Македонија
Мицкоски со амбасадорката на Шведска: Имаме план за членство во ЕУ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Кристин Форшгрен Бенгтсон.
На средбата се разговараше за актуелните политички случувања во Македонија, предизвиците со кои се соочува нашата држава на европскиот пат и претстојните парламентарни избори.
Мицкоски посочи дека главна стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ е членството во Европската Унија, притоа истакнувајќи дека по 12 април, новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има план како да ја стави Република Македонија на брзата трака за членство во Унијата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека најголемиот проблем со кој се соочува нашата држава е криминалот и корупцијата во највисоките ешалони на власта, а воедно, како што рече, ова е еден од клучните предизвици за Македонија на патот кон ЕУ и аргумент повеќе за оние кои се скептични за натамошното проширување на Унијата.
Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ посочи тој, ќе се фокусира на суштинските реформи во правосудството и искоренување на криминалот и корупцијата во Република Македонија.
Соговорниците се согласија дека соработката помеѓу двете држави е на одлично ниво, но постои простор за дополнително продлабочување на соработката помеѓу Република Македонија и Кралството Шведска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата го усвои ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност
На денешната владина седница беше усвоен ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), во делот кој се однесува на роковите и институциите одговорни за спроведување на активностите.
„Работната група, составена од претставници на различни институции, која беше одговорна и за ревидија на Акциониот план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), од септември интензивно работеше на ажурирање на актуелниот план, со цел институциите да обезбедат уште по транспарентен пристап кон граѓаните“, соопштија од кабинетот на заменик-претседателот задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи.
„Транспарентноста е и останува приоритет на оваа Влада. Со оваа одлука обезбедуваме Стратегијата за транспарентност да се спроведува со забрзан ритам и со целосна одговорност“, рече тој.
Во финална фаза е и формирањето на новата Работна група за изработка на Стратегијата за транспарентност 2027-2029.
Македонија
Велковски: Насилството врз жената и семејното насилство не е приватна работа, тоа е општествен, културолошки и системски проблем
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, присуствуваше на настан организиран по повод почетокот на 16 дена активизам против родово базирано насилство насловен „Од пријавување на насилство до спречување на фемицид – системски одговор“ од страна на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во земјава.
Во своето обраќање Велковски се осврна на важноста на темата на која и покрај напредокот, сè уште бара внимание, посветеност и несопирлива борба.
„Насилството врз жените претставува директно нарушување на човековите права, и затоа секој од нас има одговорност да делува. Насилството врз жените и семејното насилство се појавуваат во најразлични форми и се присутни во сите општества – без исклучок. Некогаш се видливи, некогаш затскриени зад ѕидовите на тишината, но секогаш присутни. И затоа, молкот не смее да биде опција. Нашата обврска е да го препознаеме насилството, да реагираме и да делуваме,“ истакна Велковски.
Тој се осврна и на фемицидот како последна, најстрашна алка во синџирот насилство што започнува тивко – со навреди, омаловажување, контрола, закани – а преминува во физичко малтретирање, тешки повреди и, за жал, премногу често завршува со смрт.
„Овој проблем не е приватна работа на едно семејство. Тој е општествен, културолошки и системски проблем, кој бара координирана, стручна и долгорочна акција. Нашата држава веќе има изграден стабилен механизам за заштита од насилство, и радува фактот што јавната свест сè повеќе се буди,“ рече Велковски.
Тој информираше дека министерството работи на осумгодишна Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, со детално разработен акциски план за спроведување на мерките.
„Знаењето, алатките и законските механизми ги имаме. Но само заедно – институциите, невладините организации, локалните самоуправи, стручните лица и сите партнери – можеме да создадеме општество во кое жените ќе бидат безбедни,“ порача Велковски.
На крајот порача дека Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и Владата на Република Македонија, остануваат целосно посветени на обезбедување брза и ефикасна заштита, целосна поддршка за жртвите и ефикасна превенција.
Македонија
Владата именува повереници за општините Маврово Ростуше, Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште
Владата на денешната седница именува повереници за општините Маврово Ростуше, Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште во кои што на локалните избори во октомври не беа избрани градоначалници поради недоволната излезност.
„Во врска со условот од член 132 став 2 од Изборниот законик за избор на градоначалници на општините да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во избирачкиот список за соодветна општина не е исполнет во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Во однос на истото, согласно член 134 став 2 од Изборниот законик Владата за повереници за вршење на работите од надлежност на градоначалник за наведените општини ги именува: Онер Јакупоски за повереник за Општина Маврово Ростуше, Аријан Ибраим за повереник за Центар Жупа, Буњамин Кадриу за Врапчиште и Фадил Џелили за Гостивар“, соопштија од Владата.
Изборите во овие општини ќе се одржат на 11 јануари 2026 година.

