Економија
Погледнете како изгледаше приватната Jägermeister-забава во Берлин, Барселона и Ибица

На 29 ноември се одржа спектакуларниот настан штоги соедини забавата, вашиот омилен пијалак и патувањето на едно место. Скопје звучеше како светските метрополи познати по големите забави, посветувајќи големо внимание на атмосферата, тематиката и многубројните изненадувања кои овозможија интеракција со присутните во текот на целата вечер. Сè беше во боите на Jägermeister.
Jägermeister Boat Party се одржа на Бродот на среќата. Поради автентичниот изглед на бродот, кој е синоним за патување, во текот на вечерта сите присутни беа дел од забавите кои се одвиваа на три локации – Берлин, Барселона и Ибица, а секоја од нив беше проследена со автентична музика и Jägermeister-шотови.
Првата станица беше Берлин. Овој дел од вечерта доминираше underground hip hop музиката заедно со DJ GOCE SAF. Од Бродот на среќата одекнуваше оваа популарна музика која предизвика воодушевување и еуфорија кај присутните. Покрај одличната музика, присутните имаа можност да уживаат и во храната автентично подготвена во боите на Jägermeister.
Втората станица беше Барселона. На неа сè беше во знакот на латино музиката со DJ Dukey и Conga. Гостите добија флуоресцентни алки и беа пречекани од танчерки облечени во автентична облека забавувајќи ги гостите во латино звуците. Се служеа Jägermeister-коктели, кои совршено одговараат со пијалакот, а девојките од танцовиот клуб „Сонриса“ се погрижија да ја вжештат атмосферата.
Покрај агендата и разновидната музика за сечиј вкус, вечерта беше исполнета со многу изненадувања кои никого не оставија рамнодушни. Интересни тетоважи, чаши со фотографии и подароци поради кои оваа вечер ќе се запомни како едно сосема поинакво и спектакуларно доживување.
Забавата беше приватна, а сите поканети добија креативни покани за патувањето во кое уживаа заедно со Jägermeister на Бродот на среќата.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Муцунски: Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд-инвестиции

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димоски, денеска одржаа тематска прес-конференција, на која говореа за последниот извештај на „Фајненшл Тајмс“ – fDi Intelligence, според кој Северна Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП.
„Денес споделуваме резултати што се видливи и недвосмислени. Според најновиот извештај на ‘Фајненшл Тајмс’ – fDi Intelligence, нашата земја е меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП. Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати“, истакна министерот Муцунски.
Тој појасни дека гринфилд инвестициите значат нови фабрики, капацитети и нови работни места, додавајќи дека овој индекс покажува оти државата привлекува повеќе нов капитал отколку што би се очекувало за нејзината економска тежина – дека остварените резултати во делот на странските инвестиции се над нашата категорија.
„Тоа е порака до инвеститорите и граѓаните: тука вреди да се инвестира, да се гради, да се остане. Тоа е јасен сигнал дека енергетската транзиција и индустрискиот раст се во фаза на реализација – не само план или парола. И да бидеме јасни: ова признание не е случајно. Градиме предвидливост. Ние сме кредибилна членка на НАТО. Се поврзуваме со европските коридори. Испраќаме порака дека нашата држава е сигурен и достоинствен партнер“, додаде министерот Муцунски.
На прес-конференцијата тој истакна и дека граѓаните очекуваат чесна држава и јасни правила, подобро платени работни места и пониски трошоци. Во таа насока, нагласи дека целта не е постигната и дека Владата го забрзува чекорот:
„Денес не велиме ‘целта е постигната’. Денес го забрзуваме чекорот. Поедноставуваме постапки, кратиме рокови, ги поврзуваме домашните компании со странските инвеститори, вложуваме во вештини за младите. И, најважно – создаваме систем во кој никој не е над законот, затоа што довербата е нашата најсилна валута за раст“, заклучи министерот.
Директорот Димоски, пред медиумите, истакна дека денешниот успех претставува признание за стратегијата, пристапот и политиките што ги спроведува Владата во областа на привлекувањето странски директни инвестиции, каде клучни приоритети се економскиот раст, креирањето нови работни места и привлекувањето инвестиции со висока додадена вредност за македонската економија.
„После само една година посветена и напорна работа, сведоци сме дека, според последниот извештај кој веќе десет години го подготвува ‘fDi Intelligence’, специјален истражувачки оддел на ‘Фајненшл Тајмс’, Македонија е рангирана на шестото место во светот во привлекувањето на странски инвестиции во однос на бруто домашниот производ“, истакна Димоски.
Тој потенцираше дека крајната цел е структурна промена во начинот на привлекување инвестиции – со фокус на квалитет и додадена вредност, наспроти квантитет и обем на проекти – што е суштинската разлика која ја издвојува нашата земја од многу други економии во минатото, но и моментално во регионот.
Економија
Мицкоски: Македонија е шеста држава во привлекување странски инвестиции по БДП

Ќе бидам прецизен за да не бидам погрешно разбран, зборувавме дека сме четврта економија во Европа. За жал се уште постојат такви кои на брутален начин лешинарски се обидуваат да дефокусираат, многу јасно и прецизно рековме тогаш дека станува збор за четврти најголем раст на БДП во Европа. Така и ова ние сме шеста држава по бројот, обемот и волуменот на странски инвестиции во светот според БДП, значи да бидеме прецизни, да не оставиме на овој тип на луѓе да го дефокусираат и ова, вели премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски додаде дека според Светската туристичка организација на ОН, Македонија е шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година.
„И исто така треба да кажеме дека Обединетите Нации секторот туризам објавуваше дека сме шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година. Тоа се параметри кои се добри и значајни. Дали тоа ќе се почувствува кај стандардот кај граѓаните, јас сум убеден дека тоа се случува, можеби доаѓа споро, но во периодот кој што следи ќе биде уште по изразено. Имајќи предвид дека без да имаме интервенционизам, популизам и без да имаме начин на кој што порано се зголемуваше просечната плата, ние го имаме истиот раст од 11, 12 и 13 проценти, што значи дека стандардот полека но сигурно доаѓа на свое место“, истакна тој.
„Примарна наша цел беше да се консолидираме како држава, ценам дека сме во таа состојба на консолидирање и сега е времето да се почне со раст, односно да се почувствува сето она за кое што денеска зборуваме. Затоа велам ако ние имаме раст на платите од 11, 12, 13 проценти на месечно ниво, а инфлација условно кажано во просек од 4 проценти, тогаш нето имаме зголемување од 7 проценти. Каква беше состојбата пред година ипол, две: Тогаш имавме просечна инфлација од 15,18, 20 проценти, и раст на платите кое што беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега кој е во позитива“, посочи премиерот Мицкоски.
Економија
Советот на Народната банка донесе одлуки за унапредување на заштитата на потрошувачите на финансиски услуги

На својата последна седница, Советот на Народната банка усвои четири значајни одлуки насочени кон зајакнување на системот за заштита на потрошувачите, коишто треба да обезбедат поголема транспарентност, фер практики и ефикасно постапување по поплаките на граѓаните од страна на банките и штедилниците, како и соодветни контролни механизми од страна на Народната банка во оваа област.
Со Одлуката за обезбедување јасни, релевантни и навремени информации за производите и услугите, којашто беше усвоена од Советот, се воведува задолжителна обврска за банките да обезбедуваат точни, разбирливи и навремени информации на потрошувачите, особено пред склучувањето договори за кредити и депозити. Информациите треба да дадат јасни насоки во однос на основните придобивки, ризиците и условите за користење на производот или на услугата, вклучително и за трошоците поврзани со финансиските производи и услуги, извести Народната банка.
Со усвоената Одлука за обезбедување фер и транспарентен пристап при склучување и примена на договорите со потрошувачите се воспоставуваат стандарди за фер пристап кон потрошувачите, како и забрана за нефер, измамнички и агресивни деловни практики. Воедно, се дефинираат основните можни ризиците кои треба јасно да им бидат објаснети на потрошувачите пред склучување на договор, а банките се задолжуваат да донесат интерни акти со кои ќе обезбедат фер практика и недискриминација, вклучително и во однос на потрошувачите со попреченост.
Одлуката за воспоставување систем за прием, евиденција и правично постапување со поплаките на потрошувачите го уредува начинот на поднесување, прием и разгледување на поплаки во банките, како и обврска за почитување на рокови за одговарање на поплаките и формирање посебна организациска единица или назначување лице задолжено за заштита на потрошувачите во банките и штедилниците.
Одлуката за начинот на вршење контрола над работењето на финансиските институции во доменот на заштитата на потрошувачите ги пропишува основните видови на контроли во доменот на заштита на потрошувачите. Покрај теренски и вонтеренски контроли, се предвидуваат и хоризонтални контроли на одредена тема кај сите банки и штедилници, како и контрола преку „таинствено купување“ по примерот на напредните европски практики.
Со овие четири одлуки, Народната банка поставува правила и механизми за подобра заштита на правата и интересите на потрошувачите, придонесувајќи кон потранспарентна и пофер средина за користење на финансиските услуги, како и поголема финансиска инклузија, се додава во соопштението на Народната банка.