Македонија
Министерот Филипче во Куманово: Пензионерите повеќе не прават домашни аптеки
Пензионерите повеќе не прават домашни аптеки, лековите се достапни секој ден и во секое време. Укинувањето на квотите се придобивка не само за пензионерите, туку за сите граѓани. Ова е пораката од денешната средба на министерот за здравство, Венко Филипче со Здружението на пензионери од Куманово.
„Мерките кои ги имплементираме даваат резултати. Со укинувањето на квотите, пациентите можат во секое време да ја земат својата терапија од аптеките ширум целата држава. Го решивме деценискиот проблем и го зајакнуваме јавното здравство. Нема повеќе инсулини од паралелен увоз. Воведовме три нови типови на инсулини, кои се оригинални инсулини со сертификат, какви што се носат во сите развиени европски земји. Платите на здравствените работници ги зголемуваме за да им овозможиме достоинствени услови за работа. Тие да бидат мотивирани и среќни во својата работа“, потенцираше министерот Филипче.
Пензионерите изразија благодарност до министерот Филипче за укинувањето на квотите и овозможувањето достапна терапија за секого, грижа кон пациентите и унапредувањето на здравствениот сектор во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Фероинвест“ донираше медицински мебел произведен во „Брако“ на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија
Компанијата ФЕРОИНВЕСТ реализираше донација на медицински мебел и опрема произведени во фабриката БРАКО од Велес, наменета за Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија во Скопје.
Донацијата е реализирана по официјално барање на Клиниката, која се обрати со молба за поддршка при обнова на медицинскиот мебел и асортимантот во неколку оддели, со цел подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал и квалитетот на здравствените услуги.
Во рамки на донацијата, ФЕРОИНВЕСТ донираше медицински ормари, отомани, паравани, скали, колички и статични држачи за инфузија, сите дизајнирани и произведени во БРАКО, фабрика која е долгогодишен партнер на здравствените установи во земјата и регионот.
Со оваа донација, одделот на д-р Игор Џиковски при Клиниката доби современо уредени простории, целосно подготвени за започнување со работа и интеграција на новата медицинска опрема.
Со новата опрема, обезбедени се модерни, функционални и безбедни услови за работа, што ќе придонесе за поефикасно лекување и подобра грижа за пациентите.
ПР
Македонија
(Видео) МВР: Десет пријави за прекршување на изборниот молк, едно лице приведено во Шуто Оризари
За време на предизборниот молк регистрирани се 10 пријави за негово нарушување од кои по три на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, две на подрачје на СВР Штип и по една на подрачје на СВР Тетово и СВР Битола. По преземени мерки не се потврдени пријавите за шест настани, соопшти МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови. Во врска со гласањето, на 01.11.2025 регистриран е настан за фотографирање кочан со гласачките ливчиња во основното училиште „26 Јули” во општина Шуто Оризари, при што приведено е едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот“, велат од МВР.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето.
Македонија
Четири општини останаа без гласање, повторени избори во рок од 60 дена
Денеска нема да се одржи гласање во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, поради недоволна излезеност во првиот круг од локалните избори 2025.
Во првиот круг излезеноста била: Гостивар – 33,31%, Маврово и Ростуше – 30,31%, Врапчиште – 25,18%, Центар Жупа – 21,49%, што е под законскиот минимум од една третина од запишаните гласачи.
Според Изборниот законик, изборниот процес ќе се повтори во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори.
Денеска се одржува вториот круг од изборите за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Според податоците од Државната изборна комисија, одѕивот до 9 часот е 2,88 проценти.

