Македонија
Макрадули ги посети училиштата во Кавадарци каде се воведоа еколошки системи за затоплување

Мерките од Планот за чист воздух на Владата во интегрирана акција со локалната власт и граѓанските здруженија придонесуваат за намалување на аерозагадувањето.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, оствари работна средба со градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, на која се разговараше за поддршката што општината ја доби од програмата на МЖСПП за намалување на загадувањето и за промена на стари врати и прозорци за енергетски ефикасни објекти на дел од општинските и подрачните училишта.
„Ме радува што заеднички соработуваме во зачувувањето на здравата животна средина, но и намалувањето на аерозагадувањето, како еден од најголемите предизвици што постојат во нашата земја. Денеска во рамки на имплементацијата на Планот за чист воздух на Владата на Северна Македонија, заедно со градоначалникот на општина Кавадарци, посетивме дел од училиштата каде се врши замена на загадувачките системи за затоплување со еколошки, како и на објектите каде е предвидена замена на старите прозорци и врати, со цел подобрување на енергетската ефикасност. Она што сакам да го нагласам е дека ова не само што е добро за децата кои учат таму, туку тоа значи и заштеда на пари“, рече заменик-министерот Макрадули.
Макрадули и градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, потоа направија обиколка на објектите кај кои веќе се спроведуваат активности за енергетската ефикасност во вкупна вредност од 1,8 милиони денари, во основните училишта „Страшо Пинџур” во Возарци, „Страшо Пинџур” во Дреново, „Тоше Велков Пепето” во Кавадарци, потоа во ЕМУЦ „Киро Спанџов“ во Кавадарци и во ученичкиот дом во Дреново.
Како дел од мерките од Планот за чист воздух, ќе бидат заменети нееколошките системи за греење во ОУ „Димката Ангелов – Габерот“ и во детската градинка „Рада Поцева” во Кавадарци и за овие интервенции се определи 5,2 милиони денари.
„Во една заедничка борба ќе успееме да се справиме со предизвиците за заштита на животната средина. Успехот зависи од интегрирана и координирана акција на сите чинители, на централната и локалната власт, деловната заедница и граѓанските здруженија“, истакна заменик-министерот Макрадули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала локална облачност, максималната температура до 21 степен

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од улица Благоја, улица Маџари, Пекара КИС МИ Стефковски и улица Ордан Поп Јорданов (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 10:00 часот, локалите во трговскиот центар до пазарот (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со претставници на „Habitat for Humanity International“ и на „Хабитат Македонија“

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска разговараше со претставници од САД на глобалната мрежа „Habitat for Humanity International“, како и со националниот директор на „Хабитат Македонија“, Зоран Костов и со претседателот на Управниот одбор, Драган Малиновски.
Таа, најпрво им ја честиташе дваесетгодишнината од основањето, посакувајќи им понатамошен успех во реализацијата на благородната идеја за градење свет во којшто секој ќе може да го оствари правото на пристојно живеење.
За неа, импресивна и инспиративна е нивната несебична заложба и неуморна работа насочена кон подигање на квалитетот на домувањето на сиромашните луѓе, неможна без волонтирање, застапување и подигање на јавната свест за поголема солидарност во развојот на заедницата.
„Ние, како и многу други држави мора да вложиме особен напор во унапредувањето на квалитетот на живеењето, секаде и за сите, ставајќи крај на супстандардните услови во некои средини, недостојни за живот“, смета претседателката.
„Претставниците на „Habitat for Humanity International“, со љубов и страст зборуваа за своите ангажмани во справувањето со енергетската сиромаштија и гарантирањето стандарди во нејзиното користење ширум светот, потенцирајќи дека се трогнати од добрината, благодарноста и активноста на македонските граѓани. Тие ја истакнаа незаменливата улога на невладините организации, како кредибилни партнери на овој план и укажаа на неопходноста од постојана и интензивна владино-невладина соработка во функција на остварување подобри резултати“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Македонските претставници ја презентираа својата досегашна работа, насочена кон овозможување инклузивен и одржлив развој на сиромашните средини, како ромските, но и други, со финансиска помош на ЕУ.
Тие ги посочија активните проекти во повеќе од 30 општини, како и пионерските партнерства со институциите за микрофинанисирање.
Соговорниците се согласија за нужноста од стратешки пристап кон домувањето за да се намали, па и спречи егзодусот на најквалификуваниот кадар, како неспорен и докажан промотор на иновации и главен носител на развојот во сите средини.