Свет
Министерот за внатрешни работи на Естонија ја нарече финската премиерка касиерка

Министерот за внатрешни работи на Естонија, Март Хелме, крена голема прашина со своите неодамнешни изјави за финската влада во која доминираат младите жени, пренесува „Спутник“ .
Хелме не штедеше зборови критикувајќи ја новата финска влада на левиот центар велејќи дека е составена од улични активисти и неписмени повикувајќи се дури и на историски паралели и го цитира Владимир Ленин, водачот на Октомвриската револуција во 1917 година.
Во радиоинтервју за естонската радиодифузна компанија ЕРР, Хелме изрази силни сомнежи за новата влада на Финска предводена од социјалдемократката Сана Марин, која во моментот е најмлада премиерка во светот со 34 години.
Хелме дури и потсети на Граѓанската војна од 1917 година, сè уште многу болна тема во Финска, повлекувајќи паралели помеѓу Црвената гарда и сегашната влада на левиот центар, доведувајќи ја во прашање нејзината способност да ги брани интересите на земјата.
„Сега можеме да ја видиме до одреден степен одмаздата на црвените врз белите, со тоа што црвените, кои сакаа да ја уништат Финска, се дојдени на власт и сега се обидуваат да ја направат Финска некаква европска провинција, која може да го носи името Суоми или Финска“, рече Хелме цитиран од „ Хуфвудстадсбладет“.
Понатаму, Хелме изрази сомнеж и за искуството и способноста на Сана Марин, па дури и го цитира Владимир Ленин, водачот на Руската револуција.
„Се сеќавам дека Владимир Улјанов Ленин тврдеше оти секоја слугинка може да стане министер или што и да било. Сега гледаме дека касиерката стана премиер, а во исто време некои други улични активисти и неписмени станаа членки на владата “, рече Хелме предвидувајќи пораст на моќта за десничарската партија Финци.
Кога вербалниот напад на Хелме се рашири во Финска, многу Финци побрзаа кон социјалните мрежи да го изразат својот гнев.
„Почитуван министере, Март Хелме! Се гордеам што живеам во земја во која секоја слугинка може да стане министер. Уште сум горд што Финска беше првата земја каде што слугинката стана министер пред 92 години кога Мина Силанпа го доби портфолиото на министерот за социјална сигурност“, објави корисник на „Твитер“.
„Изгледа е завист. Се сеќавам на естонската економија базирана на продажба на маици и чорапи пред речиси 30 години“, се подбиваше друг корисник на „Твитер“.
Другите го нарекоа Хелме идиот и популистичко пувало, па дури и го споредуваа со иранското свештенство.
„Преку својата изјава естонскиот министер Март Хелме значително им наштети на односите на Естонија со еден од нашите најзначајни пријатели – Финска. Срамота е што владата се однесува кон Финска на овој начин. Министерот за внатрешни работи треба да биде разрешен веднаш“, изјави поранешниот министер за надворешни работи на Естонија, Урмас Пает, во твит.
Самата Сана Марин, која стана премиер по оставката на нејзиниот висок партиски колега Анти Рин, возврати дека се гордее на Финска, земја во која дури и касиерка може да стане премиер.
„Јас неверојатно се гордеам со Финска. Тука дете од сиромашно семејство може да добие добро образование и да постигне многу во животот. Дури и касиерката може да стане премиер. Финска не би преживеала без работници“, објавила таа во твит.
Хелме подоцна изјави дека неговите изјави за финската премиерка се негови и не претставуваат став на естонската влада. Во исто време тој истакна дека не ги доведува во прашање соработката, пријателството и топлите чувства помеѓу Финска и Естонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Украина и Европа подготвуваат мировен план од 12 точки за крај на војната

Европските земји во соработка со Украина изработуваат предлог од 12 точки за запирање на војната, кој би се темелел на задржување на постојните линии на фронтот, објави „Блумберг“.
Според изворите на агенцијата, планот предвидува прекин на огнот, враќање на украинските деца депортирани во Русија, размена на заробеници, гаранции за безбедност и финансиска помош за обнова на Украина, како и забрзан пат кон членство во Европската унија.
Спроведувањето на договорот би го надгледувал мировен одбор под раководство на американскиот претседател Доналд Трамп. Санкциите кон Москва би се укинале постепено, а околу 300 милијарди евра замрзнати руски средства би ѝ биле вратени дури по прифаќањето на руската финансиска помош за реконструкцијата на Украина.
Планот засега не е финализиран и може да претрпи измени. Европски претставници оваа недела ќе отпатуваат во Вашингтон за разговори, а целта е со договорот да се отвори пат за почеток на мировни преговори меѓу Киев и Москва, наведува Блумберг.
Регион
Хрватска урива стотина дивоградби покрај брегот

Во наредните три недели на плажата Зрќе во Новалија ќе бидат урнати 124 бесправно изградени објекти, соопшти Државниот инспекторат на Хрватска, пренесе „Јутарњи“. Од нив, 119 се наоѓаат во камп, а пет се угостителски објекти изградени без дозвола надвор од градежната зона.
Инспекторатот соопшти дека отстранувањето ќе се врши на трошок на сопствениците и е проценето на околу 720 илјади евра. Акции за уривање на нелегални градби ќе има и во други делови oд Хрватска.
Од 2019 година досега во таа земја се отстранети повеќе од 2300 нелегални градби, спроведени се повеќе од 42 илјади инспекциски надзори, поднесени се 334 кривични пријави, а изречените парични казни достигнуваат 16,5 милиони евра, соопшти Инспекторатот.
Свет
„Дојче веле“: Хамас и ИСИС добиваат пари од Германија

Терористички организации како Хамас и Исламска држава добиваат финансиска поддршка од Германија преку донации собрани на социјалните мрежи, објави Дојче веле. Според истражувањето, повици за „давање богатство за џихад“ кружат на интернет, а од германски следбеници се бараат пари за оружје.
Главна фигура во мрежата на финансирање, според германските истражители, е жена од Минхен, Елиф О., која како тинејџерка заминала во Сирија и наводно сега ги координира донациите за жените-припаднички на ИСИС. Судовите веќе осудиле неколку нејзини помагачи кои собрале околу 40 000 евра.
Поради правни ограничувања, тешко е да се докаже дека конкретна донација директно финансирала терористички чин. Затоа германското министерство за правда подготвува закон со кој би се казнувал и обид за финансирање тероризам.
Според експертот за тероризам Ханс-Јакоб Шиндлер, Германија треба да го следи американскиот модел каде секоја донација кон организација од листата се смета за финансирање тероризам и се казнува со најмалку десет години затвор.
Истражувањето наведува и пример со австрискиот активист Мустафа А. од Линц, кој преку својот Телеграм-канал „Gaza Now“ собирал крипто-донации во милионски износи, дел од кои, според американската компанија Chainalysis, завршиле кај Хамас. Тој е во притвор, а САД и Британија го ставиле на своите санкциски листи уште во март 2024 година.