Македонија
Потпишан договорот за граничниот премин Лојане – Миратовац

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик претседателот на Владата Бујар Османи денеска остварија работна средба со министерот за внатрешни работи на Република Србија Небојша Стефановиќ. Поводот за средбата беше потпишувањето на три билатерални договори меѓу двете влади, кои се во интерес на граѓаните на двете држави, и тоа спогодба за отворање на заеднички граничен премин Лојане-Миратовац и договори за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе и против криумчарење мигранти.
„Наша основна цел како влада е посветено и постојано да работиме на целосно задоволување на потребите и барањата на нашите граѓани. За таа цел како прв од трите правни акти кои денеска ги потпишавме, сакам да ја нагласам Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за отворање на заеднички граничен премин Лојане-Миратовaц. Овој граничен премин е проблем со кој жителите на двете села се борат скоро 20 години. Нашата работа започнува со отворање на заеднички граничен премин кој, за почеток, ќе функционира како Граничен премин за локален сообраќај, а по исполнување на условите конечно ќе профункционира и како Заеднички граничен премин за меѓународен патен сообраќај“, истакна министерот Спасовски на прес конференцијата.
Тој додаде дека од голема важност се и другите два договора меѓу двете влади, и тоа за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе и против криумчарење мигранти, особено што само со взаемна соработка може да се постигне целосно справување со проблемот со мигрантите, но и со организираниот криминал и тероризам, како предизвици кои во денешно време важат за најголем и најсериозен проблем со кој се соочува секое општество.
„Станува збор за стара иницијатива која долги години не успеваше да се наметне како висок приоритет но, по Oхридскиот самит, каде со претседателот Вучиќ презедовме обврска да го подигнеме приоритетот на овој проект, работите се одвиваат на забрзана лента“, истакна Османи, посочувајќи дека со овој проект се обезбедува директен линк за комуникација на жителите на Лојане и Миратовац и околните места, кои досега мораа да патуваат и по 40 километри за да комуницираат со местата кои им се оддалечени само 2 километри.
Министерот за внатрешни работи на Република Србија Небојша Стефановиќ изрази задоволство што владите од двете земји обрнуваат посебно внимание на темите коишто се важни и ги олеснуваат животите на луѓето.
„Потпишаните договори се значајни затоа што поставивме основи за заедничко решавање на актуелни проблеми на граѓаните од двете држави, во насока на нивна поголема безбедност, како и за продлабочување на професиоалната соработка на нашите полициски служби“, истакна министерот Стефановиќ.
Тој потсети дека двете земји дадоа одличен одговор за време на мигрантската криза, покажувајќи солидарност и зајакната соработка на граничните премини. Тој подвлече дека полициските служби од двете земји континуирано работат да се најде најдобар одговор во делот на спречување на криумчарењето на мигранти, борбата со трговијата со луѓе и сузбивање на организираните криминални групи, додавајќи: „Заедничкиот граничен премин Лојане-Миратовац ќе овозможи регионално олеснување на трговијата, помали трошоци за граѓаните, побрз проток на луѓе и стоки и отворање на нови можности за проширување на соработката меѓу двете земји“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јанев на заокружување на обуката „Истрага на местото на настанот“, насочена кон унапредување на истражните капацитети на полициските сили

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев присуствуваше на свеченоста за доделување на дипломите, што се одржа во Центарот за обука на полицијата во Идризово, заедно со помошник министерот за внатрешни работи и началник на Центарот за обука, Влатко Митковски, како и со амбасадорот на Италија во нашата земја, Н.Е. Паоло Палминтери.
Обуката беше реализирана од Вишиот институт за истражни техники на карабинерите на Италија, со организациска поддршка од Италијанската амбасада во Скопје.
Учесниците на курсот имаа можност да стекнат напредни знаења и практични вештини за истражување на место на настан, притоа следејќи современи европски и меѓународни стандарди.
“Посебна благодарност упатувам до италијанските експерти за нивниот професионален ангажман и пренесеното знаење и сакам да истакнам дека како институција, особено ја цениме оваа соработка што претставува значаен чекор кон унапредување на капацитетите на нашата полиција и поддршка на владеењето на правото”, истакна директорот Јанев, додавајќи дека ова е уште еден показател за успешната и стратешки ориентирана билатерална соработка со Италија во областа на безбедноста и претставува дел од заедничките напори за градење побезбедно и посилно општество.
Македонија
Николоски учествува на висок министерски форум во Истанбул

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска и утре учествува на Форум за министри за транспорт што се одржува во Истанбул.
Во планираната агенда е предвидено обраќање на вицепремиерот Николоски на панелот насловен ,, Иновативни можности и решенија за финансирање на транспортни коридори” .
На Форумот ,,Глобална Транспортна Поврзаност” предвидено е да се обрати претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, министерот за транспорт на Турција, Абдулкадир Уралоглу како и други министри од Европа и светот.
На настанот ќе земат учество и бројни министри како што се министерот за транспорт на Шпанија, на Албанија, на Саудиска Арабија, Сингапур, Црна Гора, Обединетите Арапски Емирати, како и многу други високи претставници од институции од областа на транспортот.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими припаднички на Армијата кои успешно завршија обука во САД

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими капетанката Неда Волчева и поручничката Сара Тасевска кои успешно го завршија седуммесечниот курс „Maneuver Captain’s Career Course“во Џорџија, САД, организиран од американскиот тренинг центар „Fort Moore”.
На средбата на којашто присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и американската амбасадорка Анџела Агелер, двете припаднички на Армијата ја запознаа претседателката со фазите, содржините и квалитетот на воено-образовната обука и ги споделија нивните натамошни планови, заложби и амбиции за кариерен напредок.
Препознавајќи во нив потенцијал за идни генерали, Сиљановска-Давкова им честиташе на Волчева и Тасевска за успешно завршената обука и изрази уверување дека стекнатите знаења, вештини и експертиза ќе ги применат во интерес на македонската армија.
Според неа, реализацијата на оваа програма претставува влог во македонско-американското партнерство и е посебно значајна за промоција на земјава како лојален и кредибилен сојузник во НАТО.
Признавајќи ги одличните резултати што ги постигнуваат жените, соговорниците се согласија дека нивното партиципирање во меѓународните обуки треба да биде редовна пракса.
Сиљановска-Давкова на средбата ја реафирмираше својата заложба за формирање на Регионален центар за извонредност за жени, мир и безбедност со седиште во Скопје, заради промоција на жените во безбедноста и одбраната во регионот.