Македонија
Демократски сојуз: Во шестата изборна единица со 7.000 гласови се обезбедува пратеник, а во првата со 10.000

Демократскиот сојуз смета дека Македонија мора да биде една изборна единица за секој глас да има иста тежина.
„Анализата што ја направи Демократскиот сојуз, недвосмислено потврдува дека поделбата на шест изборни единици единствено е во корист на шестата единица каде со седум илјади гласови се обезбедува пратенички мандат или со 140.000 гласа се освојуваат 20 пратенички мандати, за разлика од другите изборни единици (прва,трета итн.) каде за пратенички мандат гласале 10.000 гласачи или со 200.000 гласачи се избрани 20 пратеници. Накусо, во шестата изборна единица со 60.000 гласа помалку имаме 20 пратеници“, велат од Демократскиот сојуз.
Демократскиот сојуз бара Макединија да биде една изборна единица, со цел, како што велат, составот на Парламентот да биде реален одраз на волјата на граѓаните, а не непринципиелен политички договор, каде се фаворизираат партиите кои имат помногубројно гласачко тело во шестата изборна единица.
Оттука сметаат дека доколку Македонија биде една изборна единица, ќе се сруши монополската позиција на големите партии и конечно ќе се демонтира “еднопартискиот систем” на владеење.
„Помалите и новите партии ќе бидат застапени во Парламентот и ќе можат да влијаат при донесување на закони и одлуки битни за владеење на правото, ефикасна борба против корупцијата и побрза евроинтеграција“, додава политичката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието не ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик

Собранието денеска во рамки на 66. седница не ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик со кои требаше да се регулира колкав процент потписи од вкупниот број избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ) треба да соберат независните кандидати за учество на локалните избори.
Предлог измените и дополнувањата добија поддршка од мнозинството пратеници, но со оглед дека санува збор за решение кое се однесува на локалните избори, потребно беше да се гласа и по Бадентер. За предложените измени и дополнувања 18 од пратениците од помалите етнички заедници беа против, а 11 гласаа „за“.
Во текот на седницата прв за збор се јави Скендер Реџепи од движењето „Попули“, коалиција Европски фронт, кој оцени дека одлуката за поднесените измени е антиевропска и спротивна на Уставот и постоечките закони, додека Владата која е предлагач е моноетничка.
-Пред нас е Предлог-закон кој е во интерес на власта, а не и во интерес на граѓаните.
Претпладнево измените беа ставени на дневен ред на собраниската седница за да бидат донесени по скратена постапка. Потоа за нив расправаа матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија. Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците ги проследи на натамошна постапка во Собранието, усвојувајќи го амандманот од Левица – кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, да биде потребно да се соберат најмалку 0,5 проценти потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ), наместо првично предложеното решение кое предвидуваше собирање потписи 0,95 проценти од запишаните избирачи.
Македонија
Во првото полугодие од годинава бројот на туристи во Македонија е зголемен, вели Мицкоски

Во првото полугодие од 2025 година бројот на туристи во Македонија е поголем за 13,5 отсто споредено со истиот период 2024 година. Бројот на странските туристи е поголем за 19,7 отсто во 2025 година споредено со истиот период 2024 година. Бројот на домашните туристи е помал за 2,5 отсто споредено со истиот период 2024 година, објави македонскиот премиер Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
Тој пишува дека во истиот период од 2025 година има за 8,5 отсто повеќе реализирани ноќевања споредено со првата половина од 2024 година.
-Нашата Македонија е преубава, ако бројот на странските туристи се зголемува со ниво од 20 отсто годишно и наоѓаат причина да ги посетат македонските градови и села, македонските езера и планини, да уживаат во прекрасната македонска традиционална кујна и вина, тогаш тоа е доволна причина сите ние заедно да уживаме во убавините на Македонија, пишува премиерот Мицкоски на Фејсбук.
Македонија
Утре попладне дожд и грмежи

Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, утре во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Во понеделник се очекува на повеќе места да биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни со услови за невреме со пообилен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Како што информират од Управата за хидометеоролошки работи, во вторник ќе има услови за изолирана појава на нестабилност, а од среда ќе преовладува претежно стабилно време со постепен пораст на дневната температура.
Во Скопје, во понеделник времето ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Од УХМР апелираат во случај на појава на електрични празнења гражаните да бидат повнимателни, да не престојуваат на отворен простор и под осамени дрвја.