Македонија
Мицевски: СДСМ штанца закони како никогаш досега
Во последните две седмици во Собранието на Република Македонија пристигнати се 123 предлог-закони, што претставува рекорд во законодавниот дом. Владата предводена од СДСМ заедно со парламентарното мнозинство штанца закони како никогаш досега, со што се врши класична злоупотреба на институцијата, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Овие 123 закони парламентарното мнозинство сака да ги протне на мала врата, без никакви консултации со стручната јавност, без јавни расправи и без време пратениците од опозицијата да ги разгледаат текстовите на законите и соодветно да реагираат таму каде што има потреба“, рече тој.
Исто така, додаде Мицевски, не изостанува и континуираната злоупотреба на скратената постапка за која СДСМ, додека беше во опозиција, гласно реагира, а сега стана рекордер во донесени закони по скратена постапка, каде што бројката надминува над 55 отсто, што, како што рече, е погубно за една демократија и најубаво го отсликува самоволието што владее овие три години во македонското Собрание.
„Оваа бројка е уште попоразителна ако се земе фактот дека откако СДСМ е дојден на власт, па сè до октомври 2019, односно за три години донесени се 377 закони, а сега за две недели до Собранието се стасани 123 предлог-закони. Сакаме да потенцираме дека се работи за крајно популистички закони, кои не се во интерес на граѓаните, туку закони што треба да ја затскријат неспособноста на власта да си ги исполни ветувањата и преку овие закони сакаат да ги манипулираат граѓаните дека нешто работат“, рече Мицевски.
Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, апелираме до колегите од парламентарното мнозинтво, наместо да му се умилкуваат на Зоран Заев за нивните места на пратеничките листи, да се присетат дека тие се претставници на граѓаните, а не гласачка машинерија на погубните политики на Зоран Заев и раководството на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

