот постапил по ваквата наредба, го отворил сефот и на обвинетите им дал 120.000 денари. По ова, вториот обвинет се приближил до сефот и го зел остатокот од 180.450 денари, кои се наоѓале внатре. Двајцата обвинети потоа го напуштиле местото со мотор, кој бил паркиран во близина на заложната куќа“, велат од Обвинителството.
Со цел непречено водење на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави посебен предлог за продолжување на претходно определениот притвор за двајцата обвинети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Се преврте камион кај Желино
Тешка сообраќајна незгода се случи пред малку на автопатот Скопје – Тетово. Според првичните информации, камион се превртел веднаш по наплатната рампа кај Желино, што предизвика значителен застој во сообраќајот.
Блокирани се првите две ленти, а возилата се пропуштаат само по третата лента.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на условите на патот, да држат соодветно растојание и да бидат исклучително внимателни додека поминуваат на овој потег додека трае увидот и расчистувањето на теренот.
Топ
Маж и жена, државјани на Македонија загинаа на автопатот Белград – Ниш
Двајца државјани на Македонија, маж и жена од албанско потекло, загинаа рано утринава во тешка сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Белград – Ниш, кај клучката Умчари, пишува српски „Курир“.
Несреќата се случила кога патничко возило „сеат“, со германски регистарски таблички, излетало од патот. Според неофицијални информации, возачот изгубил контрола над возилото, удрил во заштитната ограда и сообраќаен знак, по што автомобилот завршил надвор од коловозот.
Надлежните органи продолжуваат со истрагата за целосно утврдување на околностите под кои се случила несреќата.
Црна хроника
Велешанец приведен со 1,62 промили алкохол, нападнал и полицаец
Полициски службеници од СВР Велес ноќеска во 02.10 часот го лишиле од слобода 49-годишниот М.Н. од Велес откако при контрола на ул. „Благој Ѓорев“ утврдиле дека вози со 1,62 промили алкохол во крвта. Откако бил приведен нападнал полициски службеник.
Како што денеска информираат од СВР Велес, при сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал М.Н. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта. Тој бил приведен во полициска станица, каде физички нападнал полициски службеник. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе бидат поднесени пријави по член 297-а и 383 од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, најавија од СВР Велес.

